Достапни линкови

Третиот „Крик на жената“ во чест на жртвите на насилство


Под интернационалното мото „Блесоци на надежта“, в среда, на 28 март од 19 часот, во Клуб ресторанот МКЦ во Скопје, ќе се одржи третото издание на Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“. Случувањето годинава е посветено на живот без насилство и родова рамноправност и во чест на мајките кои ги изгубиле своите ќерки, жртви на насилство.

„Крик на жената“ претставува светски синџир на настани во текот на месец март, каде што поети и поетеси, уметници и уметнички и организации од различни земји волонтираат во чест на жените и рамноправноста на жените и испраќаат пораки на самодоверба и почит, но и го зајакнуваат гласот против насилството врз жените. Фестивалот ширум светот, во изминативе осум години, е познат како Women Poets International Movement (Mujeres Poetas Internacional – MPI) и потекнува од Доминиканската Република, а на меѓународно ниво е координиран од страна на поетесата Џаел Урибе (Jael Uribe) како претседателка.

Националните координаторки за Македонија се поетесите Оливера Доцевска и Елена Пренџова, со поддршка на здружението „Јустиција“, а настанот го потпишуваат во заедница со координаторите/ките од преку 30 држави од светот, меѓу кои: Шпанија, Мексико, Порторико, Аргентина, Франција, Луксембург, Италија, САД, Белгија, Норвешка, Канада, Грција, Австралија и многу други.

Оваа година Меѓународниот фестивал на поезија и уметност „Крик на жената“ е посветен на живот без насилство и родова рамноправност и во чест на мајките кои ги изгубиле своите ќерки, жртви на насилство. Од таму треба да се каже дека мотото во глобални рамки е „Блесоци на надежта“ („Flashlights of Hope“), а кај нас пак ќе се одвива со прашањето „20 дена по 8. март и шчо напраифме?“.

„Фестивалот веќе станува традиција во Република Македонија. Ова е трета година од неговото одржување и слободно можеме да кажеме дека тој еднодушно е прифатен од пошироката јавност, односно од уметниците и од уметничките, од организациите и е доста поддржан како еден глас општо на јавноста, на јавните личности против насилство врз жената и за родовата рамноправност, а оваа година и против фемицидот“, вели Доцевска.

Таа дополнува дека интересно тоа што досега на манифестацијата вообичаено учествувале околу 30-на уметници и уметнички, но дека таа бројка во случајов е двојно поголема „што на некој начин ја раширува и темата во Република Македонија“, а бележит е и интересот од соседните земји, како и оној кај нивните пријатели и колеги и колешки творци од целиот свет.

Во овој контекст на претстојната средба панелистки ќе бидат Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија – МППС, Љатифа Сиковска од НВО Амбрела, Снежана Смилевска од Организација на жени Скопје , Наташа Доковска од Новинари за човекови права и други.

Тука се и творците како Стефан Митиќ, Богосав Пејиќ, Немања Стојковиќ – Блеки од Србија, Даниел Кубас Ромеро од Перу, Атанас Чупоски, Анета Василева, Пунторие Муча Зиба, Ирена Јурчева, Сања Атанасовска, Ана Љубиќ и Џабир Дерала од Македонија.

фото: Цветан Гавровски​

И кога веќе ја допираме програмата што ќе се одвива во клубот МКЦ, не треба да се заборави дека е предвидено Студиото за танц „Вајб“ да изведе модерен танц во кореографија на Милена Манева, како и салса перформанс во кореографија на Коста Андонов и Марта Арсовска. Згора на ова со нагласено внимание ќе биде пречекан и балетскиот перформанс на композиција на композиторката Дарија Андовска за фиксен медиум, во кореографија на Елена Антонова Петровиќ и во изведба на ученици и ученички од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и студенти и студентки од ФМУ (балетска педагогија).

Ќе има и ревија на модната креаторка Сара Реџиќ, изложба на накит на Емануела Трајчевска, а ќе бидат претставени и дела на ликовните уметници Јана Манева Чупоска, Иванка Баскар Апостолова, Тони и Еми Тоциновски, Лара Ташковска Ларсон, како и поставка на уметничка фотографија на Цветан Гавровски.

Од таму, координаторката Пренџова, не случајно забележува дека „Крик на жената“ е уметнички, а не активистички фестивал и покрај тоа што го има мотото за интеграција на жената во општеството и за правата на жените.

„Не станува збор за активистички фестивал. Повеќе е целта да се здружат уметностите и да допрат до луѓето. Да допре онаа цел дека потребно е жените да бидат чуени во општеството и дека со нивното учество секако општеството ќе биде подобро за сите единки во него“, смета поетесата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG