Тремата пред да се каже судбоносното „да“ пред матичарот, многу младенци ќе ја заменат со следење на вести и владини препораки за како да се спречи ширењето на коронавирусот со забрана на масовни собири. Стравот од лошата временска прогноза или од погрешно срочен распоред на седење на гости, кои можеби се скарани соседи, се грижи кои денеска им изгледаат смешни на многу парови кои мора да ја откажат свадбената прослава.
Откако Светската здравствена организација прогласи пандемија, а македонскиот претседател Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба голем број на идни брачни парови се соочија со нова дилема – дали да ја одложат свадбената прослава на краток или долг рок и за кога ќе има слободен нареден термин.
Владата забрани јавни масовни собири, па тука спаѓаат и приватните собири за одбележување на семејна радост или тага. Рестораните кои функционираат само за свадбени прослави затворија, додека работат само кафеаните и рестораните кои доставуваат храна до дома.
Многу парови со свадби закажани за месецов или април, па и мај, се борат со одлуката дали да ја одложат прославата за во летниот период или пак за догодина. Бојан Т. кој планираше да прави свадба во април, вели дека допрва ќе размислуваат со идната сопруга кога ќе го кажат судбоносното „да“.
„Немаме никаков план сега за сега, мислам дека нема да може да се помести само за два или три месеци, затоа што сите термини во лето се зафатени, така што ако решиме да организираме било што, ќе треба тоа да го направиме дур догодина“, вели Бојан.
Тој додава дека се уште не се договорил со сопственикот на ресторанот ниту со фотографот ни музичарите за презакажување, но, како што вели, луѓето имаат разбирање за ситуацијата и дека темата за веќе уплатените пари за капар ќе ја разговараат понатаму. Сите планови за украсување и за облеката на младенците е стопирано, вели тој.
Добро е што засега нема откажувања на свадбите, но сега април, мај и најверојатно јуни се загрозени месеци кога нема да може да прават свадба, па најголемиот дел од клиентите сакаат да презакажат за крајот на свадбената сезона која завршува во рана есен, вели сопственикот на ресторан за свадбени прослави Вила Веранда, Мартин Ангеловски.
„На многу мал број од нив ќе можеме ние да им овозможиме термин во втората половина на летото, затоа што тогаш има други луѓе кои веќе си организирале свадби. Тие ќе треба да бидат спремни на компромиси, во смисла да одберат можеби работен ден, или некој празник, или пак термин што е потполнет. Има ресторани кои се сто отсто пополнети, како тие ќе ги одложат тие работи?“, вели тој,
Ангеловски вели дека пресметките за последиците од коронавирусот сега би биле хипотетички, затоа што реалните пресметки ќе може да се направат врз основа на тоа колку ќе трае сето ова.
„Кај нас во делот на ресторани за свадби, затоа што работата е сезонска, последиците би биле катастрофални, затоа што ние нашите трошоци за цела година ги базираме од приходи од овие неколку месеци. Ние од приходот што го остваруваме во летната сезона мора да испланираме домаќински за до наредната сезона до април да може да подмириме плати, кирии, режиски трошоци, давачки кон државата“, вели тој.
Ако ова потрае повеќе од два месеци, никој од нас нема да може да издржи, вели Ангеловски кој во ситуацијава привремено го затвори својот ресторан. Тој додава дека на ниво на Скопје најмалку 40 ресторани работат сезонски за свадбени прослави кои најверојатно ги затвориле привремено своите врати за свадбарите.
Трошоците за свадба најчесто изнесуваат најмалку три илјади евра за мали и скромни свадби, па во зависност од желбите и бројот на гости износот може да порасне и во неколку десетици илјади евра . Пандемијата ги погоди сите чинители на индустријата за венчавки, од ресторани, музичари, фотографи и сниматели, до фризерски салони, модни креатори и декоратери. Засега нема официјална статистика колку тежи оваа индустрија во земјава. На пример, во американската индустрија за венчавки минатата година влегле 78 милијарди американски долари.
Владините мерки за превенција од ширење на коронавирусот ги затворија рестораните и забранија јавни собири со што свадбените прослави ќе треба да почекаатдруги денови. На интернет страницата за организација на свадби сите термини во рестораните се слободни во следниов месец, кога и почнува сезоната на пролетни свадби .