Достапни линкови

Програмата на МКЦ - вентил на слободата на урбано Скопје


Со Лиза Жерар од Dead Can Dance, Tiger Lilies и Џим Џармуш, фестивалите МОТ, „Синедејс“, „Здраво млади“, како моќни точки од програмата за 2019 година, Младински културен центар и натаму останува чувар на урбаниот дух на градот и место за промоција на новата младешка енергија и (пот)култура.

Можеби е нескромно ние да го правиме ова, но во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, сметаме дека е важно континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор. Дотолку повеќе кога станува збор за јавна установа, или репрезент за културата на еден град, каква што е МКЦ.

Она што е неизбежно да се нагласи кога се зборува за МКЦ е тоа дека оваа јавна установа отсекогаш била дом за прогресивни идеи и културни дејци, дека речиси половина век успевала да пркоси на секој бран на шунд и кич и можеби најважно, дека дури и во најмрачните денови за културата и уметноста, МКЦ беше единствениот вентил на слободата во оваа земја.

МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци, кои беа и се доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на и онака кревкото културно јадро на нашата држава.

Ова ќе го запишат Русе Арсов, Кирил Мечалов, Марга Арсовска, Владица Младеновски, Горјан Ѓорѓиев, Соња Исмаил Огненовска, Филип Николовски и останатите од тимот кој во последниве две години ја креира политиката на Младински културен центар – Скопје. Истата онаа која заедно со армијата соработници и уметници, по годините на летаргија, ги стави последните камчиња од мозаикот наречен успешно враќање на оваа градска институција на оние на кои најмногу им припаѓа - на младите. На една од ретките која воопшто не се штедеше во зачувување и стимулирање на урбаниот дух на метрополата бездушно нападната од паланечката турбо идеологија и новокомпонираниот стил на живеење.

И, кога ова е веќе кажано беспредметно е наново да се посега по бројот на реализирани манифестации, концерти, фестивали, изложби, промоции, одржани дебати и трибини и сето она што во определена временска отсечка ја чини суштината во делувањето на оваа јавна установа. Напротив, многу позначајно е што истиот тој тим веќе ја претстави внимателно подготвуваната програма за актуелната 2019 година. И, во неа, како што велат, имаат потврдено гостувања на еминентни глобални артисти, чии имиња и тоа како ја зацврстуваат позицијата на МКЦ на светската културна мапа. Творци како на пример Лиза Жерар, едната половина од епското дуо Dead Can Dance, која во Скопје ќе дојде во рамки на нејзината турнеја со прочуениот бугарскиот хор Le Mystère des Voix Bulgares. Во близина се канадскиот бенд Operators и фантастичните Tiger Lilies од Велика Британија кои е планирано да стават точка на уште едно успешно издание на Младиот отворен театар.

А, кога сме веќе кај МОТ 2019, кој е предвидено овојпат да се одржи во средината на септември, на него се очекува повторно словенечкиот режисер Томи Јанежиќ со неговата последна продукција сторена со ансамблот на Словенско младинско гледалишче и која верувале или не трае безмалку 12 часа.

Згора на тоа на истата манифестација е најавено присуството на уште петнаесеттина странски театарски продукции, а наново ќе се случи и биеналната Македонската театарска берза, маркетот на македонски театарски продукции што влегуваат во специјална селекција да бидат презентирани пред странски директори на фестивали и театри, со надеж дека истите ќе бидат селектирани да бидат дел од нивната програма, а со тоа и наш извозен културен продукт.

Не помалку амбициозни се и плановите за Фестивалот на европски филм „Синедејс“. На него се очекуваат повеќе етаблирани имиња, уште поцврста програма, активности вон фестивалските дати, дисперзија на програмата во неразвиените општини, филмска едукација за најмладите, соработка со регионалните фестивали за воспоставување на VOD или VIDEO ON DEMAND платформа за прикажување на филмските наслови и постфестивалските прикажувања и бројни останати активности, кои би значеле уште поголем и поширок развој на фестивалот. Се планира и воведување на две нови награди – награда за најдобра музика на филм, со оглед на тоа дека во рамките на програмата голем дел и се посветува на музичката програма и на музичките документарни филмови, но и награда за најдобра маркетинг кампања на филм, која би била реализирана во потесна соработка со некоја домашна маркетинг агенција.

И, сето ова независно на тоа дали веќе намалениот (безмалку преполовен) буџет ( засега три милиона денари од Агенцијата за филм) ќе биде доволен за да се обезбеди и присуството на пожелуваниот американски режисер Џим Џармуш, кој не би дошол како гостин на фестивалот туку како музичар кој би одржал концерт на „Синедејс 2019“?!.

„Дел од нашата работа е токму тој момент да покажеме едно ново ниво на култура и соработка и токму затоа не сакав деновиве да давам никаков коментар за единствениот фестивал од Б-категорија во земјава кој годинава остана покус за еден милион денари во буџетот, се додека не се оствари средбата со Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм, за да ги надминеме шпекулациите и недоразбирањата помеѓу двете институции, дали има грешно протолкувана информација и слично. Можеби сум и наивен, но многу бев среќен по остварениот разговор со кој се надевам дека надминавме многу спорни точки кои за нив беа проблематични“, вели Русе Арсов, в-д директор на Младински културен центар.

Русе Арсов, в.д. директор на МКЦ
Русе Арсов, в.д. директор на МКЦ

Тој со дополна дека проектите и имињата што ги спомнале чинат многу, но дека ништо од тоа не зависи од тоа колку ќе добијат од Буџетот или не и дека она што го превземале како обврска пред публиката и пред уметниците ќе го реализираат.

„Некако бев свесен дека ќе се случува сето ова што се случува во последниве неколку дена затоа можеби повеќе креативно се трошевме себе си кон креирање на нашата програма отколку на резултатите од Конкурсот на Министерството за култура. Мислам дека целата оваа домашна работа требаше да се заврши многу порано и она што во последниве 10 – 12 го заговараме конечно да се оствари. Да се пронајдат кои се тие модели на распределба на јавните средства. Она на што понатаму и понатаму треба да работиме е да помогнеме сите со своето знаење и искуства, па и со своите познанства, како сево ова да го средиме и да завршиме пред и да биде објавен Конкурсот. Јас кога го прочитав конкурсот, освен променетиот фонт на буквите, променетите насловни страници, генерално ништо поразлично и специјално нема. Токму поради тоа сметам дека треба да се работи на моделот на распределбата на јавните средства, а не тоа да се решава во кабинети, од некои мали комисии“, ќе рече Арсов.

Кон ова уште и информациите дека МКЦ деновиве (11 до 15 февруари) е домаќин на резиденција на која учествуваат десетина млади уметници (музичари и визуелни уметници) од Франција, Белгија, Словенија и Македонија. Се работи за проектот CONFRONT, каде што МКЦ е партнер во проектот заедно со Le Grand Mix (Франција), 4AD (Белгија), Pot Miru (Словенија).

Тука се и двата европски проекти, театарскиот проект CHORUS во соработка со пет реномирани театари од Европа, како и повеќегодишноот CREART (како партнер на Град Скопје во извршната реализација) којшто вклучува повеќе од 200 артисти и над 30 куратори во мрежата на градови здружени во различни активности со цел културно и уметничко издигнување на општеството.

Неделава ќе биде објавен и повикот за новиот проект наречен СИРОВА КУЛТУРА кој се потпира на идејата четири пати во годината, на секое тримесечие, на младите независни и неафирмирани артисти да им се даде простор и време да го претстават она што го создаваат. Овој проект ќе биде наменет за артистите што создаваат авторска музика, создаваат уникатни уметнички дела, театар, пишуваат проза/поезија или драми.

„Ако се водиме од максимата дека Револуцијата ги јаде своите деца или ќе бидеме тие, „изедените деца“, или она што и досега МКЦ бил – територија на слободна мисла и професионализам“, истакнува Филип Николовски, уредник во МКЦ.

И, ова не е сè. За Младински културен центар Скопје во текот на актуелнава година особено важни се и неколкуте капитални инвестиции. Имено, планирани се корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани. Во план е и реновирање на платото пред МКЦ, кое поради близината на реката Вардар, секоја година губи по неколку сантиметри од својата структура и токму затоа неговата реконструкција е неопходна. Новина е и отворање и воспоставување Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа, а потем својот потенцијал да го искористат како дел од креативниот тим на оваа јавна установа.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG