Лидерите на политичките партии на средба во кабинетот кај претседателот Стево Пендаровски закажана за точно на пладне ќе разговараат за одложување на претстојните предврмени парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април.
Извесно е дека изборите ќе бидат одоложени откако на тоа се согласија СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. На средбата, како што соопштија од кабинетот на претседателот ќе присуствуваат претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи, како и собранискиот спикер Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.
Пендаровски на прес-конференција минaтиот петок во врска со мерките за справување со коронавирусот порача дека треба сериозно да се размисли за одложување на изборите.
„Ако се одложат изборите за месец или два тоа нема да биде пропаст на светот“, рече тогаш Пендаровски.
Ден претходно на лидерската средба која се одржа во четвртокот во Владата воопшто не беше разговарано за изборите, туку само за мерките за коронавирусот и за изборната кампања. Но, вчера и од власта и од опозицијата се премислија поради новоностанатата ситуација со болеста.
Доколку се одржат изборите постои ризик од ширење на коронавирусот, имајќи предвид дека граѓаните ќе мора да искачаат на избирачки места за да гласаат, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Според него, кога здравјето на граѓаните трајно че биде обезбедено тогаш ќе донесат одлука за тоа кога би се одржале изборите.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски истакна дека треба да се одложат изборите, бидејќи согласно препораките најдобар одговор за справување со вирусот е одбегнување на активности.
И ДУИ прифати одложување на изборите, а нејзиниот лидер Али Ахмети преку соопштение порача дека приоритет е јавното здравје.
Владата во петокот во општините Дебар и Центар Жупа прогласи кризна состојба, односно го ограничи движењето на жителите, откако беа утврдени четири нови пациенти со коронавирус, поврзани со брачната двојка од Дебар, кои беа втор и трет случај на заболени.
На ниво на цела држава Владата забрани јавни собири, а им се забрани работа на сите трговски центри, кафулиња, ресторани, како и обложувалници, казина и клубови. Се затворија сите копнени гранични премини со исклучок на Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце, а се забрани влез на странски државјани и од земјите со висок и среден ризик. Се затвори аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид.