Достапни линкови

Андовска - Секогаш го барам тој еден човек во публиката со којшто можам да се поврзам


„Течен кристал“ беше насловен авторскиот мултимедијален концерт со кој македонската композиторка Дарија Андовска, во саботата на 2 март, успешно ѝ се претстави на публиката во Малта. Станува збор за електро-акустична музика за фиксен медиум и видео чиј автор е Мартин Иванов.

Сите композиции што го чинат проектот „Течен кристал“ (или ако сакате „Liquid – Cristal“), кој се потпира на мојот актуелен албум со истоимен наслов а се појави како издание на Сојузот на композитори на Македонија, се за фиксен медиум со видео. Тоа што го направив е нешто што е востановена практика насекаде низ Европа кога постои жив композитор. Композитор кој е присутен на настанот и е тука да даде некое свое појаснување. Значи, не само тоа што стои во програмата за одредена композиција, туку да ја даде личната приказна зад неа. Да им даде насоки на слушателите на што да обрнат внимание. Како да го прифатат, бидејќи, сепак, станува збор за нова музика која е тешко прифатлива и насоките се повеќе од пожелни. На крајот оставив простор за прашања и одговори и имавме една навистина симпатична и топла комуникација со присутните. Ја избришав дистанцата што обично постои помеѓу публиката и изведувачите, односно композиторот со ваквиот пристап.

Вака македонската композиторка Дарија Андовска во неколку реченици ќе ја отслика својата средба со присутната публика на нејзиниот авторски мултимедијален концерт „Течен кристал“ што во саботата на 2 март, во соработка со Mediterranean Events, се одржа во Милениумската капела во Сент Џулијан, на Малта.

„Тоа што мене ми годи е тоа што мојата музика комуницира без разлика што сигурно е надвор од тоа што и се допаѓа на пошироката популација. А тоа што искомуницира со луѓе коишто не се музичари, тоа во суштина ми беше најголемиот комплимент. Секогаш го барам тој еден човек во публиката со којшто можам да се поврзам а не е музичар. Кој нема да се постави од позиција на суета или некаква конкуренција“, вели Андовска.

Таа истакнува дека не многу одамна имала слична таква ситуација во Цирих, во Швајцарија. Таа немала претстава дека во публиката ќе има генерално само возрасни дами кои одат единствено на концертите на Моцарт и другите извикани композитори.

„Тие беа во шок по изведбата на мојата композиција. По концертот ми пријде една сериозно возрасна госпоѓа и ми кажа: Јас ова не знам што е. Не знам ни дали е музика, ама ме погоди директно во стомакот и фала ви многу! Е, за тоа вреди сè што работиш. Создаваш“, ќе рече Дарија.

Прашана за тоа што е она што сега ја провоцира како автор, Андовска со констатација дека секогаш си дава можност да влегува во авантури и дека всушност интересниот дел е да се истражуваат сите сегменти во нештата.

„Никако не се ограничувам во смисла дека еве ова е мојот јазик и јас нема да излезам од тука. Личниот печат си излегува без разлика во кој жанр работам. Или во која било област. Дали е тоа театар, филм или концертна музика. Сега работам за еден голем проект NO BORDERS ORCHESTRA. Тој ќе има премиера во Берлин, во клубот Бернхајм и потоа ќе тргне на турнеја по Европа. Разбирливо ќе дојде и на Балканот, а ќе се снима од прочуените издавачки етикети Deutsche Grammophon Дојче грамофон и Universal music. Ќе кажам дека концепциски станува збор за нешто што ќе го отсликува клупскиот живот на електронска, техно музика од перспектива на современ музичар, современ композитор“, појаснува авторката.

Згора на ова таа со дополнување дека станува збор за нешто што нејзе и е многу забавно. Истакнува дека за потребите на проектот сама си правела техно музика и дека целиот тој процес и е исклучително интересен. Притоа не заборава да спомене дека тоа пак ќе биде возбудлива комбинација на електроника со акустичен оркестар.

„Сакам да ја најдам линијата на тоа што е соодветно. Во смисла што би било слушливо од музиката без да правам естетски компромиси со себе. Ете тоа е веројатно тешката задача во процесот“, заклучува Дарија.

Инаку, таа во последно време работи на музиката за новата претстава на режисерот Јане Спасиќ („The Pillowman“ од Мартин Мекдона во Драмски театар Скопје), пишува композиции за едно трио кои премиерно би биле изведени во САД, „нешто“ за во Кина или како што самата знае да појасни „имам бајаги за работа“.

И, колку за потсетување. Дарија Андовска влегува во редот на најплодните современи македонски автори со широк спектар на делување. Нејзините дела се изведувани, објавувани и наградувани не само во земјите од регионов, туку и во Белгија, Швајцарија, Италија, Германија, Грузија, Франција, Англија, Ирска, Данска, Шведска, Норвешка, Украина, Азербејџан, Австрија, Русија, Мексико, Канада, Полска...

Таа беше избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за MusMA- Music Masters on Air 2013/14. Добитничка е на наградата „Виртуози“ 2013 и 2015 година за најдобар композитор во Македонија, како и на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих - композитор“ за 2014/2015 година.

Претставник е на Република Македонија за CEEC (Централно - Источна Европа и Кина) и минатата година добитничка на наградата „Панче Пешев“ која Сојузот на композитори на Македонија ја доделува за највисоки достигнувања од областа на музичкото творештво.

Работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG