Достапни линкови

Стојановски: Има повеќе домови и повеќе припадности!


Писател,поет, преведувач и музичар Давор Стојановски
Писател,поет, преведувач и музичар Давор Стојановски

Објавен како 140-то издание од едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, в среда, на 15 март, во 20 часот, во Младински културен центар – Скопје, ќе биде промовиран „Собирачи на пепел“, вториот роман на писателот, поет, преведувач и музичар Давор Стојановски. Книгата е влезена во најтесниот избор за „Роман на годината“ на Утрински весник.

По три години од дебито со „Ненасловена месечева соната“ во 2013 година, писателот, поет, преведувач и музичар Давор Стојановски го обнароди и својот втор роман „Собирачи на пепел“. Книгата се појави некаде на крајот на минатата година како 140-то издание во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, која практикува да ги објавува ракописите на новата генерација на македонски творци, меѓу кои спаѓа и Стојановски.

Говорејќи за генезата на делото, авторот истакнува дека долго време потрошил на овој роман меѓутоа не толку пишувајќи колку што размислувајќи за тематиката, за идејата, за приказната. Потенцира дека првичната идеја се свила уште во моментите кога почнал да работи на „Ненасловена месечева соната“, та дури мислел дека сосема поинаков ќе биде распоредот на нивното обелоденување, за да потем работите си земат поинаков тек и така го започне испишувањето на „Собирачи на пепел“.

„Цело време повеќе пишував во глава отколку што тоа реално го правев. Дури кога дојде крајниот рок, кога морав да го предадам ракописот, малку бев усплашен дали ќе успеам да го завршам и да го направам сето тоа што сакам, што сум го замислил, но ете имав среќа и во последните неколку месеци екстензивно и посветено работев такашто немаше никаков проблем“ вели Стојановски.

Д-р Весна Мојсова-Чепишевска во својата рецензија забележува дека „Собирачи на пепел“ од Давор Стојановски е роман кој се совпаѓа со светскиот тренд на обновување на фактографската и реалистичната книжевност. Дека истовремено, тоа е и едно „типично ново егзистенцијалистичко писмо, кое македонската книжевна сцена го чека уште од времето по појавата на „Кратката пролет на Моно Самоникот“ на Димитар Солев“.

Таа пишува дека „без никакво претерување може да се рече дека Јаков на Стојановски е всушност македонскиот Улис, поточно македонскиот Леополд Блум (38 годишен добавувач на огласи во весници), а во добар дел при скитањето во пределите на своето сеќавање израснува и во македонскиот Антоан Рокантен на Сартр“. Дека за разлика од претходниот роман, приказната во овој се случува во Македонија, поточно во Скопје.

„Знаев дека ќе се разликува од претходниот роман и знаев дека ќе биде сместен, значи фиксиран во современо Скопје. Згора на тоа знаев дека дискурсот ќе биде реалистички. Друго беше структурно како ќе се направи романот. Мене тематиката и структурата ми беа главна преокупација. Не размислував толку како ќе оди натаму, во кој жанр. Ова е еден „јас раскажувач“ и мораш за целото време да му се посветиш нему. Да влезеш во неговата кожа и да го најдам неговиот тон, неговиот глас,во кој ќе се пронајдам,“појаснува писателот.

А, на забелешката дека „Собирачи на пепел“, како што наведува Мојсова-Чепишевска, ги отвора вратите за темите на денешнината, за вдоменоста и бездомноста, за чувството на недостиг, за чувството на осаменост покрај сите оние познати и непознати луѓе околу себе, за стравот од блискост...Стојановски ќе рече дека и самиот им припаѓа на оние со „два дома“ и дека со тоа му било полесно некои работи полесно да ги согледа.

„Овој човек останува на еден начин на едно место, меѓутоа има повеќе домови и повеќе припадности. Не постои еден дом. Постојат повеќе домови“ тврди писателот.

Од друга страна, исто како и во случајот со „Ненасловена месечева соната“ и со „Собирачи на пепел“, обете изданија на книгоиздателството Или-Или, Давор Стојановски влезе во потесниот круг за избор на Роман на годината на „Утрински Весник“. Победникот ќе биде познат на 15 март, на денот на промоцијата на делото, а во предвечерието на соопштувањето на резултатите авторот вели дека наградата ја смета за една од позначајните кај нас. За престижно признание кое дава објективна оцена за состојбите во книжевноста. Дополнува дека сето тоа за него е стимул, охрабрување да продолжи по патеката по која тргнал и потсетува дека тоа е чин подреден на публиката затоа што најчесто читателите и веруваат на наградата.

„До сега сите луѓе кои ми се обратиле и чие мислење ми значи доста позитивни работи ми кажаа за книгата. И тоа ми годи бидејќи на почетокот бев доста скептичен и навистина незнаев дали сум успеал да го изведам тоа што сакав. Дали сум успеал да го имам тој ефект што сум сакал да го имам, да ја постигнам целта“, потврдува Давор.

Инаку, прашан дали и натаму ќе му остане верен на жанрот Стојановски е дециден дека ја крепи идејата да го започне испишувањето на третиот роман со додавка дека тоа не го исклучува публикувањето на збирката поезија којашто, според неговата практика да не брза по никоја цена, ја подготвува веќе подолго време.

„Го имам тој залет, таа енергија. И затоа мислам дека ќе се посветам на следниот роман којшто би бил поблизок до „Собирачи на пепел“ во смисла на големината, на структурата и т.н. , само што сеуште не сум одлучен меѓу постоечките две приказни – која од нив ќе ја одберам. А, откако ќе се одлучам по кој пат да тргнам многу посериозно ќе се насочам кон тоа“, вели авторот.

Стојановски и со дополна дека ако романот го испишува во слично општествено милје, тогаш неминовно ќе биде можеби да допре и некоја актуелна политичка тема. Можеби не да слезе до толку до јадрото на проблематиката и таа да стане носечка, колку до тоа да ја допре повеќе од страна и да го претстави само ефектот што евентуално би го имала врз ликовите.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG