Достапни линкови

Школите и градинките затворени, Македонија-Косово без публика


Министерот за здравство Венко Филипче
Министерот за здравство Венко Филипче

Две недели ќе нема настава, се забрануваат масовните јавни собири, спортските натпревари во следните 30 дена ќе се одвиваат без публика, што значи дека и фудбалскиот натпревар Косово- Македонија ќе се игра без публика. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави. Се препорачува избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик.

Учениците и студените нема да одат на настава следните 14 дена, откако владата ги заостри мерките за заштита од коронавирусот. Се затвораат градинките, основните и средните училиштата, универзитетите, како и научните институти од 11 до 25 март. Еден од родителите на деца до 10 години ќе добие 14-дневно отсуство од работа и во јавниот сектор и во приватните фирми и тоа отсуство ќе му биде платено, рече на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Сакам да упатам и апел да се почитува практично мирувањето и седењето дома и да не се претвори ова во едно масовно посетување на игротеки, како што беше случај при епидемијата на морбили. Тогаш оваа мерка нема да има никаква смисла. Значи, да се почитува мерката со цел децата да бидат во домашни услови“, рече Филипче.

Сите спортските натпревари, пак, ќе се играат без публика во наредните 30 дена. Тоа значи дека и фудбалскиот натпревар меѓу Македонија и Косово, кој се сметаше за натпревар од висок ризик ќе се игра без публика. Двете репрезентации на 26 март во Скопје играат бараж натпревар во полуфиналето од Лигата на нации во обидот да се изборат за пласман на Европското првенство кое треба да се одржи налето.

Владата на седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести. Во земјава засега има седум регистрирани случаи на заболени со КОВИД-19, една девојка на 16 години се тестира, а околу 200 луѓе се во изолација, по последниот случај кога директорката на Кожната клиника во Скопје, по приватно патување во Италија, беше позитивна на вирусот. Филипче вели дека не сите што се во изолација се со полициско обезбедување, туку смао таму каде што епидемиолозите така одлучиле. Министерот рече дека за овој случај разговарале со Државната комисија за спречување корупција и дека директорката ќе биде разрешена, а во меѓувреме ќе биде назначен в.д. директор, оти иако клиниката е затворена, има обврски кои се тековни и треба да се вршат. Наскоро ќе бидат објавени контакти на кожни доктори за пациентите да може да им се обратат, оти многу кожни лекари се во изолација.

Владата донесе одлука во следните две недели да се забранат сите масовни собири на отворено и затворено на кои има над 1000 луѓе, сите културни настани на ниво на земјата, а спортските настани во наредните 30 дена да се играат без публика. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена. Министерот Филипче препорачува и помалите настани да се забранат.

„За изборниот процес сега мислам дека не размислуваме. Ова се епидемиолошки индикации како и зошто овие мерки треба да важат 14 дена. Доколку има потреба ќе се продолжат затоа што ова е врвен приоритет на земјава во овој момент. Никако не калкулираме со партиски собири или со почеток на кампања“, вели Филипче.

Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, како што се маски и слично освен со посебна дозвола од Министерството за здравство. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз, бремените жени да не одат на работа, а владините служби да ги одложат сите патувања.

Владата одлучи Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес сите вработените од јавно здравствените установи кои се ангажирани за потребите на изборите и тие да бидат заменети со други лица.

„Многу е битна сега и свеста кај сите патници коишто доаѓаат. Прво е многу битно да се избегнат патувањата, посебно во критичните региони, а има сè повеќе заболени во сите земји, има сè повеќе заболени во Франција, во Германија, во Грција, многу често се случува голем број на случаи да се откријат за кратко време и наеднаш за многу кратко време од средно-ризична земја да премине во високо ризична, согласно на бројат на заболените. Апелирам да не се патува и апелирам да се почитуваат мерките“, рече министерот за здравство.

Листата на земји со висок и среден ризик ќе биде поставена на страната на Министерството за здравство и таа ќе биде секојдневно ажурирана. Наложено е да се воведе т.н. хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании и се забранува организиран превоз со автобуси, минибус и комбиња кон високоризичните земји. Тие што не ги почитуваат и ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG