Не треба да избрзуваме со прогласување на кризна состојба во целата држава, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски по двочасовниот состанок на Советот за безбедност во претседателската Вила Водно. Тој истакна дека ако има потреба во иднина Советот може да и препорача на Владата да прогласи кризна состојба по примерот на Дебар и Центар Жупа и за други општини доколку има потреба од тоа, но како што вели, засега нема потреба да се избрзува, односно нема потреба да се прогласува ниту кризна, ниту вонредна состојба .
„Прво беше заклучено дека нема потреба од воведување на кризна состојба ниту од воведување на вонредна состојба, но сакам да појаснам нешто. Сосема е небитно, од аспект на ефектите што сакаме да ги постигнеме или веќе ги постигнуваме, како ќе ја наречеме таа состојба. Ние во многу ги надминуваме мерките кои се преземаат во многу држави каде што тие мерки ги нарекоа вонредна состојба, а кај нас само во две општини имаме кризна состојба, и сето друго од правен аспект е една тековна да ја наречам ситуација“, вели Пендаровски.
Тој додава дека е можно во брзо време да бидат донесени и дополнителни рестриктивни мерки со ограничување на движењето на граѓаните со цел превенција од ширењето на коронавирусот. Тоа би значело доколку има потреба да може Владата да го ограничи движењето на граѓаните од една во друга општина.
„Сакам да дообјаснам за вонредната состојба. Не дека треба да прогласиме, а ние не сакаме. Ако не дај боже да дојдеме до вонредна состојба, таа во Уставот е објаснета само во еден член, додека за криза имаме цел закон, што според мене како правник не е во ред“, вели Пендаровски.
Денешната седница беше свикана во време кога зачестија повиците за прогласување на вонредна или кризна состојба, со цел да се спречи ширењето на болеста, по примерот на некои земји од регионот и Европа.
Заклучокот на Советот е дека поставеноста на државата во овој момент е соодветна и адекватна на ризиците на кои се изложени граѓаните, при што, како што вели, и СЗО констатирал дека во државата соодветно се применуваат препорачаните мерки.
Пендаровски испрати и апел до граѓаните да се почитуваат сите мерки кои се сугерирани од властите, бидејќи тоа е најдобар начин да се спречи ширењето на епидемијата.
Досега се евидентирани 18 случаи од кои 16 се жители на Дебар и општина Жупа каде што веќе два дена како е воведена кризна состојба, при што е забрането излегување од тие две општини. Во земјава покрај заболелени има околу група на луѓе кои се во самоизолација затоа што се вратија од високи ризичните земји, а има и во карантин поради контакт со заразени од коронавирусот.
Нема правен проблем за одложување на изборите
Во однос на прашањето за одржување на изборите и барањето на политичките партии за одложување на изборите, Пендаровски изјави дека не гледа правен проблем за одложување на изборите.
„Во 2015 година двапати ги одложуваме изборите и Собранието се враќаше и ја поништуваше својата одлука и закажуваше нов датум за избори. Значи таков правен преседан се случувал и тоа во време кога немавме пандемија. Сакам да кажам дека не гледам проблем да се одложат изборите“, додаде Пендаровски.
Лидерите на политичките партии утре се поканети на лидерска средба во претседателската Вила Водно со една точка на дневен ред, а тоа е одржување на избори во време на пандемија од Ковид 19.
И власта и на опозицијата денеска побараа одложување на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април, поради настанатата состојба со коронавирусот.
Во Советот за безбедност учествуваат, покрај претседателот на државата, и премиерот, како и министрите за здравство, за внатрешни, за надворешни работи и за одбрана, претседателот на Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата, како и експерти по избор на шефот на државата.