Достапни линкови

Датумот за преговори – главна тема во неделниот печат


Архивска фотографија: Зоран Заев, Федерика Могерини и Јоханес Хан
Архивска фотографија: Зоран Заев, Федерика Могерини и Јоханес Хан

Неделниците Фокус и Капитал го анализираат одложувањето на датум за преговори за членство во ЕУ на Македонија и евентуалното добивање датум наесен.

Фокус - Не смее да се толерира клиентелизмот и корупцијата

Фокус во најновиот број, во воведната колумна „За нештата да станат појасни“ индиректно му дава совет на премиерот Зоран Заев во врска со одложувањето на давањето датум за почеток на преговорите за нашето членство во ЕУ летово. „Наместо да губи време на апокалиптични сценарија, премиерот треба да говори дека до крајот на годината ќе влеземе во НАТО, набрзо потоа ќе почнеме преговори со ЕУ, а во меѓувреме да ја направи реконструкцијата на Владиниот кабинет“, пишува авторот. Потоа авторот ги нагласува болните точки и на оваа Влада дека најважно од сè е да испрати сигнали дека, без оглед кога Брисел ќе ја донесе одлуката, во Македонија нема да се толерираат корупцијата, клиентелизмот, непотизмот...

Капитал - Датумот за преговори ќе се чека наесен?!

Во врска со позицијата на канцеларката Меркел за датумот за почнување преговори со Унијата, Капитал смета дека позицијата на Меркел може да го одреди идниот тек на процесот на проширување на ЕУ, кој важи за еден од најуспешните проекти на Унијата. Едновремено, во текстот пишуван пред да заврши посетата на премиерот Заев на Берлин, што е насловен „Датумот за преговори ќе се чека наесен?!“, Капитал пренесува дел од пишувањето на австриски Стандард, кој смета дека ако „Северна Македонија не добие датум за преговори ова лето, се заканува пропаѓање на единствениот позитивен и европски модел на Балканот. Одговорноста за тоа ја носат хардлајнерите во германскиот Бундестаг, кои не сакаа да дадат зелено светло на Северна Македонија“. Австриски Стандард додава дека задршки има и во Франција, Холандија и Данска, всушност не поради Северна Македонија туку поради Албанија која ова лето и онака нема веќе никакви шанси да отвори поглавје. „Германија и Франција на овој начин дејствуваат спротивно на докажаната политика на ЕУ на Балканот за наградување на оние кои одат во правилна насока“ – забележува австрискиот весник чие пишување го пренесува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG