Достапни линкови

Биљана Стојановска - Пишуваме за да споделуваме


Биљана Стојановска, поетеса.
Биљана Стојановска, поетеса.

Биљана Стојановска е третиот добитник на наградата „Тодор Чаловски“ која ја доделува Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ во знак на почит и сеќавање на својот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели. Наградата се доделува по третпат како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.

Не сметам дека наградите се мерило за вредност за она што авторот го пишува, меѓутоа се некој показател, некое признание дека луѓето те читаат и дека го вреднуваат она што го работиш, ќе рече Биљана Стојановска, не многу по соопштувањето на веста дека таа е добитник на наградата „Тодор Чаловски“ која ја доделува Здружението за литература, култура и уметност „Галикул“ во знак на почит и сеќавање на својот основоположник и еден од најистакнатите современи македонски писатели. Наградата се доделува по третпат како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми за млад автор од Македонија.

„Не давам големо значење од аспект, затоа што многу од наградите кај нас се наместени. Многу често се случува тоа. Ова не беше случај, затоа и толку искрено се израдував. Наградите создаваат убаво чувство. Ти даваат мотивација понатаму да продолжиш да пишуваш. Знаеш дека некој те чита, затоа што нема поента да создаваш, ако тоа остане во фиока или ако се објави, а никој не го види. Така што пишуваме за да споделуваме, а не за да остане тоа за нас“, вели Стојановска.

Од друга страна, говорејќи за вреднувањето и за позицијата на критиката таа истакнува дека „критиката кај нас одамна е изумрена“ и дека тоа, меѓу другото, се должи на фактот што сме мала средина, дека сите се познаваме меѓу себе и незгодно е на пријател да му кажеш „извини бе златен, ама ова не е вредно“.

„Искрено дури и ми е незгодно што некои луѓе имаат добиено награди. Не значи ако мене не ми се допаѓа дека не е вредно нешто, меѓутоа се знаат стандардите за квалитетна и неквалитетна литература. Така што кој сè има добиено награда не е мерило. Не е мерило воопшто“, вели таа.

Сепак, Стојановска не заборава да спомне дека на нејзино големо задоволство има голем број на прекрасни млади автори и творци од средната генерација кои што можат да се носат рамо до рамо со светските авторитети.

„За жал, многу е мал бројот на тие што ја имаат можноста да се промовираат надвор од земјата. Обично тоа се прави на фестивали, еднаш ако отидеш полесно е да влезеш во тој свет, затоа што луѓето те запознаваат. Меѓутоа ако ја немаш таа можност да појдеш надвор на некој фестивал, твоето творештво останува локално. Само во рамките на она што се издава во Македонија. Тажно е затоа што вистина имаме одлични, одлични автори којшто треба да добиваат и светски награди, не само македонски“, вели Стојановска.

Во овој контекст, таа дополнува дека Струшки вечери на поезијата како голем меѓународен настан одлично се користи за промоција, за запознавање со автори од други земји и дека на него се создаваат комуникации и се шират познанства. Вели дека Фестивалот е една од најдобрите работи што и се имаат случено на поетска Македонија. На нашата култура воопшто.

Притоа таа смета дека иако и досега имало мултимедијални настапи, сепак Струшки вечери на поезијата можеби би требало да излезе од рамките на конвенционалното, да се чита и на други места, да се менуваат локациите на настаните...да биде концептот еластичен и модерен.

„Гледам по реакциите на авторите што се дојдени од надвор. Тие пообјективно можат да проценат дали фестивалот е квалитетен или не и со оние што имам разговарано генерално им се бендисува. Ние сме си така, домашни...и генерално гледаме да најдеме забелешки. Не ја гледаме позитивната страна. Секогаш се трудиме да ги најдеме само недостатоците што е и добро затоа што ако не ги бараме недостатоците не може да има и прогрес“, вели таа.

Од друга страна говорејќи за својот пристап во творештвото, за она што ја инспирира и провоцира да пишува Биљана вели дека „не тргнува таа од поезијата, туку поезијата тргнува од неа“.

„Морам да бидам искрена и да кажам дека многу ретко убави работи провоцираат да пишуваш. Мора нешто внатре да те испровоцира, да те глочка...да го исфрлиш тоа. Да еруптира како вулкан. Да ја ослободиш енергијата којашто ти се создала во тебе. Секако дека пишуваме и за убави работи. Јас таа ја викам зен-поезија и исто така високо ја вреднувам затоа што зен-поезија може да пишуваат само високо свесни луѓе којшто се радуваат ...не знам...на паднат лист и на сончев ден што е прекрасно бидејќи го вреднуваат животот“, вели Стојановска.

Поетесата ќе рече и тоа дека и не секој ден поезијата го следи нејзиното чекорење. Дека тоа би било лудо да е така. Убедена е оти обете „чекорат рака под рака“. Во тоа чекорење она што следното го подготвува по обнародувањето на „Зборовите немаат значење“ за „Антолог“ според неа е многу поразлично.

„Не знам дали се работи за прогрес или за друга состојба на духот. Мислам дека сите автори минуваат низ различни циклуси и фази во животот така што мислам дека она што е напишано е поинакво. Не знам дали е прогрес... за некој можеби ќе биде регрес. Индивидуално ќе биде доживеано“.

А, прашана за насловот на својата втора стихозбирка Стојановска најнапред со појаснување за деби изданието. Потсетува дека многумина грешно го протолкувале токму насловот на првата книга - „Зборовите немаат значење“.

„Тоа е чист сарказам. Зборот има тежина колку и длабоко ископан бунар. Кога ќе фрлиш камен во него или ќе го чуеш или нема да го чуеш. Ова е за тие што не го слушаат каменот кога паѓа во водата од длабоко ископаниот бунар. А, новата книга ќе биде насловена најверојатно „Стан што се распаѓа“. Ќе говори за распаѓањето и за создавањето нови светови“, вели Биљана.

Родена 1984 година во Скопје, Биљана Стојановска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“, издание на „Антолог“ од Скопје. Нејзините песни претходно беа објавувани во студентското списание „Мугри“, а на двапати е застапена во антологијата „100 илјади поети за промена“. Згора на тоа објавувала во повеќе книжевни и културни списанија, меѓу кои и во списанието за литература „Мантис“, во издание на Универзитетот „Стенфорд“ од САД. Била учесник на повеќе поетски манифестации, член е на независната поетска трупа „Астални проекции“ и има учествувано на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ во 2016 и 2017 година како и на музичко-поетскиот перформанс посветен на францускиот надреализам во рамки на „Европски денови на културното наследство“ во 2016 и 2017 година. Работи како новинар во дневниот весник „Нова Македонија“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG