Младински културен центар-Скопје, по минатогодишната заложба за прошетка по „Скопска линија, европска вожња“, годинава реши да биде многу директен во повикот за својот, НАШИОТ Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“. Тимот што ја потпишува манифестацијата како една од ретките на Стариот континент, па дури и во светот, во пресрет на 17 издание со искрена леснотија го испука новото мото: Збогати се преку ноќ! Идејата е во времево на изгубени вредности да се понуди содржина што ќе го крепи духот и ќе ги прошири видиците. Ќе не натера да излеземе од нашево општествено-политичко буниште и со еден замав ќе ни донесе знаења и вештини кои поттикнуваат нови автентични потраги. Услови полесно да се надминат меѓите во свеста.
Или, ајде и вака, „идејата е помладата публика да размислува за други вредности, а не само за материјалните“, како што би рекле потписниците.
„Само во Скопје во текот на последнава година се отворени 30-ина обложувачници. Ние сакаме на ова да одговориме токму со нашиот фестивал и на младите да им кажеме да знаат кои се вистинските вредности. Да им кажеме дека богатството и не треба да биде само материјално. Дека вистинското богатство е она со што е исполнет духот. Ова е нашата заложба за таа цел“, ќе рече Русе Арсов, актуелниот директор на МКЦ и човекот кој го предводи тимот што го потпишува „Синедејс 2018“.
Сцена од филмот „Човекот што го уби Дон Кихот“ на Тери Гилијам
И, кога сме веќе тука, од 8 до 18 ноември, во Џепното кино, во „Фросина“ и во „Милениум“, ќе бидат прикажани повеќе од стотина филмови селектирани во неколку програмски целини.
Гала програмата и годинава изобилува со врвни режисерски имиња и наградувани филмови на фестивалите во Кан, Сан Себајстијан, Венеција, Берлин... Од вкупно 21 филм во оваа селекција публиката ќе има можност да бира дела на автори како Гус Ван Сант, Ларс вон Трир, Ласло Немец, Руперт Еверет, Асгар Фархади, Питер Гриневеј, Паоло Сорентино, Ралф Фајнс, Хавиер Долан, Жан Лук Годар... Тука се и Спајк Ли со ангажираниот „Црниот член на Кју Клус Клан“, монтипајтоновецот Тери Гилијам со неговиот „Човекот што го уби Дон Кихот“ и како ексклузивитет „Фаворитката“ на Јоргос Лантимос, филм чијашто премиера се случи на овогодинешното издание на Венецискиот фестивал и допатува специјално на „Синедејс“, пред и воопшто да биде пуштен во кино дистрибуција закажана за почетокот на 2019 година.
- Во контекст на ова, со гордост ја најавуваме и долгоочекуваната премиера на филмот „Хеј“ на македонскиот режисер Васил Христов, филм кој го очекуваме да биде снимен повеќе од десеттина години со оглед на тоа што во проектот се влезе без било каков буџет, а на „Синедејс“ му припадна честа токму со него да го затвори ова издание на Фестивалот, истакнува Маргарита Арсова која е задолжена за овој дел од програмата.
Сцена од филмот „Фаворитката“ на Јоргос Лантимос
А не случајно „Синедејс“ во случајов гламурозноста на отворањето ќе ја заменат со филм кој е позајмен од деветте планирани да ги задоволат и најпрефинетите вкусови на филмофилите, но и на музичките зависници. Дело од веќе традиционално богатата програмска целина „СинеМјузик“ која поодамна е буквално Фестивал во големиот Фестивал.
Така публиката ќе има можност најнапред да го проследи „Матанги/Маја/М.И.А“ на Стив Ловериџ, документарен филм за познатата раперка, за да во останатите денови ги види и „Дечак из воде“ на Марко Новчиќ посветен на Милан Младеновиќ и легендарната белградска група ЕКАТЕРИНА ВЕЛИКА. Тука се и играниот филм за Морисеј, некогашниот предводник на Д СМИТС, „Глазба је часовна уметност 3:ЛП филм ЛАЈБАХ“ на словенечкиот режисер Игор Зупе, документарецот „Betty: They say I'm Different“ на Филип Кокс кој се фокусира на ликот на фанк и соул пејачката Бети Дејвис, некогашната сопруга на легендарниот Мајлс Дејвис, сторијата за египетскиот андеграунд на Марина Готи, „Raving Iran“ на Сузан Реџина Мејерс за „подземната рејверска сцена во затвореното иранско општество“ и конечно „You'll never walk allone“ делото на режисерот Андре Шафер за песната – химна на навивачите на фудбалскиот клуб Ливерпул.
Ваквата визуелна понуда е следена и од одличен избор на концертни настапи. Така публиката ќе може да ги види и чуе култната американска ноис пејачка Лидија Ланч, нејзините сонародници – експерименталното хип-хоп дуо ШАБАЗ ПАЛАСИС, афро-американската џез-бит група ИДРИЗ АКМАМУР ЕНД Д ПИРАМИДРС, Нога Ерез од Израел, ТАУ од Германија, белградскиот трибјут бенд кој посега по музиката на ЕКВ со некогашниот нивни тапанар и докажан филмски глумец Срѓан Жика Тодоровиќ, српската „супер-група“ ШКРТИЦЕ со Зоран Костиќ -Цане од ПАРТИБРЕЈКЕРС како најистурен во редот...и конечно Женскиот младински хор на МКЦ со специјално подготвена џез програма.
Не помалку возбуда ќе има при следењето на Официјалната селекција и СИНЕ БАЛКАН, програмските целини за кои и во случајов задолжен беше Бернд Будер, кој и годинава потпишува одличен избор на филмови. Од друга страна осум филмови на млади европски режисери, ќе се натпреваруваат за наградите ЗЛАТНА ЅВЕЗДА за најдобар филм и 5000 евра парична награда, СРЕБРЕНА ЅВЕЗДА и СИНА ЅВЕЗДА за Најдобро сценарио, а новитет оваа година е соработката со Филмскиот фестивал за млади „Џифони“, со кого МКЦ заедно ќе ја додели специјалната награда за најдобар филм од млади за млади.
Инаку, на „Синедејс 2018“, во соработка со чешката амбасада во земјава, во чест на неодамна починатиот режисер Милош Форман ќе бидат прикажани четири класични остварувања од раните творечки денови на овој голем филмски маг.
Од друга страна, со особено внимание ќе биде проследена и селекцијата на македонски кратки филмови која е составена од девет филма. Така домашната публика ќе има убава можност да ги проследи актуелните и свежи остварувања на Ана Опачиќ („Магнолија“) Крсте Господиновски („Готлиб“), Стефан Палитов („Кога нѐ нема“) Игор Алексов („Сонот на крвта и душата“), Златко калеников („Железната приказна“), Анастасија Лазарова („Малина“), Горан Столевски („Види ја ти неа“ - филмот кој освои награда на фестивалот во Санденс), Лавинија Софрониевска („Обид за среќна приказна“) и на Марко Џамбазовски („Црни и криви“).
И, тука не е крајот. Третото издание, пак, на Програмата на студентски филмови ќе донесе и голем број млади филмаџии од десет регионални универзитети, како и светски познатата филмска академија ФАМУ од Прага. За младите луѓе што сакаат да се пробијат во индустријата, фестивалот нуди бесплатна пропусница за сите фестивалски настани, вклучувајќи проекции, работилници, предавања, панели. Најдобриот студентски филм ќе биде награден со парична награда од 500 евра од тричленото жири во кое се: Кристина Леловац, асистент на Факултетот за драмски уметности во Скопје и актерка, Јане Спасиќ, режисер, и Владимир Димоски, филмски снимател.
Згора, во рамките на фестивалот ќе има и специјални проекции на два филма кои се со слична тематска содржина - „Хотел Гагарин“ на Симон Спада и „Хотел Југославија“ на Никола Вањиер. Овие две дела ќе имаат истовремена симултана проекција и на филмскиот фестивал во Тирана.
И, тука не престануваат изненадувањата. Куриозитет на ова издание на Меѓународниот фестивал на европски филм е првиот филмски маркет насловен како „Сине индастри“. Настанот е предвидено да создаде иницијални дијалози и врски помеѓу филмаџиите и дистрибутерите, продажните агенти, платформите VoD и разните играчи и поддржувачи од други средини.
Дводневниот настан е поделен на панел-дискусија и пичинг-сесии, кои нудат можност за размена на знаењата и интердисциплинарно воспоставување деловни контакти. Водена од страна на инспиративни говорници, панел-дискусијата ќе им се обрати на филмаџиите, кои ги интересира како технологијата ја обликува иднината на филмската дистрибуција и комерцијална исплатливост на еден филм.