Традиционалниот начин на продажба, најпогодените бизниси од коронавирусот, го заменија со можностите кои ги нуди интернетот. Со низа попусти, како и бесплатна достава, рестораните и продавниците кои беа принудени да стават клуч на врата се обидуваат да ги привлечат купувачите, но во истовреме да остварат некакви приходи.
И оние бизниси кои во минатото не овозможуваа услуги преку електронски пат сега се принудени да користат алтернативните начини за пласирање на нивните производи. Со неколку кликови на тастатурата граѓаните пак можат безбедно да купуваат без да ги напуштат нивните домови поради коронавирусот кој го промени досегашниот стил и начин на живеење.
„Сега за твоето омилено јадење немора да излагаш од дома! Седи си дома и нарачај од нашето промотивно мени со неверојатно ниски цени“, е една од рекламите на скопски ресторан на социјалните мрежи.
„Остани онлајн. Остани безбеден“, со попуст на целата колекција од 20 проценти нуди групација која поседува неколку продавници на познати светски брендови.
Пред десет дена меѓу првите мерки на Владата беше одлуката да се затворат сите продавници во трговските центри, освен аптеките, супермаркетите и продавниците за храна. Целосна забрана беше воведна и за кафулињата, рестораните, како и баровите, клубовите, казината, обложувалниците.
Мерките најмногу паднаа на товар на туризмот и угостителството, а ние сме во позиција кога можеме да овозможиме рестораните да продолжат со работа и да остваруваат приходи, вели Роберт Тодоровски, менаџер во „Кликни Јади“, сервис за испорака на храна.
„Во последниве неколку дена имаме десетици барања од ресторани со кои некои од нив веќе склучивме договори, а другите се на чекање бидејќи не можеме да постигнеме толку брзо да ги вклучиме, но секако сите сакаат да се дел од тоа бидејќи знаат дека единствен начин да опстанат во овие тешки моменти е преку испорака“, вели Тодоровски.
За да се заштитат граѓаните им се нуди бесконтактно плаќање а доставувачите носат заштитни маски и ракавици. Загубите за најпогодените сектори од нивното неработење тек ќе се утврдуваат.
Секако дека фирмите треба да мислат на реорганизација не само поради коронавирусот, смета Тодоровски.
„И да не се случеше кризава со вирусот овој тренд на продажба на запад е веќе многу актуелен. Еве Данска ќе ја земеме за пример каде 70 проценти рестораните работат со достава, а 30 отсто со директна услуга. Тој тренд полека доаѓа и кај нас, иако сме јужен народ што сакаме да се дружиме, но несомнено интернетот и доставата зема голем замав и во овој дел на континентот“, додава тој.
Владата забрани и собири на повеќе од 5 лица, а тоа резултираше и со затворање на вежбалните. Со пониски цени и преку вежби на интернет тие се обидуваат да ги задржат своите клиенти.
„Со новонастанатата ситуација и вонредната состојба во која се наоѓаме, моравме да ги прилагодиме условите за работа за да оствариме барем некаков приход, кој е далеку помал од реалниот во нормални услови. Одржуваме часови со членовите онлајн и се трудиме да го задржиме интересот за вежбање и во домашна атмосфера“, вели Рита Конзулова, инструктор по пилатес.
Владата за микро, малите и средни претпријатија пред се од угостителството, туризмот и транспортот најави дека ќе издвои околу 12 милиони евра помош, односно кредити од 3000 до 30.000 евра, без камата, со грејс период од 6 месеци и отплата во рок од 2 години.
Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.