Достапни линкови

Милан Јазбец – дипломат во поетски костум или обратно


Милан Јазбец
Милан Јазбец

„Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ е насловена поетската книга на Милан Јазбец, амбасадор на Словенија во Република Македонија, која како двојазично издание – на македонски и на словенечки јазик, беше промовирана во Мултимедијалниот културен центар „Матица ексклузив“, во рамките на одбележувањето на Прешерновиот ден.

„Сите песни извираат од една љубов“.

Ова ќе го забележи Милан Јазбец во „Припис“, практично во воведот од својата 40-та книга по ред, која како двојазично издание – на македонски и на словенечки јазик, се појави како заедничко издание на книгоиздателствата „Форма седум“ и „Матица“.

Од таму не случајно Раде Силјан, во својата беседа претставена на манифестацијата „Балкански поетски Вавилон“, одржана во мај 2017 година во Друштвото на писателите на Македонија, ќе забележи дека поетското искуство на Милан Јазбец е отворено кон играта и кон стварноста. Дека утврдените слики од реалноста тој ги заменува со асоцијативно-симболични значења, сугерира нови видувања, проекции, светови и принципи.

„Рационалниот однос спрема битните мотиви придонесува за расчленување на ликовните димензии на изразното ниво и за ширење на семантичкиот слој. Во припис поетот ни укажува на тоа дека „Сите песни извираат од една љубов“. А таа љубов може да се сфати како љубов кон саканата, кон предците и потомците, кон татковината. Низ изборот на животните стории, со чувство на искусен мајстор на зборот, Милан Јазбец создава еден вид духовен мозаик полн со живот и со прифатливи поетски пораки“, пишува Силјан.

Зборовите
се
излишни
и
без
значење
смисла
полни
надеж
ветувања
и
лаги
празни
како
небото
измамнички
како
погледот
на зборови
заводливи

заводнички.

И, по овие стихови позајмени од „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“, ред е да кажеме дека професор д-р Милан Јазбец спаѓа во редот на познатите словенечки интелектуалци. Автор е на уште 39 книги од повеќе области. Неговите публицистички и научни трудови за дипломатијата се изучуваат на универзитетите во Словенија, а делото посветено на Мартин Крпан се вреднува меѓу уникатните истражувања. Бројни прозни и поетски објави од овој автор досега се преведени на англиски, германски, албански, турски, руски и арапски, а за препевот на неговата прва објава на македонски јазик се погрижија Викторија Блажевска и Соња Должан.

Говорејќи за предисторијата на својата актуелна поетска објава, Јазбец знае да каже дека таа почнува во првите мигови од неговиот дипломатски престој во Македонија како амбасадор на Словенија. Дознал дека „Матица македонска“ подготвува превод на Антологијата на современата словенечка поезија на македонски јазик и тој без многу двојба кај себе се понудил да напише пригоден текст. И додека го пишувал есејот му текнало на самиот негов крај како прилог да стави и една своја песна. Таквата идеја со многу симпатии била поздравена и Должан му предложила да размисли за книга со која би бил претставен пред македонската публика.

„Оваа книга е полна со македонско – словенечки набој, еликсир, пораки и поради тоа мене ми е посебно драга. „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ е наедно и пример за македонско-словенечкото пријателство кое од сите званични дипломатски, формални, политички кругови преоѓа во такви сфери како што се литературата и поезијата. Многу повеќе суптилни, со повеќе нијанси, повеќе пораки и секојпат кога човек ќе земе некоја книга со поезија, било чија, па дури и мојата, несомнено ќе најде некоја нова мисла, некоја нова инспирација и ново задоволство“, вели Јазбец.

Прашан во која кожа се чувствува поудобно – онаа на дипломат или на поет, или можеби на било што друго од неговата „комплексна или како што самиот потенцира „комплицирана“ личност, авторот истакнува дека во петто-шесто одделение додека во неделите ги следел радио-преносите на фудбалските натпревари на љубљанска „Олимпија“ што ги коментирал легендарниот Мирко Срехавец, немал друга мисла освен да стане спортски новинар.

„Приказната заврши со тоа што дипломирав новинарство. Едно време работев како новинар. Пишував нешто, но ништо специјално сериозно. Ни песни, ни раскази и воопшто не мислев дека ќе станам дипломат. Во дипломатијата се најдов сосема случајно. Веројатно и песни започнав да пишувам онака патем. Затоа и мислам дека е невозможно да ви кажам во која кожа ми е најудобно. Кој сум јас. Ако и вие нешто додадете кон тој одговор дотолку мене ќе ми биде полесно“, вели амбасадорот.

Конечно, творецот Милан Јазбец не ја исклучува можноста Македонија, земјата во која ќе помине неколку убави години од својата дипломатска служба и во која своевремено во Штип го отслужил воениот рок во некогашна ЈНА, а која патем како средношколец ја допрел преку книгата што ја добил за одличниот успех од македонскиот писател Мето Јовановски, да биде инспирација во неговото идно творештво.

„Сите ние сме такви. Посебно писателите, новинарите... Го апсорбираш она битното од тоа што го работиш, од секојдневието, од околината во која се движиш. Јас понекогаш на шега велам дека ако некогаш пишувам дипломатски мемоари на моите македонски години насловот ќе биде: Јас бев во Штип. Таму служев војска. Таму ми беше мојот прв реален контакт со Македонија. Имам и признание за почесен граѓанин на Штип. Веројатно сум и еден од последните кои служеле војска некаде надвор од земјата и кои потем станале амбасадори во таа држава“, вели тој.

Од друга страна, согласно својата мисла дека „Сите песни извираат од една љубов“ поетот, дипломатот, поливалентниот Милан Јазбец тврди дека Балканот е простор на големи искушенија и големи можности. Затоа смета дека него може да го спаси само љубовта. И ништо друго.

„Тоа сега може да се сфати буквално, директно, со некои нијанси во пораките, но друго не постои. Јас мислам дека има такви обиди и дека тоа е единствениот пат за нашата иднина. Сигурно“, потенцира тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG