Достапни линкови

Арсов - Театарска Европа да ја донесеме пред домашната публика


МОТ програмски воопшто не заостанува во однос на голем број европски фестивали. Се разбира, поради ограниченоста на буџетот, не секогаш можеме да ги донесеме „големите“ продукции, но тоа не е изворната идеја. И тоа е можеби добро затоа што не секогаш тие продукции и претстави се добри, вели Русе Арсов, првиот човек на Млад отворен театар, фестивалот што на неколку сцени во градов ќе се одржи од 20 до 28 септември.

Како еден од најстарите прогресивни театарски фестивали во регионот, без каков било прекин во долгата низа од 43 изданија, Младиот отворен театар или ако сакате МОТ успеа во тој период да ја зачува сликата за себе. Да ги задржи сите изворни идеи, постулати со кои своевремено како театарска, уште повеќе (суб)културна манифестација го започнале неговите основачи. И, секако врската е и премногу сериозна во однос на сето она треба да се случува на секое негово идно издание.

Вака Русе Арсов, долгогодишен селектор на програмата и директор на Младински културен центар – Скопје, ќе го започне своето кажување во пресрет на 43-от МОТ кое годинава ќе се одвива во периодот од 20 до 28 септември на неколку сцени во градов - Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар. Русе Арсов е дипломиран продуцент на отсекот за филмска, театарска и ТВ продукција на Факултетот за Драмски уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во организацијата на МОТ е деценија и половина. Или, како што самиот, знае да каже „Јас израснав со МОТ“.

Русе Арсов, селектор на МОТ 2018
Русе Арсов, селектор на МОТ 2018

Арсов појаснува дека театарот полека го губи значењето што го имал некогаш и дека ваквите форми на театар што се продуцираат претежно од независните театри, младите театри, новите независни трупи, се оние коишто ја прават таа корективна мерка. Дека тие тие се обидуваат да го вратат вистинското значење на театарот како медиум и неговата специфика со која се разликува од сето останато.

„Она што ние преку програмата на МОТ се обидуваме да го направиме е токму тоа. Да се обидеме да го претставиме сето она што е нова размисла, нова естетика, нова форма, експерименти, во кој правец може да се користи театарот како медиум и на кој начин може да се комуницира со публиката, да се користи и практикува театарот. Да се покаже до каде е стигната таа приказна. Секако грижејќи се да останеме на тој изворен пат и на фактот дека ќе прикажуваме претстави кои имаат нешто специфично во себе. Голем дел од тие претстави не секогаш се допадливи за целата публика. И тоа е она што го прави МОТ посебен и му ја дава предноста зошто е сето тоа добро. Затоа е и театарот уметност, нели“, вели Арсов.

Тој и со појаснување дека се обидуваш, истражуваш, резултатот го покажуваш пред публиката и дека потем гледаш дали таа го прифаќа или едноставно го отфрла.

„Таквиот тип на провокации, таквиот тип на експерименти се првиот приоритет на МОТ. Секогаш. Бидејќи МОТ е и најголемиот театарски фестивал кај нас, секогаш се трудиме да бидеме во тек и со новите имиња, оние што значат на европско ниво. Односно да се обидеме театарска Европа да ја донесеме пред скопската, македонската публика“, смета селекторот.

Говорејќи за програмата на 43-то издание на МОТ, Арсов со појаснување дека таа овојпат е разновидна. Најшарена.

Сцена од претставата „Блокбастер“
Сцена од претставата „Блокбастер“

Вели дека отвораат во четврток, на 20 септември, во 20 часот, во Македонски народен театар со белгиската „Блокбастер“ или „театарската НЛО претстава“, која е всушност филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Од таа гигантска монтажа се раѓа приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.

Втората вечер е резервирана за Словенско младинско гледалишче и претставата „Идиоти“, која настанува според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, а го поставува Нина Рајиќ, едeн од најартикулираните театарски гласови на младата генерација. Претставата едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива.

По неа следува германската „Има уште“, која е експеримент и ново колективно кореографско искуство, кое предизвикува внимание на поинаков начин.

Сцената на кино Фросина е домаќин на третиот ден на МОТ, кога гостува Новосадско позориште со најнеобичната поставка на текстот на Данило Киш „Гробница за Борис Давидович“, во режија на нашиот Александар Поповски, на унгарски јазик.

Сцена од претставата „Гробница за Борис Давидович“
Сцена од претставата „Гробница за Борис Давидович“

А по неа во Драмски театар изведба на домашната „Странци“, на Нела Витошевиќ и отворањето на дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.

Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел, со „Го убивме шугавото куче“ е, пак, дел од проектот Африкански бранови, кој ги спојува Португалија и Африка, а ќе бидат прикажани во Дансинг салата на МКЦ. Веднаш по нив следува „Балканската рута“ по која се движел театарскиот и филмски режисер, Франц фон Столхен, според чие сценарио „рутата“ почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви. Меѓу трите актерки носители на дејствието е и нашата Наталија Теодосиева.

На малата сцена во Македонската филхармонија, Искра Шукарова со студентите на ФМУ ја поставува „Чудна шума“, а по неа следува премиера на домашната независна театарска трупа Артопија со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим.

Следува, „Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ која претставува ангажирана општествена сатира, која реферирa на историската мегаломанија на поранешната македонска власт и нивните проекти, кои ја изопачија сликата на нацијата. „Но(е)ва Македонија“ ќе се обиде да отиде чекор понатаму во монтипајтоновски апсурд. Оваа претставата ќе биде прикажана во Македонската опера и балет, а по неа следуваат соло проектот на Словенецот Марко Булц - „Прва алтруистичка приказна“, па компанијата на Јо Стромгрен, овојпат со женски кастинг во „Болница“, со која ги поместува границите употребувајќи бесмислен јазик и локална естетика на секоја од претставите и така со ред до крајот на МОТ.

Сцена од претставата „Болница“

„Генерално МОТ програмски воопшто не заостанува во однос на голем број европски фестивали. Следиме многу автори и го претставуваме она што е актуелно во светот. Се разбира поради ограниченоста на буџетот, спецификата на публиката и многу други фактори, не секогаш можеме да ги донесеме „големите“ продукции и големите имиња, но тоа не е изворната идеја. И тоа е можеби добро затоа што не секогаш тие продукции и претстави се добри, квалитетни“, истакнува Арсов.

Прашан дали и колку домашните продукции, посебно независните можат да го следат она што се случува во современиот театар во Европа и во светот, селекторот и продуцент со објаснување дека и кај нас има творци кои сакаат да работат поинаку. Поавангардно. Да експериментираат. Но, забележува дека за нив, за тој тип македонски режисери и автори мала кочница е стравот од себе.

„Мислам дека им фали малку храброст. Посебно на режисерите. И особено на младите режисери. Да истапат, да пробаат, да експериментираат. Затоа е театарот уметност. Пробуваш, работиш и го кажуваш тоа што си наумил да го кажеш. Не мора секогаш тоа да биде „хит“. Ако сè е хит тогаш не е повеќе уметност“, вели тој.

Дополнува дека медалот има и друга страна. Според него, прашањето е колку, пак, ние на тие проекти им помагаме. Истакнува дека тие театарски продукции работат од чист идеализам и во супстандардни услови. Дека е срамно да се разговара за „хонорари“ или за „поделба на приход од претстава“.

А, тие повторно работат. И имаат убави, прогресивни идеи. Еве како пример ќе ја спомнам нашата продукција „Црнила“, претставата со која ќе заврши 43-от МОТ. Јас навистина мислам дека тој проект ќе ги помести поимањата за храброст во истражувањето и за она што треба да претставува независниот театар, категоричен е Арсов.

Сцена од претставата „Црнила“
Сцена од претставата „Црнила“

Инаку, за да биде приказната за МОТ годинава комплетна ќе се погрижи ФАЈР ОРКЕСТРА, дружината на шведскиот авангарден музичар, саксафонист и композитор Матс Густавсон. Густавсон го познаваме по неговите експлозивни настапи со разни комбинации на Скопскиот џез фестивал, а овојпат по втор пат го носи својот неверојатен „биг бенд“ составен од исклучително квалитетни европски музичари на затворањето на театарскиот празник. Ова оди рака под рака со уште еден значаен фестивал на Младински културен центар - Скопје, штотуку успешно завршениот осми „Здраво млади“. И, кога сме веќе тука, да кажеме и тоа дека МКЦ со потпишувањето и на големиот Синедејс, Бела ноќ, Празнувањето на денот на уметноста и уште еден куп други значајни културни манифестации во последнава декада, како феникс се издигна над обичноста на културната понуда на градот станувајќи најзначајното градско свртувалиште. Од таму, не чуди кога Арсов, сега како директор на оваа институција, знае да каже „МКЦ има една историска, временска среќа“. Дека во моментов во МКЦ работат луѓе кои, иако генерациски далечни, се со иста мисла, иста желба, со иста намера што сакаат да направат со оваа установа. Дека ниту пред повеќе од осум години, ниту сега не биле буџетите, парите, платите, мотивот што ги води напред.

„Сè е до енергијата. Сè е до луѓето. Ние имаме среќа што се погодија две генерации што едноставно се дополнуваат и тоа едноставно се гледа. Овие две генерации, оние што се уште од основањето и кои најмногу им се радуваат на успесите и се најострите критичари кога нешто ќе „упрскаме“ и ние помладите, нема да тераат уште долго вака. Но, нашата прва и основна задача е како што ние сме дошле да регрутираме нови генерации кои ќе не заменат и ќе исчекорат понатаму“, вели Арсов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG