Десетина претстави од Европа и Азија, од кои секоја на свој начин ја потенцира поставеноста на единката пред сликата за вистинскиот живот денес – мигранти, традиција, социјала, сираци, бегалци, историја...ја чинат сржта на 42-то издание на Млад отворен театар, најголемиот меѓународен театарски фестивал во земјава, кој, безмалку во својот редовен термин, од 28 септември до 4 октомври, во организација на Младински културен центар – Скопје, ќе се одржи на неколку сцени во градот.
Случувањата ќе започнат со провокативната „Нашето насилство, вашето насилство” на хрватскиот режисер Оливер Фрлиќ и на Словенско младинско гледалишче од Љубљана, претстава со која режисерот и ансамблот на свој начин „силно ја жигосуваат Европа и нејзината дволичноста во поглед на емигрантската криза“.
Следната, втора вечер на МОТ, повторно на сцените во МКЦ, најнапред ќе биде прикажана „Мојата фабрика“, сторијата на режисерката Селма Спахиќ и на БНП Зеница за поврзаноста на градот со комбинатот, за да потоа, од 22:00 часот, пред публиката бидат распослани 2000 минијатури, макети и видео во живо кои го чинат мултимедијалниот перформанс „Птици“ на шпанскиот колектив Agrupacion Senor Serrano од Барселона.
И, кога сме веќе кај меѓународната програма бележиме дека на 30 септември, на сцената на Театар Комедија, ќе биде прикажана луцидната претстава „Лебенсраум“ во изведба на театарската трупа на Јакоп Алхбом од Амстердам, Холандија. Потем и тоа дека во Кино Култура со нетрпение се очекува изведбата на танцовата трупа БедКо од Загреб, која повеќе години е значаен дел од современата танцова сцена не само во Хрватска, туку и во Европа, а годинава за прв пат доаѓа на МОТ. Тие е предвидено да се претстават со „Еден сиромашен и една нула“, претстава која е курирана за програмата од страна на Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата - Локомотива од Скопје.
Но, тоа не е сè. По подолго време годинава еве ја и Азија на МОТ. Скопјани ќе имаат можност да ја проследат иранската претстава „Сослушување“ на Амир Реза Кохестани, а во изведба на „Mehr Theatre Group“ од Техеран, колектив кој не само што се одомаќини на европските сцени и фестивали, туку и стана вистински колекционер на престижни награди за своето исклучително творештво.
За вторник, на 3 октомври, во МКЦ е предвидено прикажувањето на „Хор на сираци“ на Јержи Зон и современиот полски театар КТО од Краков. Станува збор за претстава без текст која распостилајќи емотивна сторија за сираците всушност израснува во универзална приказна за човечката осаменост. Истата вечер, на сцената на Кино Култура, се очекува документарниот театар Vox Populi од Софија кои во својата „Мир со вас“ говорат за мигрантската криза раскажана преку личните сведоштва на учесниците во неа: бегалци, мигранти и обични Бугари кои имаат допир со странците.
Последната фестивалска вечер од официјалната програма е резервирана за Сања Митровиќ и Владимир Алексиќ, кои понирајќи назад во времето ќе го прикажат нивниот авторски проект „Не срамам од моето комунистичко минато“ чиј продуцент е „Stand up tall“ од Брисел, Белгија.
„Оваа година немаме некои големи и гламурозни претстави. Се фокусиравме на малите нешта, се фокусиравме на малиот човек, на човекот поставен пред сите оние предизвици што со себе ги носи реалниот живот денес. Очигледно дека денешна Европа и тоа како го користи театарот како медиум за потенцирање на тие основни аномалии коишто целиот тој наш комодитет на живеење успева да ги потисне на страна за сметка на вистинските горливи проблеми“, вели Русе Арсов, еден од уредниците во МКЦ кои се најтесно поврзани со програмата и организацијата на Фестивалот.
На Млад отворен театар годинава ќе му се случи и биеналниот преглед на домашната продукција. Оваа програма е всушност одбир од актуелни македонски претстави кои освен пред публиката ќе бидат прикажани и пред петнаесетина европски селектори и критичари, а сè со цел нивно натамошно дистрибурирање по сцените надвор од нашата држава.
Во селекцијата се вклучени „Експеримент“ на АРТОПИЈА, во режија на Јане Спaсиќ, „Силјан штркот шанца“ на Срѓан Јаниќијевиќ и „Разговор во четри очи“ на Нина Николиќ, обете во продукција на МНТ, потоа „Шумата на моето дрво“ на Александар Ивановски (Северно од Импакт), „Доктор Фауст“ на на Андреш Урбан и Битолскиот театар, како и двете продукции на Театарот на Навигаторот Цветко и Кино Култура – „Антигона и Креонт“ во режија на Нела Витошевиќ, и „Лерин, полиња жито, ридишта крв“ на Слободан Унковски.
МОТ+ програмата, пак, ја сочинат три продукции. Во Кино Култура ќе биде прикажана „Систем еррор“ на Факултетот за драмски уметности од Скопје, а во Мала Станица ќе оди мултимедијалната „Бакнати од сонцето“ во продукција на Театар Пи, во која актери се деца со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака“ од Скопје. Згора на тоа, како дел од МОТ+, во сабота на 7 октомври , на плоштад Македонија ќе има можност да го проследи и мултимедијалниот перформанс „Таго“ од Сеул, Кореа.
Згора на ова, во рамки на придружната програма, ќе бидат организирани две работилници: една за светло водена од Крис Јагер, искусен дизајнер на светло со повеќе од 30 годишно искуство на работа во оваа професија, како и работилници за танц под менторство на Скопје танцов театар. Тука е и перформативно-истражувачки проект „Кога зградите би зборувале“ во продукција на фестивалот Акто, а присуството на хрватскиот БедКо ќе биде искористено и за предавање на истакнатиот професор Горан Присташ од Загрепската академија за драмски уметности, кој ќе говори на тема „Институции, дела, работа“, посветена на формата и начинот на функционирање на културните институции. Како продолжување на издавачката дејност на МОТ, оваа година ќе биде промовирано новото издание на книгата „Филозофија на паланката“ од Радомир Константиновиќ.
Конечно, вообичаено фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со богата музичка програма, па така на платото пред МКЦ ќе се одржат концерти на Сара Ренар од Хрватска, нашите ПОГАН ПАГАН, THE HOMESICK од Холандија и австрискиот ELEKTRO GUZZI.