Достапни линкови

Бабиш: европските политичари да го одржат зборот


Силна поддршка од Чешка за македонските евроинтеграции
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00

Силна поддршка од Чешка за македонските евроинтеграции

Република Чешка ја поддржува Северна Македонија и ќе направиме сѐ за што побргу да ги почнете преговорите за членство во ЕУ и да станете полноправен член на НАТО, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој со својата делегација е во еднодневна посета на Скопје

Пофалби за сработеното и отворени пораки за поддршка на нашата земја за почеток на преговорите со Европската Унија стигнаа денеска од чешкиот премиер Андреј Бабиш кој престојува во официјална посета на Скопје. По средбата со неговиот македонски колега Зоран Заев, Бабиш неколкупати повтори дека Чешката Република е искрен пријател и поддржувач на нашата земја, истакнувајќи дека Европскиот Совет треба да ја награди Северна Македонија за сработеното.

„Одлично е што конечно најдовте заеднички јазик со Грција, го променивте името на земјата, ги исполнивте критериумите, го сменивте уставот, спроведовте референдум. Европските политичари ви ветија дека кога ќе го направите сето тоа, ќе се отворат преговорите, затоа треба и мора да си го одржат зборот. Бидејќи ако тоа не се случи, ќе биде многу демотивирачки кон граѓаните и целиот регион. Република Чешка го поддржува отворањето на преговорите за членство со вашата земја“, истакна премиерот Бабиш.

Тој истакна дека земјите од Западен Балкан заслужуваат да бидат дел од Европа, а како иден претседавач со Вишеградската Група најави дека активно ќе работи на евроатлантското интегрирање на целиот регион.

„Вие сте најдобриот кандидат, бидејќи сѐ исполнивте, па затоа не гледам причина да се бараат други причини за одложување на овој процес за понатаму“, изјави Бабиш.

Премиерот Зоран Заев се заблагодари за поддршката од Чешката Република и уште еднаш повтори дека нашата земја успешно ги завршила реформите кои од неа се бараа, па токму затоа како што рече, сега е на ред Унијата да го испорача тоа што го ветила.

„Ние не бараме да бидеме веднаш членка на ЕУ. Сакаме да продолжи поддршката кон членство во ЕУ, добивајќи го следниот чекор, а тоа е да отпочнеме преговори со Унијата. Кога ќе биде подготвена Унијата, кога ќе бидеме подготвени ние, ќе станеме членка. Ние сме пример за одлични билатерални односи со сите наши соседи“, рече Заев.

Тој изрази надеж дека наскоро и Чешка ќе го ратификува Протоколот за членство во НАТО и оти земјава ќе може на самитот во декември во Лондон да биде пречекана како 30. членка. Бабиш напомена дека Чешка наскоро ќе го стори тоа и додаде дека Парламентот ќе заседава во јули и оти тој ќе испрати лично допис до пратениците Протоколот да го стават на дневен ред, но не кажа конкретен датум кога тоа би се случило.

Во однос на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека опозицијата е подготвена да ја понуди својата помош и да се формираат работни групи со цел да се завршат реформите и да се добие датум во октомври, премиерот Заев со одговор дека пораката на извештајот на ЕУ е кристално јасна и дека сега одлучува Советот.

„Колку лицемерно од негова страна, затоа што нема да има нов извештај до октомври. Извештајот е завршен. Сега одлучува Европскиот Совет. Комисијата донесе чиста препорака преку безусловно чистиот извештај за нашата земја. И да, ќе кажам дека тука беше вклучена и опозицијата со која заедно гласавме во парламентот за многу законски решенија и верувам заедно ќе продолжиме во нивната имплементација“, изјави Заев.

Премиерот Заев посочи дека со чешкиот колега разговарале за унапредување на економските односи и трговската размена, а најави и нова чешка инвестиција во железничката инфраструктура во вредност од 20 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG