Достапни линкови

Андовска: Најубаво е кога музиката сама си го наоѓа патот


Дарија Андовска
Дарија Андовска

Во саботата, на 23 септември, на 11-тиот Саем на културни и креативни индустрии, кој се одржа во рамки на Третиот форум за културна соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите на Централна и Источна Европа, се случи премиерната изведба на делото Intervowen од македонската композиторка Дарија Андовска. Наедно таа е меѓу шесте домашни творци чии композиции се најдоа на пионерскиот албум со акузматична музика што го објави СОКОМ.

Македонската композиторка Дарија Андовска обично знае да каже дека „музиката си го бара својот пат“. Како пример за тоа ја спомнува случката од пред нецели два месеца кога и јавиле дека на Венециско биенале се одржал ликовен перформанс базиран на нејзината музика. Вели дека таа воопшто не знаела за тоа, ниту дека некој и се јавил да ја консултира или да побара дозвола за нејзино користење во еден таков уметнички чин.

Воопшто немав никаква идеја, ниту некаков контакт со луѓето коишто направиле перформанс. И тоа е она вистинското. Мислам дека тоа е едно од најголемите достигнувања - кога музиката ќе почне сама да живее и сама да си го бара патот. Јас во основа не ги бркам работите, тие едноставно некако се случуваат.

Таа појаснува дека кога твори никогаш не размислува каде ќе прозвучи нејзината музика. Дека тоа за неа како авторка би било „страшно големо органичување“.

Единствено кога работам за филм или за театар тогаш треба да знам колку е функционално она што излегува од мене, ама кога работам авторска музика не мислам каде треба да се вклопи туку се трудам да бидам максимално искрена во тоа што го правам и веројатно е тоа што допира до луѓето.

Навраќајќи се на саботната изведба на нејзината композиција „Intervowen“ напишана за традиционален кинески симфониски оркестар на 11-тиот Саем на културни и креативни индустрии, кој се одржа во рамки на Третиот форум за културна соработка помеѓу Народна Република Кина и земјите на Централна и Источна Европа, Дарија вели дека нејзе и е огромна чест да може вака да ја претставува Македонија, бидејќи секогаш кога се претставува себе некаде во странство, таа практично е и првиот човек од земјава што тие луѓе таму го запознаваат.

Со тоа што ме запознаваат мене тие добиваат впечаток за Македонија. Со тоа што ја запознаваат мојата музика добиваат одредена слика за тоа каква е културата во земјава. Ако е ваков впечатокот како што се случува еве во последниве десеттина и кусур години бидејќи јас реално имам интернационална кариера повеќе од две децении, многу ми е драго и навистина ми е огромна чест што тоа го правам за Македонија.

Композиторката во својата екпликација истакнува дека нејзиниот удел воопшто не е политички. Дека кинеското министерство долго време бирало 16 композитори од Централна и Источна Европа за да нарача исто толку композиции за својот Национален оркестар. Од нив одбрало две, меѓу кои и нејзината , а дека останатите воопшто и нема да се изведат. Од таму ова за неа е голем комплимент за тоа што и како сработила и згора на тоа задоволство затоа што така отвора простор за македонската делегација во настојбите Културниот центар на Кина да биде во Скопје.

Инаку, Дарија Андовска зад себе има дваесеттина објави од кои поголемиот дел се продаваат на светските интернет сервиси, а минатата година СОКОМ го објави и нејзиниот авторски албум на кој е поместена селекција на композиции кој дотогаш не се нашле на ниту едно друго дискографско издание. А, кога го допираме издаваштвото на Сојузот на композиторите на Македонија, интересно е и тоа што деновиве беше објавен компакт-диск со акузматични дела од македонски автори. На оваа пионерска објава кај нас се поместени некои од најзначајните остварувања на ова поле претставени на фестивалот „Денови на македонска музика“ од творци како Кокан Димушевски, Роберт Саздов, Влатко Георгиев, Андреј Блажевски и се разбира Андовска. Акузматичната музика е форма на електроакустична музика создадена за звучна презентација со помош на звучници, наспроти изведбите во живо.Таа влече корени од т.н конкретна музика (musique concrete) која се појавила во доцните 40-ти години на минатиот век и се смета за една од најголемите придобивки на музичките технологии. И уште мало појаснување - Акузматичната музика е една од најголемите придобивки на музичките технологии, во прв ред дигиталните снимачи и процесори на звук. А, бидејќи се работи за аудио снимки, овој начин на презентација се нарекува и фиксен медиум, во кој централна улога има звукот, неговата боја, неговиот колоритен спектар, додека мелодијата, хармонијата, ритамот имаат споредна конотација. Кон ова уште фактот дека во 2014 година, во рамките на ДММ се одржа и фестивал за електроакустична музика „Звучна имерзија – Фестивал на мадиумски уметности“, на кој за првпат прозвучи композицијата „Елеорп 76“ од Драгослав Ортаков, која напишана 1976 година се смета за прва електронска музичка композиција од македонски творец.

„Новите генерации безмалку се родени со компјутер во рака. Се надевам дека тие ќе ја искористат моќта на технологијата. Притоа верувам дека нема да се порпрат само на неа, туку и ќе си добијат соодветно образование бидејќи се поинаку би било страшен аматеризам“, тврди Андовска.

А, прашана колку, пак, сево ова оди во прилог на довикување на вистинските вредности, колку ја крепи борбата против грдотијата во музиката, културата, времето во кое битисаме, Андовска е категорична во ставот дека и да немаме сили ќе мора да смогнеме за да силно го крикнеме своето креативно и чесно „јас“.

„Просто човек не смее да се откаже и не смее да подлегне на тоа што не опкружува. Затоа што ако сите се предадеме и станеме инертни тогаш нема да има напредок. Еден да е, тој еден треба да се бори. Па макар резултатите биле многу, многу, многу отпосле од кога нема веќе а биде на планетава, тој еден човек треба да се бори“, вели таа.

Кон сево ова само уште информацијата дека „Intervowen“ ( како единствен музички ентитет создаден од неколку музички материјали како традиционалната кинеска љубовна песна „Kang Ding Qing Ge“, краток мотив од македонската народна песна „Со маки сум се родила“ и оригинален авторски материјал, како мозаик од внатрешни помирувања и разрешувања на музички микро и макро космоси, зужувајќи ги во еден звуковен свет) во Кина ќе биде изведена уште во три града, а Андовска паралелно работи и на циклусот „Heavenly Questions“ за Оркестарот на Забранетиот град кој премиерно ќе биде изведен на 13 октомври во Пекинг а потем ќе ја отпочне својата европска турнеја. Згора, композиторката во октомври очекува на Интернационалната трибина на композитори во Белград да биде изведен нејзиниот „Гудачки квартет“ , во Софија на Фестивалот за современа музика - „Мал албум за големи сонувачи од 7 до 77 години“ за пијано, во Атина и така со ред.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG