Достапни линкови

Државниот врв бара преговори со ЕУ веднаш, аналитичарите скептични


И додека македонскиот државен врв лобира во европските престолнини и ги убедува нивните државници дека земјава е подготвена за почеток на преговорите со ЕУ, аналитичарите велат дека најверојатно нема да има одлука за датум за преговори во јуни, туку дека тоа би се случило доцна летово или наесен.

Во пресрет на самитот на Европскиот Совет кој треба да се одржи на крајот од јуни, а на кој треба да се утврди датум за отворање преговори на нашата земја со ЕУ, државниот врв е во дипломатска офанзива. Премиерот Зоран Заев во Берлин, претседателот Стево Пендаровски во Брисел. Премиерот Заев очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел во однос на добивањето датум за преговори, а претседателот Пендаровски ќе има одвоени билатерални средби со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и со високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини. И тој, како и премиерот, очекува дека на средбите во Брисел ќе добие целосна потврда оти Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори.

Но, за разлика од политичарите, домашните експерти се повнимателни и ,според дел од нив, многу поверојатно е дека Советот нема да определи датум во јуни.

„Имајќи ги во предвид сите околности, мислам дека пореално е дека тоа би било во септември, но нашите напори сега ги гледам и во насока на обезбедување на септемврискиот датум. Јунскиот датум беше од почетокот проблематичен поради изборите и поради процедурите во националните парламенти, поверојатно ни е дека тоа ќе се случи во септември, што не сметам дека тоа ќе има драматични импликации имајќи предвид колку долго сме чекале“, вели Симонида Кацарска, извршна директорка на Институтот за европска политика.

Политичкиот аналитичар Никола Дујовски пак очекува одлуката за датум за преговори да се случи во текот на летово, а не наесен, особено затоа што ,како што вели, земјава ги исполнила потребните критериуми. Сепак според Дујовски, добро е што политичките лидери лобираат и остваруваат средби со високи европски претставници за да ги убедат дека заслужуваме датум.

„Јас би бил реалист и мислам дека во јуни сигурно нема да се добие датум, но очекувам тоа да се случи во текот на летото. Но ова што сега се прави од претседателот и премиерот е нешто што треба да го прави една нормална држава и да лобира за себе за работите коишто можеби не се докрај објаснати во европските тела. Ние направивме навистина многу и општеството е повеќе од подготвени за почеток на преговорите“, вели универзитетскиот професор Никола Дујовски.

Премиерот Заев вчера изјави дека секоја позитивна порака од Советот ќе биде мотивирачка за нас да продолжиме понатаму. И според упатените, недобивањето датум може да предизвика одредено разочарување кај граѓаните.

„Доколку се случи да добиеме датум во септември мислам дека нема да има толку многу простор и време за разочарување. Мислам дека септември ни е најверојатната шанса за да се потврди перспективата во Советот од страна на сите земји членки,“ вели Кацарска.

Дујовски пак истакнува дека не е најважно дали датумот ќе го добиеме сега, туку колку вистински сме подготвени за отворање на поглавјата.

„На крајот на краиштата не најважно дали ќе го добиеме датумот во јуни или јули, тоа може да му е важно на премиерот зошто тој го води оној тежок механизам наречен Влада, но на професионалците им е важно да бидеме подготвени. А јас сметам дека ние сме доволно подготвени за отворање на преговорите и овој момент мора да се искористи,“ вели Дујовски.

Европската Комисија во извештаите за напредокот за земјите – кандидати што ги објави на 29-ти мај, им препорача на земјите членки да ги започнат преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија што поскоро, идеално во јуни, а македонскиот пример го нарече „блескав“ и „сведоштво“ за моќта на привлечност на ЕУ во регионот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG