Достапни линкови

„BookStar 2018“ со писатели чии дела ги откриваат болните точки на општеството


Под слоганот „TABOO OR NOT TABOO?“, од 13 до 21ноември, во организација на издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, ќе се одржи четвртото издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“. Лауреат на годинешнава манифестација е хрватската писателка Славенка Дракулиќ.

Седум докажани и признати писатели од самиот книжевен врв на Европа, автори како Славенка Дракулиќ, Џамал Уаријачи од Холандија, Офејгур Сигурдсон од Исланд, Михал Ајваз од Република Чешка, Антон Баев од Бугарија, Рику Корхонен од Финска, Енес Халиловиќ од Србија, како и нашите Живко Грозданоски и Јосип Коцев, ќе и бидат претставени на македонската публика во рамките на четвртото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 13 до 21 ноември на неколку локации во Скопје. Манифестацијата годинава ќе се одвива под слоганот „TABOO OR NOT TABOO?“, а според организаторот - издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, годинашната фестивалска програма вклучува најголем број книжевни настани досега, при што, разбирливо во фокусот се гостувањата на авторите и промоциите на нивните дела.

Според неговите потписници Фестивалот оваа година претендира да излезе од класичната рамка на стерилно сфатениот академски третман на книжевноста, да се издигне над досегашните литерарни или книжевнички кулоарски муабети, да отвори прашања што ретко се поставуваат, да разработи општествени и социјално ангажирани теми.

Во време на информатичка пренатрупаност и неограничен медиумски пристап, логично би било табу темите да не постојат. Но наместо тоа сведоци сме дека живееме во една ера на пост-идеологија, лажни вести, на табуизирање...Во една ера на празен публицитет. И, поради тоа нашиот фестивал BookStar носи писатели чии дела до срцевина ги откриваат болните точки на општеството денес. Самиот слоган „TABOO OR NOT TABOO?“ алудира на тоа дека оваа година преку Фестивалот сакаме да ги поставиме оние прашања што непријатно и тивко се одговараат. Да разработиме различни општествени и социјални теми преку книжевноста како лек против егзистенционалните тегоби и социолошките норми, вели Кристина Велевска, гласноговорник на манифестацијата.

„BookStar 2018“ ќе биде отворен на 13 ноември со промоција на збирката раскази „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ, една од највлијателните авторки во Европа, на која ќе ѝ биде доделена наградата „BookStar“ за книга што ја одбележува 2018 година. Расказите во оваа книга ги осветлуваат темните слепи точки на нашето општество со тоа што ја земаат невидливоста на повозрасните луѓе, смело прикажувајќи ги универзалните интимни мисли што секогаш ги одложуваме.

Славенка Дракулиќ

Промоцијата е планирано да се одржи во Клуб МКЦ со почеток во 19:30 часот, промоторки на делото ќе бидат Ангелина Бановиќ-Марковска и Ана Мартиноска, а наградата на авторката ќе ѝ ја додели актерката Наташа Петровиќ.

Хрватската писателка ќе биде специјална гостинка и на следниот фестивалски настан, кој ќе се одржи на 14 ноември. Станува збор за раскажувачки слем на однапред зададена тема со наслов „Жива литература“, при што со надоврзување на неколку различни учесници - раскажувачи треба да се создаде една приказна. Темата за овој прв слем е „Мојата бивша“, а покрај гостинката Дракулиќ, ќе учествуваат и македонските творци Елизабета Баковска, Петар Андоновски, Калина Малеска, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Ѕвездан Георгиевски. Зад идејата и концептот за овој настан стои Ана Василева, а модераторка ќе биде Маријана Јанческа.

И, по еден таков почеток, кој патем наедно подразбира и дружба на Славенка Дракулиќ со читателите во книжарницата „Антолог“, фестивалската програма на четвртиот „BookStar“ продолжува со „Македонска поддршка“, целината во чии рамки ќе бидат претставени и промовирани двајца македонски автори со своите најнови дела.

Така најнапред на 15 ноември, во „Винил“, ќе се одржи поетско читање „Сега е најдолгото никогаш“ со песни од истоимената книга на Јосип Коцев, дело од март годинава и објава на „Антолог“ која влезе во поширокиот избор од десет книги во конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП. Стиховите на публиката ќе и ги донесат авторот и поетесата Д. А. Лори.

Јосип Коцев

Веќе следниот ден, во клубот МКЦ, во 20 часот, е планирана промоцијата на „Последното име на иднината“, најновиот роман на македонскиот писател Живко Гроздановски, чиј промотор ќе биде Наташа Аврамовска.

За ова дело ќе биде забележано дека е приказна за Јоха, инженер за тунели од Јена, Источна Германија, чиј живот од корен се менува откако ќе биде испратен да работи во едно испустено место на југот од Босна и Херцеговина. Приказна за телата, осаменоста, патувањата и за животот што го живееме и го замислуваме и на кој успеваме и сакаме да се сеќаваме. Приказна за еден човек што, најпосле, го води својот внук на блискиот рид од детството, гледа во балонот во неговата мала рака и помислува на тоа како сите нешта – во свое време и на чудесен начин – си доаѓаат на свое место.

Со оваа промоција завршува првата половина од фестивалот „BookStar“, по што следи кратка пауза за да настаните продолжат на 19 ноември со средбите со останатите гости на фестивалот меѓу кои дури тројца добитници на престижната Награда за литература на Европската унија.

Кон ова само уште информацијата дека за време на манифестацијата ќе се одржи и мал Саем на европската литература, на кој, покрај сите наслови од авторите учесници на значајно литературно случување, ќе бидат изложени и други дела од значајни европски автори и книги добитнички на Наградата за литература на ЕУ.

Конечно фестивалот е поддржан од Министерството за култура на РМ, Амбасадата на Кралството Холандија, програмата Креативна Европа на Европската Унија и Амбасадата на Република Чешка, а влезот на сите фестивалски настани е слободен за сите љубители на квалитетната европска литература.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG