Студентите реагираат на неизвесноста со апсолвентската екскурзија и си ги бараат парите назад, а туристичките агенции сакаат обештетувања од државата и од осигурителните компании.
Апсолвентските екскурзии се пред целосно откажување поради коронавирусот, бидејќи студентите сами се откажуваат од патувањата и очекуваат поврат на парите што ги уплатиле. Но, додека туристичките агенции конечно одлучат дали официјално да ги откажат екскурзиите, на социјалните мрежи објавуваат понуди како би ги обештетиле студентите кои се откажуваат од патувањето. Меѓутоа, студентите и агенциите засега не можат да најдат заеднички јазик околу обештетувањето и дали воопшто да се одложат екскурзиите.
Еден од овие случаи е и апсолвентската екскурзија на студентите кои треба да патуваат со туристичката агенција „Рапсоди“, по чиј предлог за обештетување голем број студенти реагираа дека се обесправени.
„Рапсоди“ својата понуда за решавање на ситуацијата ја објави јавно на Фејсбук, по што почнаа препукувањата.
„Согласно состојбата како и континуираната наша комуникација со хотелите низ Европа во кои се платени ноќевања и направени реални трошоци, државните институции како и осигурителните компании, како компанија која 10-ина години постои во нашата држава и докажано има презадоволни патници, и покрај законските можности целосно сакаме да дејствуваме во насока на заедничко решение и задоволство на сите откажувања од апсолвентска екскурзија“, се вели во фејсбук објавата на туристичката агенција „Рапсоди“.
За апсолвентската екскурзија од 20 дена низ Австрија, Чешка, Холандија, Франција, Шпанија и Италија се пријавени околу 700 студенти во „Рапсоди“. Патувањето чини од 30.000 до 33.000 денари во зависност од периодот кога и колку пари се уплатени.
Агенцијата „Рапсоди“ понудила секој кој има уплатено над износот на реалните трошоци да добие поврат на средствата во износ на разликата. Понатаму, им доделуваат на апсолвентите ваучери за патување и тоа 8.000 денари за било кое патување до 31 декември 2021 година или ваучер од 10.000 денари за апсолвентска екскурзија 2021 година.
„Дополнително, во наредниот период согласно чекорите на субјектите кои се во насока на наша помош и обештетување согласно законските можности, како и барањата за поврат од хотелите, врз основа на реализираното обештетување и поврат, континуирано ќе дејствуваме на дополнителен поврат на средствата доколку не се искористи ваучерот“, наведуваат од „Рапсоди“.
Мартин Ристов, ко-сопственик на агенцијата, посочува дека работат кон тоа да нема оштетени страни.
„Ние им ги даваме ваучерите како гаранција дека парите не им пропаѓаат. Од една страна, кој сака да го искористи, а од друга страна тековно како ќе добиваме средства така ќе ги обештетуваме парично“, рече Ристов.
Мартин Бојманлиев, еден од студентите што патуваат со „Рапсоди“, вели дека според договорот, ако се откажат од било која причина 30 дена пред поаѓање, имаат право на 95 проценти од уплатената сума.
Меѓутоа истакнува дека агенцијата ја нема откажано екскурзијата, а ако студентите чекаат може да биде доцна да си ги вратат парите.
„Мене најмногу ме загрижува, јас ако не сакам да се откажам, а тие потоа се одлучат 5 дена пред поаѓање да ја одложат за 10 дена, а мене тој датум потоа не ми одговара, ќе морам да се откажам 15 дена пред поаѓање. И потоа ќе ми задржат 40 - 50 проценти од средствата?“, вели Бојманлиев, истакнувајќи дека многу работи не им се разјаснети.
За тоа кои се плановите со екскурзијата, од агенцијата истакнаа дека секојдневно ги следат состојбите и ќе работат согласно препораките. Студентка од ФИНКИ во коментар на фејсбук објавата од агенцијата вели дека и било објаснето дека треба да има разбирање и трпение од двете страни.
„Јас ги контактирав и ми кажаа дека моментално се работи на тоа да се рефундира целата сума (без ваучери) на студентите, но со помош на државата и осигуравањата, како и повраток на уплатените резервации во хотелите. Реално, не била лесна ситуацијата кога сите студенти се откажуваат наеднаш и затоа моментално директно од нив е понудата за ваучер, а тековно со трпение и разбирање од двете страни, да се реши целата ситуација“, пишува студентката.
Од „Рапсоди“ апелираат до студентите смирено да ја следат ситуацијата која се менува од ден за ден.
„Клучното во овој момент е тоа што голем износ од средствата, повеќе од 80 илјади евра, се уплатени кон нашите хотели и партнери во Европа. Сите се затекнати од ситуацијава. Како што од ден на ден се менува работата така и гледаме да го најдеме и најбезболното решение кое што ни еден нема да го стави во ситуација да биде оштетен“, изјави Мартин Ристов, ко-сопственик на „Рапсоди“.
Од министерството за економија велат дека на ситуацијата со КОВИД-19 не треба да се гледа како на можност за постигнување на одредени придобивки.
„Апсолутно сме свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици, но факт е дека и другите гранки од економијата ги чувствуваат истите. Туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите кои што се предизвикани од откажување на тури, семинари, конференции и продажба на аранжмани и истите да ги достават до Координативното тело“, велат во писменото соопштение од Министерството за економија.