Достапни линкови

Тигањ - Сакаме согласност за датум за преговори пред Самитот во Загреб


Тигањ: Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:56 0:00

Тигањ: Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите со ЕУ

Самиот на ЕУ во Загреб, кој треба да се одржи во мај има друга димензија и тој всушност е погрешно перцепиран, во смисла дека тогаш би можело да има некаква одлука за Северна Македонија. А ние сакаме до самитот во Загреб да се дефинира, односно постигне консензус меѓу сите земји членки за Северна Македонија да отвори преговори со Европската унија, вели во интервју за Радио Слободна Европа, хрватската амбасадорка во Македонија, Нивес Тигањ.

Амбасадорке Тигањ, Европската Комисија во извештајот за напредок повторно препорача отворање на преговорите за Северна Македонија и Албанија. По исходот на октомврискиот самит дали е реално да се очекува позитивна одлука на Советот на министри на крајот од овој месец?

Да, Европската Комисија го објави извештајот за напредокот за Северна Македонија и Албанија на втори март. Извештајот е позитивен и Комисијата всушност го повтори претходниот став дека и двете земји и Северна Македонија и Албанија заслужуваат отворање на преговорите. Знаеме каква беше одлуката во октомври минатата година, секако дека очекуваме и веруваме во позитивен исход на тоа што треба да се случи на крајот на овој месец. Токму на денот на објавување на извештајот на Комисијата, хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања, господинот Грлиќ-Радман беше во работна посета во Тирана и Скопје, каде што уште еднаш ја потврди силната поддршка на Хрватска во натамошното придвижување на двете земји во евроинтегративниот процес. Значи ние веруваме како земја претседавач со Советот на Унијата и силно сме ангажирани да се постигне консензус меѓу државните членки со цел одлуката на Советот на ЕУ да биде позитивна.

За нас е посебно важен самитот во Загреб во мај. Дали и како Хрватска може да и помогне на Северна Македонија да добиеме датум и конечно да ги отвориме преговорите?

Како што веќе реков, Хрватска е многу ангажирана за да може Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Но, самитот во Загреб, односно состанокот на лидерите на државите членки на Унијата и земјите од Западен Балкан, има всушност друга димензија, во смисла се работи за познатиот самит кој ќе се случи дваесет години по самитот во Загреб, кој тогаш на сите земји од југоисточна Европа, па и на мојата земја им отвори европската перспектива, така што овој самит кој на почетокот на мај ќе се одржи во Загреб е всушност круна на претседавањето на Хрватска со Советот на ЕУ и тој всушност е погрешно перцепиран, во смисла дека тогаш би можело да има некаква одлука за Северна Македонија. Самитот како што веќе реков, ќе има друга димензија, во смисла на подобрување на односите меѓу земјите членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, на начин тој дијалог да се интензивира, да се одржуваат состаноците почесто отколку досега, од прилика на секои две години и да се усвои еден нов политички наратив за политиката на проширување и европската перспектива на нашите соседни земји. Исто така ни е важно на тој самит ЕК да подготви еден инвестициски пакет кој ќе овозможи економски развој на тие земји и да се договори начин на кој тие земји би се вклучиле во политиката на зелениот план на претседателката на Комисијата Фон дер Лајен. Значи, самитот би требало да даде една нова димензија, една јасна временска рамка на процесот на проширување и европска перспектива. А ние сакаме до самитот во Загреб да се дефинира, односно постигне консензус меѓу сите земји членки за Северна Македонија да отвори преговори со Европската унија.

Ако добро ве разбрав за нас ќе биде поважна одлуката на Советот во март, отколку самитот?

Така е. Тоа е тело на ЕУ, кое одлучува за тие прашања, за отворање преговори односно одлука за датум за почеток на преговори.

Дали позицијата на Хрватска е Македонија и Албанија да бидат во пакет за да се отворат преговори со Унијата, со оглед на тоа што некои земји членки имаат „резерви“ во однос на подготвеноста на Албанија?

Па, еве токму посетата на министерот Радман во Скопје и во Тирана истиот ден потврдува дека ние навистина сакаме двете земји да ги отворат преговорите. Постојат резерви, да, но ние како земја претседавач со Советот на ЕУ, сакаме резервите кај тие земји членки да се отстранат и двете земји да ги отворат преговорите.

Новата преговарачка рамка беше во центарот на вниманието на јавноста пред некое време. Сметате ли дека новата преговарачка методологија ќе го усложни процесот на проширување на Унијата, а со тоа и нашиот пат кон полноправно членство?

Не, новата методологија е еден добар чекор во еволуцијата на преговарачката рамка. Таа не би требало да ја усложни проговарачката рамка, туку тоа зависи од динамиката со која земјата кандидат ќе ги спроведува реформските процеси. Значи таа е добар чекор во еволуцијата на преговарачкиот процес, кој води сметка и за државите членки, но и земјите кандидатки. Составена е од седум целини, седум кластери и важно е како што се отвораат и затвораат поглавјата, да се спроведуваат критериумите на она што е испреговарано. Тоа е клучно и од тоа ќе зависи и динамиката и временската рамка на преговорите.

Доколку и на претстојниот самит Северна Македонија не добие зелено светло за почеток на преговорите, можни ли се некакви алтернативи за полноправно членство кои се појавија по самитот во октомври лани?

Европскиот пат на Северна Македонија нема алтернатива. Северна Македонија покажа дека нејзини две клучни надворешно-политички цели се членство во НАТО и членство во ЕУ. Тоа е докажано и при распуштањето на Собранието, со потпишувањето на спогодбата за пристапување кон НАТО, а и со усвојувањето на пакетот со реформски мерки, со кои Северна Македонија ја потврдува посветеноста на продолжувањето на реформските процеси кои се клучни за продолжување на евроинтеграцискиот процес. Така што, јас воопшто не размислувам за некакви други алтернативи, не гледам други алтернативи, бидејќи едноставно тоа е природен след и природен пат на Северна Македонија.

Македонија се подготвува за предвремени парламентарни избори. Дали и како изборите ќе влијаат на македонските евроатлански интеграции?

Важно е и очекувам и верувам дека овие предвремени парламентарни избори ќе минат во една демократска и чесна атмосфера, дека сите политички субјекти кои одат во изборниот натпревар ќе бидат високосвесни за сите демократски вредности. Апсолутно верувам дека без оглед која политичка опција ќе ја освои власта, евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија нема да биде доведен во прашање. Значи, изборите во секоја повеќепартиска држава се еден редовен демократски процес и тие не се во корелација со продолжувањето на процесот на приближување на Северна Македонија кон ЕУ.

Во изминатиот период Македонија доби охрабрувачки пораки во однос на евроинтеграциите од неколку европски претставници кои изјавија дека Западен Балкан треба да биде дел од ЕУ? Зошто е важно земјите од овој регион да станат дел од европското семејство?

Тоа е природен след на проширувањето на ЕУ. Интересот на Република Хрватска, како претседавач на Советот на ЕУ е стабилност и безбедност на нејзиното непосредно окружување, а членството на секоја земја во ЕУ, односно процесот на нејзиното приближување, ја овозможува таа стабилност, односно ја гарантира нејзината долгорочна стабилност и безбедност. Затоа што, со пристапувањето на земјата во членство во ЕУ таа ги спроведува реформските процеси, а тоа подразбира јакнење на владеењето на правото, реформа на правосудниот систем, реформа на разузнавачкиот систем, значи апсолутно една комплетна трансформација на државата и општеството и јакнење на капацитетот на државата, а сето тоа е основа на мирот, безбедноста и стабилноста, стабилизација на политичките прилики во земјата. Значи, сите земји од југоисточна Европа делат исти вредности и се соочуваме со исти предизвици и ризици. Еве, најновите примери, како што е коронавирусот и миграциската криза бараат наша интензивна соработка, заеднички акции, така што апсолутно сметам дека е природен след земјите на југоистокот на Европа да станат полноправни членки на ЕУ.

Кои очекувате да бидат најголеми предизвици за време на хрватското претседавање со Унијата?

Хрватска го презеде претседавањето во Советот на ЕУ навистина во време на големи промени и предизвици и за ЕУ и за нејзините земји-членки. Го презедовме претседавањето во време на нов состав на европските институции. Значи се соочуваме со низа предизвици и на европски и на светски план. Хрватска ги дефинираше своите приоритети за време на претседавањето многу сериозно како најмлада членка и многу ангажирано пристапуваме кон секој од тие предизвици и тешко е да се издвои. Значи, важно за нас е од политиката на проширување до усвојување на нов европски буџет, односно повеќегодишна финансиска рамка. Еве, се соочуваме со најновите предизвици, како што се коронавирусот и илегалните миграции. Значи, навистина го презедовме претседавањето во еден многу интензивен период, кога и на европската и на глобалната светска сцена се случуваат различни предизвици, различни појави, кои бараат единствена и силна ЕУ. Затоа и мотото на хрватското претседавање е „Силна Европа во светот на предизвиците“.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG