„Браво!“ и „Срам да му е, во време на карантин нѐ осиромашува“ – Ова се два коментара, на Трајанка Ивановска и на Филип Јовчески, да речеме карактеристични за расположението на посетителите на нашата ФБ страница по кризните економски мерки што како партиски предлог ги најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а ги изработил тим економски експерти.
Гоце Петковски го советува Заев: „Скини ги субвенциите, се истрча да ги дадеш предизборно на големопоседници со многу хектари, на тие што земјоделието не им е основна дејност и се вработени во јавни фирми и на оние што само фигурираат дека се земјоделци, а од цела фамилија само еден плаќа придонеси кон државата“. Па во својот пост додал: „А и овие мерки со администрацијата да ги спроведеш – да, минимална плата три месеци“.
За Ѓуша Мишо Попови предвидените мерки се коректни, а Славица Цаци Ефремовска Магловска не му верува на поранешниот премиер: „Чекајте народе, тој денеска едно кажува, а утре пу-пу не важи, лесно е за него со фирмите и плантажите за марихуана ќе преживее.“
Томе Јованов советува: „Данокот од 18% да се намали на 5% за струја, вода и телефон“.
Верица Бетон прашува „Зошто политичарите не се откажат од нивните плати вивнати до небо“, а Истирка Петрова додава и друго прашање: „А пратениците?“
„Нешто паметно и од него“ – ја коментира Миле Тања Јакимовски нашата информација дека „Мицкоски ѝ подава рака на Владата и бара построг полициски час“. Велимир Атанасоски веднаш се врти кон министрите на СДСМ, па коментира: „Не може, министрите од СДС си тераат бизниси со милионски суми, не им одговара 24-часовен полициски“.
Мирче Крстевски со иронија го прашува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ: „Кој ти нареди да збориш вакви добри зборови?“, исто како и Тони Јакимов: „Ајде бе, Мицко, барем еднаш биди човек, помогни, доста со критики, аман веќе, бар ќути“.
Едип Салих реагира на зборовите на Мицкоски дека министерот за здравство се однесувал како „портпарол, наместо да ја средува ситуацијата со короната“: „Како не му е срам да плука по Филипче“. На слична линија е и коментарот на Димитрија Атанасовски: „Филипче е професионалец. Вие му зборувате зад грб. Таму и ќе останете, далеку зад него светлосни години“. Љупчо Панев исто така негативно расположен кон Мицкоски: „Мицко, бруко белосветска, ако беше полицискиот час од 18 часот, ти ќе бараше од 15 часот и така ќе си ја ладиш главата и ќе манипулираш со луѓето“. Даниела Анастасова постирала: „Господине М. Па до кога и уште колку, бре. Доста со оваа политика, не е ни време ни место“. А Емил Ивановиќ суптилно го потсетува првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ: „Аман веќе, одложени се изборите, овие знаат или не?“
На ФБ страницата на РСЕ негативни се и коментарите по информацијата дека голем број македонски граѓани одбиле да се вратат во земјава со хуманитарниот лет што за нив го организира Владата откако беше објавено дека треба да поминат двонеделен карантин. Суад Весели и Бобан Неделковски, пак, развиле полемика за нехигиената прикажана и во ТВ извештаите во времениот прифатен центар во Пепелиште. Суад Весели смета дека со право одбиле да се вратат дома заради неповолните хигиенски услови, а Бобан Неделковски му возвраќа: „Желби исполнување во друга прилика.“ Ордана Николова со сличен став како Бобан Неделковски: „Гледај да не се прошири, Пепелиште ќе го бараме, вонредно стање, што сакате, француски кревети?“