Реконструкцијата на Владата ќе почека. И покрај првичните гласини дека е извесно оти ќе се случела викендов, високи извори во владејачката партија упатуваат на изјавата на премиерот Зоран Заев кој рече дека реконструкцијата е поприлично готова, но дека зависи од добивањето на датумот за преговори со Европската унија. Во спротивно, ако нема датум, тој ги остави отворени можностите- враќање на премиерскиот мандат до претседателот или пак распуштање на собранието и предвремени избори.
Истите извори од СДСМ најавуваат дека поизвесни работите би можеле да станат од следната недела по враќањето на Заев од Германија. Таму постои можност тој да разговара со канцеларката Ангела Меркел за позицинирањето на Берлин за датумот за земјава, по што ситуацијата се очекува да стане појасна па согласно со тоа и премиерот да повлече поконректни потези во врска со владата.
И владини извори деновиве не зборуваат за реконструкцијата, туку велат дека владата е во интензивна дипломатска агенда, ги набројуваат посетите и средбите на министрите Никола Димитров, Бујар Османи, Радмила Шекеринска, а се во очекување на посетата на Заев на Берлин која треба да се случи на 13 и 14 месецов, а потоа и на 20 јуни на Брисел.
“Владата има конкретен план и офанзива за застапување која очекуваме да резултира со позитивен исход. Северна Македонија ги исполни сите задачи и не постои ниту една причина граѓаните да не добијат потврда за сработеното. Ќе направиме се Европа да разбере дека нема европска иднина без проширување и без вреднување на резултатите”, брифираат од Владата.
Но и покрај затвореноста во врска со информации кој се ќе си оди од владата, во дел медиуми се појавија гласини дека ќе министерски смени во финансии, транспорт и врски, животна средина, администрација и информатичко општество, економија и неколку други. Сепак, извори од владејачката партија не потврдуваат ништо конкретно туку велат дека се работи за гласини. Она што се смета за извесно е дека министерки ќе останат Шекеринска, Мила Царовска, Рената Десковска и Зорица Апостоловска бидејќи премиерот рече дека жените во владата ќе ги задржат своите позиции.
Истовремено, две министерска се веќе испразнети- за земјоделство откако досегашниот Љупчо Николовски стана генерален секретар на СДСМ и најави дека се повлекува од министер и за култура откако Асаф Адеми си поднесе оставка од лични причини.