И во овие тешки состојби поради коронавирусот во Дебар, каде што бројката на болни лица е најголема во земјава, муслиманите и православните христијани преку верските заедници даваат заеднички силна поддршка за спроведување на мерките на Владата. Дебарскиот муфтија и Намесникот на христијанската дебарска Парохија преземаат превентивни активности, а верниците силно се сплотени и ги реализираат превентивните мерки.
Дебарскиот муфтија Решат Качалнику, вели дека верниците муслимани сега верските обреди ги извршуваат целосно дома, а не во џамија.
„Ние како верски претставници имаме обврска да го делиме чувството за сите нас без разлика на верата и нацијата на која и припаѓаме. Ги преземаме активностите и за изолација. Сакаме да се мисли на сите нас и владата да се грижи како за нас во Дебар, така и за другите градови во земјава. Треба да работиме за целиот наш народ. Како Муфтиство на Дебар, во согласност со институциите во градот, имаме прифатено да ги спроведеме сите мерки во оваа состојба, бидејќи имаме духовна и морална одговорност со цел да се заштити здравјето на населението. За таа цел, ние наместо обредите на намазите да ги реализираме во џамија, ги вршиме дома. Во интерес на здравјето во Дебар верниците муслимани и Џума намазот во петоците не го одржуваат во џамија, туку во своите домови, се со цел да го заштитиме здравјето на сите“, вели дебарскиот муфтија Решат Качалнику.
Намесникот на дебарската парохија, свештеникот Миле Ангеловски истакнува дека на заедничките средби со локалната власт и муфтиството успешно се договорени начините на превентивно делување кај верниците.
„Со оглед на новонастанатата состојба со коронавирусот и ние како православна црква „Света Петка“ Дебар на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија се одзвавме на повикот на владата и на Општина Дебар и другите институции и заедно со Муфтиството на ИВЗ во Дебар се придржувме со цел да не се излегува од дома, побрзо да се победи оваа голема закана за градот и државата во целина. Во прилог на ова треба да се спомне и верската активност на Манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ во селото Рајчица, дебарско, каде што во дворовите на Манастирскиот комплекс се одржа Литија со чудотворни мошти на светители и се упатија молитви како за Дебар, така и за целата држава Македонија, за цел свет и сите луѓе погодени од овој коронавирус“, истакна свештеникот Ангеловски.
И попот и оџата во Дебар деновиве се чести учесници на средбите на Општинскиот оперативен штаб на кои се следи состојбата со коронавирусот.
Во Дебар и во Центар Жупа беше воведена вонредна состојба на 13 март, откако од овој регион беа регистрирани повеќе случаи на заболени од коронавирус. Подоцна државата, на 18 март, воведе вонредна состојба на територијата на целата држава.