Бизнисмените бараат владина помош за стопанството за фирмите да може да ја пребродат кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Народната банка ја намали референтната каматна стапка за да влијае за поевтинување на кредитите, а владата денеска или утре треба да соопшти колку ќе може да им излезе во пресрет на компаниите. Нешто ќе се прави со пренамена на пари од буџетот, а нешто веројатно со задолжувања.
САД и земјите од ЕУ веќе најавија мерки за помош на нивните стопанства во вредност од десетици милијарди евра.
Никој нема да остане неоштетен од кризата
Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) и Сојузот на стопански комори (ССК) вчера до Владата и официјално ги доставија барањата за справување со новонастанатата ситуација предизвикана од коронавирусот.
Според коморите, вработените кои ќе бидат дома и во самоизолација треба да имаат третман на болни и да бидат платени од Фондот на здравство за период од еден месец, а потоа да се дејствува согласно ситуацијата.
Тие бараат даночни олеснувања, субвенционирање на платите за сите вработени додека траат превентивните мерки, субвенции на трошоците на компаниите за бруто плати за сите кои се отсутни од работа – хронично болни и родители на деца под 10 години, исплаќање нето плати без придонеси без да се блокираат сметките и без казни за работодавачите ако некоја фирма не може да исплати цела плата, намалување на придонесите за сите вработени од најмалку 50 отсто додека трае кризата поради намален ефективен фонд на часови.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески во интервју за МИА во недела рече дека во вакви услови треба да бидат избалансирани степенот на барањата на компаниите и реалната можност на државата да одговори на нив. Двете страни, додава, треба да ги приближуваат ставовите со упорни преговори.
„Не може да се очекува дека никој нема да биде оштетен во текот на расчистувањето на состојбите“, рече тој.
Мерки за санирање на штетите врз стопанството
Премиерот Оливер Спасовски вчера посочи дека се прават напори за зачувување на економијата и се подготвуваат низа мерки за директна помош. Како најпогодени сектори ги наведе транспортот, туризмот и угостителството. Тој најави дека економскиот тим на Владата ќе преземе конкретни чекори со точно дефинирани временски периоди за помош на бизнис секторот.
Мерки за санирање на штетите врз економијата предизвикани од пандемијата на коронавирусот во четвртокот побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој предлага замрзнување на обврските кон државата на фирмите погодени од пандемијата, замрзнување на обврските кон банките за март и државата да ги плати каматите за кредитите на фирмите и граѓаните за март.
„Државата да ги плати трошоците за вработените во компаниите погодени од состојбата со корона вирусот до висина од 50-тина проценти, знаете тоа се секторите кои што се најмногу погодени како што е туризмот, како што е угостителството, како што се текстилната индустрија, кожарската индустрија и останатите сектори“, рече Мицкоски.
Комората за туризам, која засега е најмногу на удар од последиците од пандемијата, уште минатата недела побара владина помош.
На брифингот со уредниците од македонските медиуми минатата недела од владата рекоа дека има различни проекции и сценарија во зависност од тоа каков ефект ќе има кризата со коронавирусот.
Народната банка ги намали каматите
Народната банка, по објавувањето дека ги намалува референтните каматни стапки од 2 на 1,75 отсто, соопшти дека ризиците за глобалната и домашната економија предизвикани од појавата на новата вирусна инфекција ковид-19 се изразени, но големината на „вкупните негативни економски ефекти тешко може да се одреди поради неизвесноста околу времетраењето и силината на вирусната инфекција“. Народната банка соопшти дека инфлацијата е стабилна, а нивото на девизни резерви адекватно и дека банкарскиот систем е отпорен на потенцијални шокови.
„Народната банка разгледува и дополнителни мерки за поддршка на економијата, во вакви околности кога таа е погодена од неекономски и неочекуван негативен шок. Овие мерки се однесуваат на евентуални промени коишто ќе ги стимулираат банките да ги поддржат најпогодените сектори во економијата, а преку целна промена на дел од монетарните инструменти и преку промени во регулаторните барања“, соопшти Народната банка.
Претседателите на стопанските комори на Македонија, Албанија, Косово, БиХ, Црна Гора и Србија завчера истакнаа дека штетите од епидемијата се веќе евидентни. Особено се загрижени од проширувањето на вирусот во земјите – партнери со оглед дека околу 80 отсто од извозот оди во ЕУ.
Главниот советник за економски прашања во Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, вели дека нема економија во светот која може да остане имуна на глобалните последици од вирусот и оти клучното прашање сега е колку ќе трае. По угостителството и туризмот, може да дојдат на удар фирмите поврзани со автомобилската индустрија во земјата, поради прекинот на глобалните синџири на набавка. Ако не можете да ги набавите деловите коишто ви се потребни од Кина, тогаш и вашето производство трпи, вели тој. Јовановски препорачува Министерството за финансии да ги преоцени приходите и расходите, да разработи неколку можни сценарија и да обезбеди пари за фискална поддршка ако за тоа се појави потреба.
Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, потсетува на барањата на Комората за туризам, за привремено ослободување од даноци на доход и придонеси за вработените во туристичкиот сектор и формирање на фонд за ублажување на штетите. Сепак, таа посочува дека инвестирањето во спречувањето на ширењето на вирусот е најважна економска мерка.
„Затоа што ќе има многу голем пад, меѓутоа многу е битно колку ќе трае. Тоа се значајни загуби ако се работи за недели или за месеци, тоа е многу значаен сегмент, колку време ќе трае епидемијата“, вели таа.
Потребен е координиран меѓународен одговор против кризата
Главната економистка во Меѓународниот монетарен фонд, Гита Гопинат, повика на координиран меѓународен одговор за да се ублажат влијанијата на болеста врз светската економија и повика да се преземат значителни буџетски, монетарни и финансиски мерки за да им се помогне на загрозените фирми и домаќинства за да не се направи ненадоместлива штета, која ќе биде тешко да се поправи и по завршувањето на пандемијата.
ММФ вчера соопшти дека е подготвен да обезбеди еден билион американски долари, кои може да им ги позајми на државите да се справат со последиците од пандемијата на коронавирусот. Директорката на Фондот, Кристалина Георгиева, ги повика владите во светот да спроведат политики кои ќе им помогнат на најпогодените луѓе и фирми.
Светските берзи се во пад, цената на суровата нафта се преполови од почетокот на годинава, се откажуваат авионски летови и спортски и културни манифестации. Се очекува пад на глобалната економија, а владите и Народните банки низ светот веќе почнаа да преземаат мерки за ублажување на последиците. Банката на Англија ги намали референтните каматни стапки за парите да станат подостапни, Белата куќа најави низа мерки како одложување на плаќањето даноци, надомест за плати за болните и оние во карантин, помош за малите и средни бизниси и поддршка за авиокомпаниите, хотелите и туристичките агенции. Австралија објави план за помош на стопанството од 18 милијарди австралиски долари. Намалување на каматите најави и Европската централна банка. Кина најави 16 милијарди долари, а Италија 25 милијарди евра за да им се помогне на фирмите и вработените погодени од кризата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека ЕУ ќе ги искористи сите инструменти кои и се на располагање за да ги поддржи стопанствата на земјите погодени со коронавирусот. Таа најави дека за таа цел ќе биде формиран специјален фонд за одговор на епидемијата.
Светските финансиски институции ги менуваат своите проекции за раст на светската економија. ММФ за годинава проценуваше раст на светската економија од 3,3 проценти, но директорката Кристалина Георгиева пред неколку дена рече дека растот ќе биде далеку под тоа. Организацијата за економска соработка и развој пак очекува пандемијата од коронавирусот да го преполови економскиот раст.
Од појавувањето на коронавирусот во декември во Кина досега се заболени над 182 илјади луѓе ширум свет, а над 7100 починаа. Помалку од половина од заболените се во Кина, но од изминатата недела Европа стана главно жариште на болеста. Италија засега е најпогодена земја во Европа. Светската здравствена организација пред една прогласи пандемија.
Во речиси сите земји во Европа има некакви рестрикции за да се спречи ширењето на вирусот.
Во Македонија досега се регистрирани 23 заболени од коронавирус, од кои една жена веќе е излекувана. Владата вчера донесе одлука за затворање на границите за странски државјани, со исклучок на товарните возила.