Достапни линкови

Вархеји: Скопје и Тирана блиску до преговори со ЕУ


Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска рече дека се надева оти преговорите со Северна Македонија и со Албанија ќе почнат во следните недели. На прашање на РСЕ дали има црвсти гаранции од Франција, Холандија и Данска рече дека „нема цврсти гаранции во политиката“.

Европската унија може да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија за неколку недели откако и двете земји направија добар напредок, рече денеска еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Франција, која го блокираше отворањето на преговорите со Скопје и Тирана лани во октомври, во почетокот на месецов најави дека е можно двете земји да почнат преговори ако има позитивен извештај од комисијата во март.

Вархеји, рече дека извештаите кои ќе бидат објавени идната недела се охрабрувачки. Има сериозен напредок кај двете земји, рече тој по средбата на Вишеградската група со земјите од западен Балкан денеска во Прага.

"Со овој извештај се надевам дека земјите- членки ќе бидат убедени дека тие се подготвени да ги отворат преговорите“, рече Вархеји додавајќи дека многу се надева дека преговорите со Северна Македонија и со Албанија ќе почнат во следните недели.

Вархеји: Во политиката нема цврсти гаранции
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:46 0:00

Сепак, на прашање на Радио Слободна Европа дали има цврсти гаранции дека Франција, Холандија и Данска ќе дадат зелено светло, еврокомесарот рече дека „нема цврсти гаранции во политиката“.

„Тоа на што се потпирам е извештајот за напредокот, постигнувањата на терен и се надевам дека тоа ќе биде земено предвид и дека ќе се убедат државите членки кои не го подржаа отворањето на преговорите. Се уште е рано да се каже, не го виделе извештајот, така што не можам да ви ги кажам нивните ставови“, рече Вархеји.

Неделава на состанок на Советот за општи работи на ЕУ беше презентирана новата методологија за проширување на која инсистираше Париз, а по средбата потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович рече дека сите 27 земји членки дале целосна поддршка за неа.

Според првичниот распоред, ако извештајот за двете земји е позитивен, Советот за општи работи на ЕУ би требало на мартовскиот состанок да ги усогласи ставовите на земји членки за зелено светло за преговори со Скопје и Тирана. На самитот, пак, кој ќе биде одржан неколку дена подоцна шефовите на држави и влади на членките на ЕУ би требало да го кажат и конечниот збор.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој лани беше главниот противник на датумот за преговори за двете балкански земји, неодамна изјави дека доколку во март бидат позитивни резултатите од извештајот на ЕК тој ќе го поддржи започнувањето на преговорите.

„Го чекаме извештајот во март, во зависност од тоа дали резултатите ќе бидат позитивни и се утврди доверба, тогаш ќе бидеме во позиција да ги отвориме преговорите“, изјави Макрон на конференцијата за безбедност во Минхен која се одржа месецов.

Инаку на денешниот состанок во Прага на Вишеградската група во која се Унгарија, Полска, Словачка и Чешка и земјите од западен Балкан учествуваше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.

„Овој собир е знак за заедништво - без Западен Балкан не може да биде возможна целосна, просперитетна, стабилна и безбедна Европа. Постојат разлики меѓу земјите, но едно е исто - споделуваме заедничка европска иднина. Заедништвото е очигледно во оваа значајна историска мисија“, рече Димитров.

Тој во рамки на посетата на Чешка се сретна и со неговиот чешки колега Томаш Петричек, со претседателот на Долниот дом на чешкиот Парламент Радек Вондрачек и со државната секретарка за европски прашања Милена Хрдинков.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG