Достапни линкови

Полициски час од 21 до 6 поради коронавирусот


Препораки за заштита од коронавирус во маркет во Скопје
Препораки за заштита од коронавирус во маркет во Скопје

Од утре во земјава се воведува полициски час, а забрането ќе биде движењето на граѓаните од 21 до 06 часот секој ден, одлучи владата. Целта е, како што рече премиерот Оливер Спасовски заштита на здравјето на граѓаните.

Премиерот Оливер Спасовски вечерва по владината седница соопшти дека донеле одлука за воведување на полициски час на територија на целата држава од 21 часот до шест утрото. Како што појасни во вонредното обраќање, полицискиот час, кој првпат се воведува на територијата на целата земја, е за да се заштити здравјето на граѓаните од новиот коронавирус кој се шири.

„Веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени. Тоа бара радикална промена и на нашето секојдневие. Оваа тешка одлука е донесена врз основа на стручно мислење од комисијата за заштита од заразни болести и нивната оценка за интензивирање на локално ширење на коронавирусот“, рече премиерот.

Според денешните податоци кои ги објави Министерството за здравство, заклучно со 12 часот напладне во земјава има вкупно 85 лица заболени од коронавирус, кои според местото на постојано живеење, се регистрирани во шест градови: Скопје, Дебар, Штип, Кавадарци, Гостивар и Охрид.

Претседателот Стево Пендаровски во средата прогласи вонредна состојба на ниво на целата држава, а и претходно владата преземаше рестриктивни мерки за движење на граѓаните од кои, како што рече и министерот за здравство Венко Филипче, не се задоволни како се почитуваат. Главно мерките се насочени кон самоизолација, односно повикот до граѓаните да останат во своите домови.

Со нововоденета мерка за полициски час, премиерот Спасовски појасни дека во периодот од 21 до 6 часот се забранува движење на сите граѓани, освен на припадниците на Министерството за внатрешни рабори, армијата, комуналните служби и пожарникарите. Од оваа забрана, додаде тој, се исклучени лица кои се во животно загрозувачка состојба, имаат потреба од итна медицинска помош, лица кои одат на дијализа и тогаш треба да бидат во придружба на најмногу две лица. За време на полицискиот час се ограничува и бројот на дежурни аптеки, а до нив во тој период ќе можат да стигнат само лица кои извршиле преглед во медицинска установа и имаат документација со нив за тоа.

Такси компаниите, пак, појасни премиерот, ќе возат само за превоз од и до здравствена установа, а јавниот превоз во тој период ќе биде забранет. Преку ден пак, меѓуградскиот и јавниот превоз ќе треба да примаат патници 50 отсто од нивниот капацитет, а останува забраната за групирање на повеќе од пет лица во кој било период од деноноќието.

„Потребно е секој од нас да се прилагоди на оваа загрижувачка ситуација. Секој е повикан да биде дел од оваа наша заедничка битка ако сакаме да си ја заштитиме нацијата. За животот на нашите граѓани и опстанокот на нашиот економски систем се работи“, рече Спасовски.

Инаку, слични мерки преземаа и други земји од регионот. Во Србија, каде што досега има 171 заболен од коронавирусот, од утре полицискиот час ќе трае од 17 часот до 5 часот наутро, а возрасните над 65 годиниќе можат да излезат од домовите, во периодот од 03 до 08 часот, за да можат да ги купат потребните намирници.

Во Бугарија, пак, каде што има 163 заболени и каде што исто така е воведена вонредна состојба, од денеска е ограничен и меѓуградскиот сообраќај.

Според денешните податоци во светот се потврдени повеќе од 275 000 случаи на заболени од коронавирус, а повеќе од 11 500 починале. Најмалку 88 000, пак, се оздравени. Епицентарот на пандемијата сега е во Европа, а Италија останува најголемото жариште. Во меѓувреме расте бројот на заболени од коронавирусот и во Африка каде што засега има околу 1000 потврдени случаи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG