Достапни линкови

Tворештвото на Андовска и Пандевска мултимедијално во Македонска филхармонија


Дарија Андовска и Ана Пандевска
Дарија Андовска и Ана Пандевска

Во камерната сала на Македонската филхармонија, в петок, на 15 декември, од 20 часот, ќе се одржи мултимедијален концерт на кој ќе биде претставен избор од електро-акустичното творештво на Дарија Андевска и Ана Пандевска. Покрај снимените материјали на обете композиторки, во изведбата учество ќе земат виолинистот Владимир Костов, Влатко Нушев на удиралки, пијанистките Марија Вршкова и Дуња Иванова, студенти од Катедрата за современ танц при ФМУ за кои кореографијата ја направи Елена Антонова Петровиќ и Мартин Иванов како автор на видеото.

Звучи неверојатно, но на (суб)културно Скопје во деновите на општа потрошувачка бркотница и се некаква перформативна понуда ќе му се случи и мултимедијален концерт на електро-акустична музика. Во камерната сала на Македонска филхармонија, в петок, на 15 декември, од 20 часот, ќе биде претставен избор од новото творештво на авторките Дарија Андовска и Ана Пандевска.

Публиката ( читај вистинските трагачи по музички возбуди чиј број и не е толку мал кај нас) ќе има можност да ги проследи делата на Андовска: „ThERanatOS - part 4 - Operating System“ за фиксен медиум и видео (видеото е дело на Мартин Иванов), „Zugzwang“ - композиција за ситуација во шахот и други игри, при која еден од играчите ја губи предноста бидејќи мора да направи потег, иако би било најдобро да мирува, „Book of the Devil Valley Master“ за соло удиралки и фиксен медиум ( каде мали музички честички се привлечени од различни изрази во лентата, формирајќи облик кој истовремено е статичен и динамичен) и „Apoptosis - a brief history of small deaths“ за фиксен медиум и танцов перформанс (Реферира кон „Кратка историја на времето“ од Стивен Хокинг и така само ја надополнува метафората за личниот микро - и макро - космос и внатрешните превирања), во кој бележито е и присуството на студентите од Катедрата за современ танц при ФМУ во кореографија на Елена Антонова Петровиќ. Во изведбата на композициите на Андовска ќе учествуваат Влатко Нушев на удиралки, Владимир Костов на виолина и Марија Вршкова на пијано.

Ана Пандевска ќе претстави три свои дела: „Дуња и Дарин“ - пет пиеси за пијано и лента (композицијата е интересна е со начинот на кој ја обработува темата мајка-дете, претставена преку можностите кои ги нуди современата технологија и музичката традиција), „Landscape Atmosphere“ - циклус од три пиеси (Bells on my piano, Crystal drops, White pearls) за пијано и лента и „Life in a Box“ - композиција напишана во 2015 година во која е опишана голготата низ која помина новинарот Томислав Кежаровски со своето семејство и наедно своевиден печат за едно време низ кое поминуваше нашата држава, а во чија изведба ќе учествува пијанистката Дуња Иванова.

„Идејата беше да претставиме нешто свежо во светот на современата македонска музика и притоа да имаат можност публиката, но секако и колегите, да чујат и да проследат дел од она што ние како авторки сме го сработиле во изминатите неколку години“, вели Пандевска.

Андовска, пак, истакнува дека концерт од ваков тип не е прв пат да се случува во Македонија, но дека е прв пат тој да се обистини во институција како Македонската филхармонија чие делување генерално се базира на „железниот репертоар“.

„Во таа смисла овој мултимедијален концерт е многу убав чекор напред за да ја едуцира публиката и таа да се навикне дека и ваква музика постои, да се навикне да ја слуша таа музика и не само да биде шокирана. Веројатно ќе треба да помине време да се надминат детските болести кои се нормални кога е почетна фаза на воспоставување ваков тип на проекти во такви институции меѓутоа мислам дека сите што влеговме во проектот сме влезени со силен елан и дека нема да дозволиме да ни падне духот и дека концертот ќе биде на потребното ниво“, истакнува таа.

Родена 1979 година во Скопје, Дарија Андовска дипломирала композиција на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Гоце Коларовски. Магистрира на ZHdK во Цирих, Швајцарија, кај авторитети како Изабел Мундри (современа музика), Доменико Ферари и Андре Белмо (филмска и театарска музика и продукција), а моментално е на докторски студии во класата на Каја Черновин на Харвард Институтот, во САД. Авторка е на камерна, соло, оркестарска, симфониска и хорска музика, како и на музика за филм, театар, танц и мултимедијални проекти.

Добитничка е на стипендии и учесничка на мастеркласеви и работилници во Скопје, Санкт Петербург, Белград, Дрезден, Охрид, Берлин, Цирих и во други центри, а нејзините дела се изведувани на фестивали и концерти во земјава и во светот Добитничка е на бројни интернационални и домашни награди за нејзините композиции, а филмовите, во кои освен како композитор се јавува и како ко-сценарист и ко-режисер, биле номинирани и наградени на фестивали како Сараевски филмски фестивал, Берлински филмски фестивал, Бриџ филмскиот фестивал.

Згора на тоа Андовска е избрана меѓу најдобрите шест млади и актуелни композитори во Европа за проектот „MusMA- Music Masters on Air“ 2013/14. На два пати (2013 и 2015 година) била добитничка на наградата „Виртуози“ за најдобар композитор во Македонија, на наградата „Истакнат уметник на Град Цирих - Композитор“ за 2014/2015 и претставничка е на Република Македонија за CEEC 16+1.

Дарија Андовска работи како вонреден професор на ФМУ, како и на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Ана Пандевска е родена 1985 година во Скопје. По завршувањето на средното образование во МБУЦ „Илија Николовски Луј“, добива стипендија за двомесечен престој во САД, во „Interlochen Arts Camp“ на отсекот по композиција. Студиите по композиција на Факултетот за музичка уметност ги започнува во класата на проф. Гоце Коларовски, а ги продолжува кај проф. Јана Андреевска во чија класа и дипломира во 2010 година.

По завршувањето на студиите, како волонтер е ангажирана во Националната установа „Танец“, а подоцна работи и како наставник по пијано во „Credo school of music“.

Долгогодишен член е на повеќе хорски состави: „Пиколо“, „Св.Злата Мегленска“, „Танец“...

Интересно е тоа што како автор Пандевска пројавува интерес за вокалната музика, фолклорот и џезот што се чувствува како инспирација во дел од нејзините композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електроакустичната музика.

Како редовен член на СОКОМ, добитничка е на повеќе награди за класична композиција. Во 2015 година постави авторски целовечерен електроакустичен концерт, а нејзините композиции редовно се изведуваат на фестивалот „Денови на македонската музика“, на перформанси во САД, Србија, Словенија, БиХ, и во Македонија. Авторка е на солистички, камерни, хорски и симфониски дела.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG