Достапни линкови

Д ФЕСТИВАЛ по скалите кон врвот


Со повеќе од 50 музички артисти на шест бини и над 100 уметници и креативци кои ќе земат учество во бројните перформанси и работилници, од 12 до 14 јули, ќе се одржи Д ФЕСТИВАЛ, единствениот летен фестивал на отворено кај нас кој се издигна до еден од најзначајните (суп)културни настани во регионот.

Деновиве сите патишта на урбана Македонија, па и малку пошироко, водат во Дојран. Таму, веќе по традиција, од 12 до 14 јули, ќе се одржи новото, деветто по ред издание на Д ФЕСТИВАЛ, единствениот летен фестивал на отворено кој речиси од самиот стар се наметна како нешто многу повеќе од само музички настан. И, богами со таквата иницијална идеја опстојува и натаму од година во година натпреварувајќи се самиот со себе во потребата да биде што поголем и да претстави широка палета на артисти и активности кои несомнено ќе го предизвикаат вниманието на генерациите поддржувачи и самомислечки луѓе.

А, во случајов, сходно поставените рамки, во наредните три дена е планирано да настапат над 50 музички артисти на шест музички бини и над 100 уметници и креативци кои ќе земат учество во бројните активности, перформанси и работилници кои ќе се одвиваат низ повеќе од 20 различни зони на Д ФЕСТИВАЛ. Ова секако подразбира дека пред нас, пред публиката која таму ја наоѓа сопствената оддишка е веројатно најголемото и најсилно издание на манифестацијата. Но, да тргнеме со ред.

​За громогласно отворање на главната бина се очекуваат нашиот а светски врвен електронски артист Кирил Џајковски со шоу во кое бележито место имаат вокалистот Лион Ди и нам добро познатата Ти Кеј Вондер. Потем тука се и OFENBACH, париското хит дуо кое суверено владее со светските топ листи, македонскиот хип-хоп артист СТРАЈК и неговиот хрватски колега ВОЈКО В... Истовремено, на втората по големина фестивалска бина, MOSQUITO STAGE, позиционирана во срцето на ПлоштАРТ зоната и во непосредна близина на фестивалскиот камп, ќе настапат бендовите кои важат за гордост на македонската алтернативна сцена RIB, DISEASE, FICTION, но и уникатниот номадски бенд со бунтовен стил и див ритам SIDI WACHO.

Посилна од било кога досега, со прогресив и пјасхо транс диџеите и продуценти како CAPTAIN HOOK, е и програмата на LAKE AWAKE бината, омилената локација на фестивалските посетители за дочек на изгрејсонце покрај крајбрежјето, во музичкиот храм, на првиот фестивалски ден, публиката ќе има прилика да ужива во настапот на виртуозот на рајските инструменти канун и саз и композитор на музика зa неколку култни театарски претстави – Џенгиз Ибрахим, а соодветна ќе биде и програмата на сцената каде ќе се вртат новите домашни музички имиња и новото „Тивко диско“.

В сабота на главната сцена со премиерен ексклузивен настап најнапред се очекуваат bass суперѕвездите и трикратни сопственици на Beatport наградите за најдобар d'n'b состав NOISIA, а потем и светскиот хитмејкер и задолжително име на водечките светски фестивали Махмут Орхан, моќните претставници на музичката авангарда, еден од најголемите рок состави во регионот ДИСЦИПЛИНА КИЧМЕ и веројатно најавтентичните, неконвенционални музичари на домашната сцена – ФОЛТИН.

Во нивна близина, кај „комарците“, мнозина ќе уживаат со звуците на најголемото изненадување на новата хрватска алтернативна сцена PORTO MORTO и одличните домашни претставници ПАРКЕТИ, ZEEBOMB и НЕШО АВТОРИЗАЦИЈА. Љубителите на електронската музика сигурно нема да го пропуштат настапот на Том Нови и докажаните македонски диџеи Никифор и FLOODER, а за оние кои милуваат поинтимни сценски простори таа вечер на т.н CHURCH STAGE по жиците на гитарата ќе пребира една од големите легенди на македонската современа уметност – Влатко Стефановски. Се разбира неговиот соло настап ќе се темели на денес веќе класичниот албум „Мајчин јазик“.

И, конечно на третиот и последен фестивалски ден за ова издание на Д ФЕСТИВАЛ, во недела на 14-ти јули, на главната сцена едно по друго ќе се изредат Хинди Захра, извонредната пејачка и текстописец која ја нарекуваат и постмодерна Били Холидеј, една од водечките џез/хип-хоп вокалистки, феноменалната Акуа Нару, метал легендите NAPALM DEATH и ска-панк бандата која се потпишува зад најпозитивната концертна атмосфера која сме ја искусиле на домашната сцена СУПЕРХИКС.

Паралелно, во „соседството“ за промислената забава се планирани музичко-театарскиот перформанс „Црнила – ремикс“, Bon Praskiza, Donplaya и Prince$$ Donatsu од трап колективот MvrSvr, АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ...а згора на тоа во „храмот“ ќе биде одиграна уште една театарска претстава – трупата АРТОПИА ќе ја изведе популарната „Да го поздравиш и да ми го бациш“.

На ова деветто издание на Фестивалот и нов програмски концепт - „FAMILY DAY“, кој не е само за децата туку за сите кои сè уште знаат да се радуваат како деца! Во рамки на оваа програма која не знае за граници кога е возраста во прашање, на Smooth Stage со свој настапи ќе гостуваат 5+ БЕНДод телевизиската серија „5+ Фамилија“ иМАГИЧНОТО ШОУ на Дарко Ѓурчиновски и Кристиан Шопов.
Од друга страна, не смее да се заборави и тоа дека програмата на Д ФЕСТИВАЛ вклучува и бројни работилници, изложби, дебати и перформанси во ПлоштАрт, бесплатна дневна програма на Lake Awake бината, базар на уметнички дела и ракотворби, многу различни атрактивни фестивалски зони исполнети со забавни предизвици, наградни игри, чил-аут катчиња и три дена исполнети со креативност и уметност во единствената тридневна фестивалска авантура кај нас.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG