Вчера мајко ја заборавив песната
Се обидов ама не се сетив
Ѕвездите почнав да ги бројам
Погрешив
Не ги преброив
Нивниот оган ме ослепи.
Ова се само неколку стихови од песната „Писмо до мајка ми“, една од многуте што ја чинат стихозбирката „Кога љубовта се троши како креда“ на Љуљзим Хазири, што како издание на „Готен“ се појави деновиве. Станува збор за објава на македонски јазик во која е направен избор од досегашните книги на „поетот созреан со рокенрол, кој секогаш стои од другата страна на општествените норми“, како што ќе забележи новинарот и публицист Муфаил Лимани. Преводот е на поетесата Линдита Ахмети.
Но, кој е Љуљзим Хазири?
Роден 1962 година во Гостивар, Хазири досега објавил четири збирки поезија и две книги со есеи и колумни. Песните му се преведени на англиски, француски, романски, хрватски и македонски јазик. Активен е и на полето на одбрана на човековите права.
Неговата поезија е застапена и во неколку национални и странски антологии. За неговото дело пишувале албански и странски критичари. Така, Рамадан Муслиу ќе го нарече „поет кој создава преку хиперсензибилност, кој креира тематска самостојност, кој има автентично гледиште на проблемите и самостојност во изразувањето“, а Миѓен Келменди „поет кој изградил нова утопија – албанската книжевност со автопатишта!“. И, згора на тоа Али Алиу ќе напише дека тоа е „поет кој создава фигуративност која фокусира ситуација, амбиент и преку глобална слика комуницира со својот вознемирен свет“, а Абдула Конушевци за него ќе рече дека е тоа „поет кој е претставник на поколението исполнето со длабок очај и разочарување, од моралните, професионални, политички и татковински вредности на постарите генерации“.
Според поетот и универзитетски професор Салајдин Салиху, инаку рецензент на „Кога љубовта се троши како креда“, да се пишува за поезијата на Хазири значи, уште на самиот почетокот, да се биде внимателен во изборот на начинот на пишување и да се одбегне секаков вид конформизам. Хазири е, како што вели тој, „поинаков глас во албанската поезија, творец кој носи нешто ново во неа“. Згора на тоа ќе забележи дека Хазири „на албанската поезија ѝ ја носи урбаната чувствителност, третирањето мотиви што се среќавале во светската книжевност, но досега и не биле толку присутни во овдешната книжевност“.
Говорејќи за поезијата, за творештвото во времево во кое живееме Љуљзим Хазири знае да каже дека тоа не се разликува од она во кое растел, кога почнал да пишува. Вели дека тој и неговата генерација перманентно живеат во транзиција. Во една кризна, несигурна реалност. Сепак, според него, сето тоа може да биде само „добар материјал“ за еден писател, за еден поет, музичар или ликовен уметник. Затоа смета дека „уметниците не треба да имаат забелешки на реалноста во која живеат, туку да ја живеат со полни гради и да се трудат да ја искористат во своето творештво како аманет за идните генерации“.
„Ако им оставиме на политичарите да ни кажат во какво време живееме, сигурно ќе биде тоа некое фиктивно време. Едно нереално време. Едно испеглано време. Така што, работа не секој ангажиран уметник над сè е да го искаже, да го отслика своето време во коешто живее. Мојата генерација живее во кризни времиња и јас, барем лично, се трудам да нема криза во моето творештво“, истакнува Хазири.
Поетот појаснува дека „Кога љубовта се троши како креда“ е резултат на долгогодишното пријателство со Роберт Алаѓозовски, сегашниот министер за култура, и дека тоа била единствената книга за која издавачката куќа „Готен“ добила симболична помош на Конкурсот во 2017 година. Вели дека првобитната идеја била таа да биде печатена двојазично, на албански и македонски јазик, но дека подоцна заклучиле оти всушност и „немаат капацитет за компарација на преводи“. Така се договориле сите песни да бидат само на македонски, а книгата да биде една слика за неговата песна за еден нов читател“.
„Ценам дека ова е еден акт на зближување над сè на тие што пишуваат поезија и на читателите на македонски јазик. Живееме во време кога малку интерактивно соработуваме. Кога интеркултурната соработка ни е на многу ниско ниво. И тоа што се прави, се прави про-форма, така што сакавме да пристапиме малку поактивно, поискрено кон овој интеркултурен дијалог. И јас ќе бидам среќен ако мојата книга поттикнува ваков дијалог. Да почнеме да се запознаваме малку повеќе на овој начин. Доста нè запознаваат меѓу себе политичарите и ни наменуваат некаков имиџ. Сакавме вака нешто поубаво да си пренесеме еден на друг“, вели тој.
Од друга страна, Љуљзим Хазири знае да каже дека „тој не е од тие поети кои живеат за поезијата“. Дека пишува поезија кога нему му се сака и дека „во последно време провокацијата му е намалена, иако тоа не значи дека упорно не работи на оваа тематика“.
„Поезијата не ми е секојдневие. Секојдневие ми е читањето поезија. Пишувањето некако ми е ритуален чин. Не сум сакал никогаш да се докажам со пишување на песни, туку сум ги пишувал за да ги направам среќни пријателите, читателите... На албански јазик имам песни кои ми се собрале од времево наназад и кои лесно можат да добијат корици со некој наслов, но мислам дека оваа година ќе ми биде година на нејзината подготовка. Јас објавувам на секоја шеста, седма, осма година по една книга. Таков ми е ставот кон печатењето книги. Кога објавувам сакам внимателно да ги бирам песните. За мене магијата започнува кога сум исправен пред изборот, не кога треба песните или писанијата да се печатат“, вели тој.
Конечно, говорејќи за насловот на актуелното издание „Кога љубовта се троши како креда“, авторот вели дека е „поетичен“ и дека тој преферира онакви кои малку зборуваат за да можат читателите сами да го толкуваат неговото значење. За ова прашање ќе рече и тоа дека „на љубовта гледа како на креда која е искрена и која остава белег во времето“.