Поддршката на Хрватска за македонските евроинтеграции, во период кога таа претседава со Советот на Европската Унија, ја потврдува и хрватската амбасадорка во земјава Нивес Тигањ во интервју за радио Слободна Европа. Таа вели дека Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите со Унијата и дека Хрватска е силно ангажирана да се постигне консензус меѓу државните членки со цел одлуката на Советот на ЕУ да биде позитивна, особено откако пред неколку дена Комисијата даде позитивна препорака за отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Знаеме каква беше одлуката во октомври минатата година, секако дека очекуваме и веруваме во позитивен исход на тоа што треба да се случи на крајот на овој месец. Токму на денот на објавување на извештајот на Комисијата, хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања, господинот Грлиќ Радман беше во работна посета во Тирана и Скопје, каде што уште еднаш ја потврди силната поддршка на Хрватска во натамошното придвижување на двете земји во евроинтегративниот процес. Значи ние веруваме како земја претседавач со Советот на Унијата и силно сме ангажирани да се постигне консензус меѓу државните членки со цел одлуката на Советот на ЕУ да биде позитивна“, вели Тигањ во интервјуто што ќе го емитуваме во недела.
Поголемиот дел од македонската јавност е во исчекување на самитот во Загреб, но амбасадорката Тигањ додава дека истиот во јавноста се перципира погрешно и дека на самитот не треба да се очекува некаква одлука за Македонија. Таа нагласува дека за нас многу поважно ќе биде што ќе одлучи Советот на министри на крајот од месецот, додека пак на Самитот ,меѓу другото, ќе бидат обработени прашањата поврзани со односите меѓу земјите членки, низ призмата на нов политички наратив за политиката на проширување и европската перспектива на соседните земји.
При неодамнешната посета на хрватскиот министер за надворешни работи Горан Грлиќ-Радман во Скопје, неговиот македонски колега министерот Никола Димитров истакна дека е убеден дека Хрватска како претседавач ќе најде начин успешно да го изменаџира процесот на одлучување во следните денови и недели.
Од Институтот за европска политика велат дека не постои гаранција дека Советот на ЕУ ќе одговори позитивно на одлуката Македонија да ги отвори преговорите, но судејќи според извештајот и позитивните изјави од повеќе земји-членки, очекувањата се оптимистички.
„Се надеваме дека Советот во март ќе го подржи предлогот за новата методологија за проширување и дека ќе даде мандат на Комисијата да изготви преговарачка рамка што би бил прв чекор за преминување во следната фаза. Но, она што е се уште нејасно во овој предлог, е дали објаснувачкиот скрининг којшто се случуваше во изминатиот период ќе треба да се повтори поради тоа што има некои промени во методологијата, како што се формирањето на кластери или пак ќе се продолжи директно со следната фаза, што би било меѓувладината конференција и билатералниот скрининг“, изјави Стефан Ристовски од Институтот за европска политика.
Според упатените, со новата методологија, владите на земјите кандидатки, ќе бидат ставени во позиција на континуиран тест на нивните перформанси, но и на ефектите од реформите во реалниот живот, додека граѓаните на земјите кандидати ќе имаат можност во реално време да го знаат прогресот или евентуалниот застој на нивните земји во патот кон членството во ЕУ.
Одлуката за недобивање датум за преговори со Северна Македонија и Албанија, Унијата ја донесе по барање на некои земји членки, како на пример Франција, за да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија. Подоцна таков документ беше усвоен, а истиот предвидува поглавјата да бидат групирани во неколку таканаречени кластери, процесот на преговори може да биде вратен назад доколку земјата назадува, а исто така земјите кандидатки ќе бидат обврзани на имплементација на реформите.
Токму недобивањето на датум, беше причина лидерите на најголемите партии во земјава да договорат одржување на предвремени парламентарни избори на 12 април годинава.