Достапни линкови

Денови на македонска музика на крстосница помеѓу амбициите и реалноста


Допрва треба да се докажуваме пред своите што правиме за нашата музика и култура. И, тоа е навистина болно, знае да каже Јана Андреевска, композиторка и долгогодишен селектор на програмата на фестивалот Денови на македонска музика чие 41 издание е во тек.

Јана Андреевска, композиторка и долгогодишен селектор на програмата на фестивалот Денови на македонска музика зад кој цели четири децении простум стои СОКОМ, знае да каже дека повеќеслојни се значењата на оваа манифестација. Таа истакнува дека тоа е една платформа на која се промовира македонското музичко творештво, и постаро и поново, и на која се претставуваат македонските изведувачи. Со која се прави обид да се опфатат колку што е можно повеќе разновидни жанрови.

„Во услови на недоволна застапеност особено на современата музика, т.н сериозна или уметничка музика, на нашите простори овој Фестивал е навистина една реткост и кога не би постоел мислам дека би било погубно за сите композитори бидејќи едноставно во земјата би немало каде да се изведува нивното творештво. Со некои многу ретки и случајни, да кажам, не толку систематични прилики“, вели Андреевска.

Дополнува дека барем додека е селектор на манифестацијата, што подразбира во последнава декада, навистина чувствува едно бреме што постојано балансира меѓу она што е возможно и она што е посакувано. Потенцира дека сите што организираат фестивали во земјава, независно од каков и да е вид, се разбира малку посериозни културни случувања, ќе го кажат истото – дека е многу тешко да се постигне пожелуваното затоа што имаат многу мали финансиски можности.

„Ние можеме да имаме прекрасни замисли за нови пристапи кон таа музика, за нови начини како таа може да се презентира, меѓутоа кога ќе дојдеме на муабетот со колку средства располагаме, со какви човечки и просторни ресурси располагаме, тогаш мораме да се сообразиме со тоа што ни е реалноста“, вели таа.

Андреевска истакнува дека нејзе лично многу ја погодува тоа што не е препознаен континуираниот квалитет на Денови на македонска музика. Истакнува дека фестивалот можеби има осцилации од година во година, но дека тоа се многу мали поместувања во однос на квалитетот и којшто повторно се условени од некои надворешни фактори.

„Кога вие гледате дека во последниве 40 години Денови на македонска музика само расте и дека на многу полиња континуирано остварува многу позитивни ефекти, особено во однос на презентација на македонското творештво надвор од земјата, и кога покрај овој Фестивал не постојат многу други од овој калибар, тоа навистина боли. А кои се причините, тоа треба да ви одговорат тие кои така решиле. Јас не можам да ви одговорам на тоа прашање. Ниту можам да кажам зошто на Годишниот конкурс за национални проекти на Министерството за култура поминавме како што поминавме. За жал поради скратениот буџет годинава моравме да ја скратиме и програмата. Ете тоа е во таа насока на прилагодување кон реалните можности“, вели таа.

Таа и со појаснување дека во реализацијата на Деновите на македонска музика, за среќа, помагаат странските институции во земјава како Гете институтот, кој секоја година учествува со една позначителна сума.

„И сега се случува на пример Гете институтот да не препознава како солидни партнери и практично без никаква дискусија ги прифаќа нашите проекти зошто тие секогаш се квалитетни, а ние допрва треба да се докажуваме пред своите што правиме за нашата музика и култура. И, тоа е навистина болно. Болно е. Навистина непријатно. Но, тоа е тоа“, вели Андреевска.

Згора на тоа селекторката ќе рече дека има многу надворешни фактори кои тие колку и да сакаат и не може да ги контролираат како на пример – просторните ресурси. Информира дека подолго време го планирале настапот на ансамблот АРТВОРК, кој патем пред нешто повеќе од 9 години поради болест на еден од членовите настапи со една прилагодена програма, и овојпат сакале да дојдат во комбинација од две пијана и удиралки. Дури сметале дека благодарение на атрактивниот репертоар и фактот што ќе дојдат во полн состав тоа ќе привлече многубројна публика. Дури на крајот на подготовките сфатиле дека ние немаме просторни можности за тоа бидејќи во моментов единствена сала којашто располага со два солидни клавира е Факултетот за музичка уметност, но каде што пак нема доволно простор на подиумот за да се сместат повеќе удиралки.

„Излезе дека ние всушност за вакви ансамбли и немаме концертен простор во ова наше Скопје. Или треба, на пример, да се носат инструменти од некое друго место. Да се изнајмуваат, а тоа многу би го зголемило трошокот за целиот концерт. Ние немаме таков буџет. И, сега кога се зборува за некакви иновации во однос на програмата. Тоа што значи привлекување публика, бидејќи луѓето доаѓаат да видат и одреден простор, да доживее одредена атмосфера, нам рацете ни се врзани. Мене одамна тоа ми стана јасно. И некако престанавме да се бориме против тоа бидејќи едноставно не можеме“, вели таа.

Конечно, Андреевска знае да каже дека по свеченото отворање на манифестацијата во Македонска филхармонија со дела на Сони Петровски, Панде Шахов и Филип Иванов, потем и Мултимедијалниот концерт одржан во кино Култура ( со творби на добитниците на наградата „Панче Пешев“ - Дарија Андовска и Кокан Димушевски, та и на Влатко Георгиев и Иван Пенов), та и „Private Music“ со Димушевски и Љубиша Кировски на виола во Музеј на град Скопје, останува со внимание да се проследат и останатите перформанси. Од нив посебно се акцентира премиерата на операта „Соништа и летови“ на Горан Начевски ( 30 март МОБ), концертот на ансамблот за современа музика КОНТЕМПОРА, и оној насловен „Монохроматика“ зад кој стојат студентите од Факултетот за музичка уметност од чиј, пак, ентузијастички самоиницијативен современ мултимедијален пристап се очекува да донесе особена свежина на Фестивалот.

„Секогаш сме биле отворени за секакви предлози, меѓутоа се гледа со секој концерт всушност да се прикаже еден посебен сегмент од нашево музичко творештво. И да има разнородност на инструментални или било какви други ансамбли. Едноставно да опфатиме што е можно повеќе од актуелната понуда“, смета Андреевска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG