Достапни линкови

Бундестагот наесен со одлука за старт на преговорите


Германија - Средба на премиерот Зоран Заев и канцеларката Ангела Меркел. 13 јуни 2019.
Германија - Средба на премиерот Зоран Заев и канцеларката Ангела Меркел. 13 јуни 2019.

Бундестагот во септември ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, информирала германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев. Македонската влада е уверена оти годинава ќе започнеме преговори со ЕУ.

Премиерот Зоран Заев денеска во Берлин се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел. Средбата траела 40 минути, а по средбата немаше изјави за медиумите.

Во владиното соопштение по средбата се наведува дека Меркел ја информирала македонската делегација дека Бундестагот во септември ќе донесе одлука за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцирала дека Северна Македонија го испорачала очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно, стои во соопштението.

На средбата со Меркел, освен Заев присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Премиерот Заев на средбата рекол дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан, се наведува во соопштението.

„На средбата во Берлин, се потврди дека во СР Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ. Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“, стои во соопштението.

Работната посета на премиерот Заев е на покана на Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

Претходно македонскиот премиер најави дека по состанокот би требало да станат појасни дел работи поврзани со внатрешната политичка сцена. Реконструкцијата, па и опстанокот на Владата, Заев ги поврза директно со датумот за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ. Од Меркел тој очекува насока за тоа дали и кога земјава ќе добие датум.

„Јас сум убеден дека најмалку ќе биде верификувано сѐ што е направено и дека ќе има јасно прецизно определување кога ќе го добиеме датумот за преговори. Мене ми е јасно дека јуни не е толку извесна можност, но имаме можности за јули“, рече Заев пред да замине во Берлин.

Неизвесноста, пак, околу датумот за преговори ја забави и најавената реконструкција на владата, а премиерот отвори и други две можности ако нема извесен датум. Втората е да го врати мандатот кај претседателот Стево Пендаровски и да се определи нов мандатар кој би составил влада, а третата е да се распишат предвремени парламетарни избори. Првата опција, реконструкцијата на владата, тој ја најави во април, веднаш по првиот круг претседателски избори поради незадоволителните резултати. Сега, според него, реконструкцијата е речиси готова, но се чека на одлуката за датум за преговори за да се знае на која опција ќе се оди.

Извори од СДСМ велат дека сите варијанти се на маса, а и тие очекуваат појасни работите да станат по берлинската средба. В недела имаат состанок на централниот одбор на партијата на кој, како што велат, истите извори вообичаено е прво претстедателот на партијата Заев да информира за актуелната политичка ситуација. Истите извори, сепак нагласуваат дека првична тема на неделната средба е избор на партиското раководство и органи кои беа разрешени кон крајот на мај. Партијата в недела ќе избира извршен одбор, надзорен одбор, нови шест потпретседатели, ќе бидат назначени претседатели на општинските одбори и на другите партиски позиции кои беа разрешени.

Очекувањата се дека откако ќе се избере раководството и по информациите од Берлин може да се носат и конкретни одлуки.

Меркел, пак, се смета за еден од клучните играчи во Европската унија иако одлуката за датумот зависи од сите земји членки. И претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вчера по средбата со претседателот Стево Пендаровски во Брисел најави дека датумот е неизвесен.

„Сакам да бидам искрен, не сите земји - членки се подготвени да ја донесат одлуката за отворање на преговорите во наредните денови. Јас лично верувам дека може да има само една одлука, да започнат преговорите во линија со препораката на Европската комисија и за Северна Македонија и за Албанија. Прашањето денес не е дали, туку кога. Јас сум претпазлив, бидејќи за постигнувањето на консензус меѓу сите 28 земји - членки на ЕУ е потребно повеќе време, отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земји и целиот регион е во ЕУ“, рече Туск.

И високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини по средбата со Пендаровски рече дека Северна Македонија заедно со Албанија треба да добијат датум за почнување на преговорите во периодот јуни – јули.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG