Достапни линкови

ЕК препорача преговори, Владата очекува зелено светло од Советот


По објавувањето на извештајот за напредокот во кој комисијата препорачува почеток на преговори со Северна Македонија и во кој го поздравува напредокот во реформите, надлежните се надеваат дека Советот во март ќе даде позитивна одлука за преговори.

Европската Комисија денеска повторно препорача во пакетот за проширување за 2019 година, Советот да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија. Овој заклучок, Комисијата го базира на постигнатиот напредок во однос на условите кои едногласно беа поставени од страна на Советот во јуни 2018 година.

„Двете земји испорачаа дополнителни опипливи и одржливи резултати и поради тоа Препораката на Комисијата за отворање на преговори со Албанија и Северна Македонија останува валидна“, се вели во извештајот.

При претставување на извештаите, еврокомесарот за проширување и соседна политика Оливер Вархеји рече дека ажурираните извештаи за Албанија и Северна Македонија, покажуваат дека земјите ја засилиле работата и испорачаа дополнителни опипливи и одржливи резултати во клучните области идентификувани во Заклучоците на Советот во јуни 2018 година.

„Комисијата стои цврсто на своите препораки за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија и се надевам дека земјите-членки ќе донесат позитивна одлука во следните недели“, изјави еврокомесарот за проширување Вархеји.

Задоволство од содржината на извештајот стигна и од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Тој вели дека по одлуката во октомври лани, не може да биде 100 проценти сигурен дека одлуката во март ни е загарантирана, но останува оптимист дека Македонија на Советот во март, ќе добие позитивна одлука за преговори.

„Во извештајот се констатира дека Северна Македонија има направено дополнителен напредок и тоа не само во донесување на закони, туку и во нивно имплементирање и успешно функционирање на институциите но и конкретен трак рекорд на резултати од функционирањето на тие институции. Ако првиот предуслов беше надминување на дилемите меѓу земјите членки во однос на самиот процес на проширување, методологијата која според сите информации што ги имаме, нашироко се прифаќа, ова е вториот предуслов со кој се исклучуваат какви било дилеми кон нашата земја како кандидат за почнување преговори оваа година“, вели Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не го коментираше денешниот извештај на Комисијата со образложение дека не го прочитале официјално, а информациите ги добиле од медиумите.

„Како политичка партија секогаш сме се залагале и се залагаме за побрза интеграција на Република Македонија во ЕУ. Зоран Заев и СДСМ и сите негови функционери опкружени со криминал и скандали изминатите години се виновни затоа што не добивме датум за почеток на преговорите. Мораме да забележиме дека сите реформски закони за доброто на граѓаните кои беа побарани од ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во денешното соопштение од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје се наведува дека Западен Балкан е приоритет за Комисијата, која ќе работи на тристран пристап во 2020 година. На 5 февруари, Комисијата утврди предлог за придвижување на пристапниот процес на ЕУ со кој тој станува поверодостоен, подинамичен и попредвидлив и му се дава посилно политичко управување. Паралелно, Комисијата останува цврсто на своите препораки за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, бидејќи и двете продолжуваат да испорачуваат резултати од реформите. Трето, во подготовките на самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, на 6 и 7 мај, Комисијата ќе излезе со план за економски развој и инвестиции за регионот.

„Во денешните извештаи, Комисијата објективно и врз основа на факти, го опишува напредокот постигнат од двете земји почнувајќи од јуни 2018 до денес во областите наведени од Советот. Во случајот на Северна Македонија, извештајот ги покрива значајните чекори преземени за зајакнување на независноста на судството, вклучувајќи го и неодамнешното усвојување на ревидираниот Закон за јавно обвинителство. Извештајот покажува подобрување во борбата против корупција и организиран криминал како и напредок во реформите на безбедносните служби и јавната администрација“, се наведува во соопштението од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

И лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека го израдувала веста за денешниот извештај на Европската Комисија во кој се констатира дека Северна Македонија треба да почне преговори со Европската Унија. Тој беше воздржан во врска со добивањето датум за преговори и посочи на најавите од ЕУ дека за тоа би се одлучувало најдоцна на Самитот во Загреб.

„За мене е важно тоа што беше до нас да го завршиме и го завршивме. Тоа е потврдено и во јуни и во октомври, сега не само што е потврдено туку дополнително е верификувано и потврдено дека продолжуваме и покрај историската грешка што беше направена на октомврискиот самит. Затоа јас секогаш ја користам можноста да испратам порака и до европските граѓани и до нивните лидери и до ЕК, да го исполнат своето ветување. Ни ветија, на нашата земја и на нашиот народ. Време е да го исполнат своето ветување. Повторувам, ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме после 15 години одлука за добивање датум за почеток на преговорите“, изјави Заев.

