Достапни линкови

Изборите ќе се одржат, но митинзи нема да има


Координативна средба за коронавирусот кај премиерот Оливер Спасовски
Координативна средба за коронавирусот кај премиерот Оливер Спасовски

На денешната лидерска средба во Владата, чиј домаќин беше премиерот Оливер Спасовски била постигната согласност да се почитуваат мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Партиските лидери се договориле и кампањата за време на мерките да се води на интернет, а за одложување на изборите не станало збор.

За мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и како ќе се одвива кампањата за претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 12 април станало збор на денешната координативна средба во Владата, чиј домаќин беше премиерот Оливер Спасовски. Сите политички партии се согласиле дека треба да се почитува забраната за јавни собири која трае до 24 март и дека кампањата во тој период ќе се води претежно на интернет и на социјалните мрежи. За евентуално одложување на изборите тие не разговарале.

Спасовски по средбата изјави дека сите партии се обединиле во заеднички став дека здравјето на граѓаните е најважно и се согласиле оти мерките се за доброто на сите.

„Многу е важно сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните и и да ги следат препораките на институциите и нивните активности и кампањата да ја прилагодат на основа на она што е препорачано во мерките на институциите“, порача Спасовски.

Во однос на економските мерки кои ќе се преземат тој рече дека за нив ќе се разговара на денешната владина седница.


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека паралелно со справувањето со коронавирусот, потребни се и мерки за справување со последиците врз економијата. Последиците ќе бидат огромни и по светската економија, а Македонија не може да биде имуна, рече тој.

„Очигледно е дека ќе имаме алтернативен начин на водење на кампањата. Имаме начини преку социјалните медиуми, преку МАС-медиумите, од врата до врата, има начин. Во однос на големите митинзи во овој момент препораките се да нема големи собирања, односно веќе не се препораки, сега е забрана. Тоа е едноставно забрана, која има одреден одговорност, мора да ги почитуваме овие законите во оваа држава, не може да делувате волунтаристички“, додаде Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека и тие ќе ги почитуваат препораките и своите предизборни активности ќе ги водат преку медиумите, социјалните мрежи и преку јавувања во живо.

„Здравјето на граѓаните е највисок приоритет за сите институции и политички субјекти. Здравјето секому треба да му биде над сè останато“, изјави Заев, додавајќи дека политичките партии треба да бидат пример за почитување на институционалните препораки.

Тој упати апел до граѓаните да не веруваат на лажните вести, туку на официјалните податоци што ги објавуваат официјалните институции. Апелираше и препораките да се почитуваат целосно.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека нема да има големи митинзи и дека ќе најдат начин како да ја изведат кампањата.

„Во однос на изборите секако дека ќе се почитуваат насоките коишто доаѓаат од надлежните институции, Министерството за здравство, кризниот штаб. Секако дека нема да има големи митинзи, големи собири ќе најдеме начини како да работиме“, истакна Ахмети додавајќи дека сите партии со гласачите може да комуницираат на електронски начин.

Првиот човек на Движењето Беса, Билал Касами се надева дека нема да дојде до таква ситуација која ќе наложи да се одложат изборите. И тој рече дека ќе ги искористат сите други можности за комуникација со гласачите.

И од Алијансата за Албанците велат дека ги следат препораките.

„Нема потреба од паника, луѓето треба да бидат солидарни“, рече лидерот на Алијансата Зијади Села и ги повика фармацевтските компании да не ја злоупотребуваат ситуацијата и да не прават профит од средствата за дезинфекција.

Одговарајќи на прашање за тоа дали здравствениот систем е подготвен да се справи со ситуацијата, Села рече дека здравството не е менаџирано како што треба, иако имаме капацитети. Официјално изборната кампања почнува на 23 март.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG