До среда на полноќ партиите имаат време да ги направат последните комбинации за составот на пратенички листи. Рокот до кој треба да ги достават своите предлози до Државната изборна комисија истекува е до 12 март, но и досега лидерите дадоа некакви насоки во кои ќе се движат при составувањето на листите.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев најави дека на листите ќе имаат 50-50 сооднос мажи-жени, дека носители ќе бидат по двајца, маж и жена, а веќе е објавена коалицијата со Беса, што значи дека на листата ќе имаат мешани кандидати. Според ова, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу оценува дека СДСМ ќе се обидат да придобијат гласови од жени и млади.
Но, аналитичарот Тодор Пендаров има поинакво мислење. Според него, ова се козметички промени и не е ништо револуционерно.
„Не може да речеме кон кое гласачко тело таргетираат, но со коалицијата со Беса таргетираат на одреден број гласови од албанското гласачко тело имајќи предвид дека според многу анкети оние гласови што ги добија на изборите во декември 2016 година по се изгледа дека дел од нив изгубиле“, вели Пендаров.
ВМРО-ДПМНЕ засега се помолчеливи за контурите во кои го исцртуваат својот иден пратенички состав. Се знае дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски нема да се кандидира, но не се знае кој од старите пратеници ќе биде на листа, со оглед на тоа дека тој пратенички состав беше предложен кога лидер на партијата беше Никола Груевски, а ова ќе биде првиот состав што ќе го подготвува Мицкоски. Тој најави и дека ќе кандидираат и натпартиски и истакнати личности во својата фела.
„Мислам дека со пратеничката листа ќе се труди малку да се диференцира од Груевски и мислам дека преку листата ќе се потруди да го консолидира своето избирачко јадро и да ги мотивира и оние кои порано гласале за ВМРО-ДПМНЕ што ако ја постигне таа цел тоа сигурно не е мала категорија граѓани“, вели Муслиу.
ДУИ пак,оди со носители досега познати кадри, некои од нив и вршители на државни функции. Носители ќе бидат Али Ахмети, Талат Џафери, поранешните или актуелни министри Беким Незири, Арбр Адеми, поранешниот градоначалник Изет Меџити, пратениците Артан Груби и Ејуп Алими.
„ДУИ ќе има со што да се пофали, ќе кажат ние ве внесовме во НАТО, ако во меѓувреме добиеме нешто што личи на датум за преговори со ЕУ тие ќе се фалат пред гласачите и со тоа, оти имаат вицепремиер за евроинтеграции“, вели Пендаров.
Алијанса за Албанците на Зијадин Села, пак, најави дека ќе одат со личности кои веќе се познати и „уживат голема популарност кај албанското гласачко тело во државата“, набројувајќи доктори, професори, магистри.
„Како опозициска партија тие ќе се обидат да покажат дека имаат капацитет и кадри кои ќе можат комотно да влезат во владеење и нема да има проблеми ако ја преземат власта“, вели Муслиу.
Инаку за изборите што се закажани за 12 април засега е неизвесно дали ќе има и независни пратенички листи оти некои кои имаат такви најави соопштија дека не успеале да соберат доволно потписи за да се кандидираат.