Инаку во април 2018 година, Европската Комисија препорача отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Два месеца подоцна, во јуни, Советот го призна напредокот и го отвори патот за започнување пристапни преговори во зависност од остварувањето напредок во одредени клучни области.

По натамошните позитивни препораки од страна на Комисијата во мај 2019 година, Советот ја одложи својата одлука за во јуни, а потоа и за во октомври 2019 година кога одлучи да му се наврати на прашањето за проширување пред Самитот во Загреб во мај годинава.

Советот за општи работи во март 2020 година се очекува да дискутира за иднината на политиката на проширување, заснован на ревидираната методологија, како и да дискутира за напредокот направен од Северна Македонија и Албанија, со цел да отвори пристапни преговори. По неколку месеци, Европската Комисија ќе излезе со подетална проценка на општите состојби кај сите партнери за проширување во својот пакет на годишни извештаи.

Што содржи мини-извештајот за напредок на Северна Македонија?

Во извештајот се наведува дека Комисијата ја следела состојбата во три области, односно реформите во правосудството и проактивен пристап кон истрагите, обвиненија и пресуди за корупција и организиран криминал, вклучувајќи го и криминалот на високо ниво. Потоа ги следела реформите на службите за безбедност и разузнавање, како и третата област: реформи на јавната администрација.

Во делот на судските реформи, Комисијата оценува дека биле преземени значителни чекори во насока на зацврстување на независноста на судството. Во овој дел се посочува на засиленото темпо на имплементација на реформите предвидени со Стратегијата за реформа на правосудството“, како и адресирање на „Итните реформски приоритети“ и препораките на Венецијанската Комисија. Извештајот ги посочува неколкуте закони кои беа донесени во оваа област како на пример Законот за судови, Законот за судски совет, Законот за совет на јавни обвинители итн, посочувајќи дека со овие закони се зголемува транспарентноста во назначувањата и се воведуваат поквалитетни критериуми за евалуација на судиите и членовите на судскиот совет.

Како добра пракса се посочува разрешувањето на шест судии,почнувајќи од јули 2019 година, вклучувајќи го претседателот и уште двајца судии на Врховниот Суд,потоа поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, како и одземањето на имунитетот на еден судија на Управниот суд. Понатаму се наведува дека инспекцискиот надзор на Акмис системот дал добри резултати, како и новиот закон со кој се отстрануваат недостатоците при распределувањето предмети.

Во делот на проактивните истраги, обвиненија и судски пресуди за случаите за корупција се посочува на добрата пракса од страна на СЈО и ОЈО за гонење на организиран криминал во однос на независните истраги и отворање на обвиненија за повеќе поранешни и актуелни високи функционери. Во извештајот е нотирано и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, за кој се вели дека е одржливо решение за случаите на Специјалното јавно обвинителство со цел да се утврди одговорноста за кривичните дела што произлегуваат од нелегалното прислушување што ќе води до целосно затворање на предметите.

Во 2019 година Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција отвори 9 нови истраги, вклучувајќи 52 осомничени, се вели во Извештајот. Во него се споменува и случајот „Рекет“ во кој еден од осомничените е екс специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а еден е обвинет на тригодишна затворска казна.

Во извештајот се посочува и предметот за настаните од 27 април, односно се нагласува затворањето на процесот со пресуди за повеќето обвинети, но и новите обвиненија за организаторите на насилниот упад и ефективно спроведената истрага.

Покрај позитивните примери во извештајот се забележува и дека поради апсењето на поранешниот специјален обвинител и истекот на мандатот на обвинителите кои работеа во Специјалното јавно обвинителство одредени судски постапки се одложиле, некои застареле, а за некои судењето се враќа од почеток.

Како позитивна е оценета работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од начинот на избор на новиот состав до нивната работа и 66 те отворени предмети на Комисијата, наведувајќи дека се очекува надлежните институции да постапат по укажувањата на комисијата.

Во однос на реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се наведува дека со новите закони за Оперативно-техничката агенција (ОТА) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) се прави напредок во реформите во овој сектор, со што може да се направи разлика со стариот систем на работа кога функционираше УБК и денешната АНБ. Се потенцира и зајакнатиот надзорен капацитет на Собранието.

Во контекст на реформите на јавната администрација пак, се истакнуваатактивностите за подобрување на транспарентноста и отчетноста на администрацијата, како и на напорите за дигитализација и поедноставувањето на пристапот на граѓаните за обезбедување на основните услуги.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG