Достапни линкови

„Зимски пејзаж“ на Ана Пандевска во Паркот на франкофонијата


Три композиции од опусот електро-акустична музика и изложба на слики го чинат „Зимски пејзаж“, мултимедијалниот перформанс на отворено на композиторката Ана Пандевска што ќе се одржи овој четврток, на 20 декември во 19 часот, во Паркот на франкофонијата во Скопје.

Некаде во декември минатата година, во времето на општа предновогодишна бркотница, композиторките Ана Пандевска и Дарија Андовска со умно скроен мултимедијален концепт ја освоија камерната сала на Македонска филхармонија. Во безмалку исти околности, но во поразлични, посурови временски услови какви што се актуелните, Пандевска се реши на уште еден свој храбар и значаен творечки исчекор.

Таа се одважи овој четврток, на 20 декември во 19 часот, во Паркот на франкофонијата и во Мобилно-монтажна галерија во Скопје да го претстави својот нов мултимедијален проект насловен симболично „Зимски пејзаж“.

На програмата ќе се најдат три композиции од опусот електро-акустична музика на Пандевска, а во изведба на нејзината долгогодишна соработничка, пијанистката Дуња Иванова. Во вистински зимски амбиент на кој разбирливо му следуваат ниски температури на воздухот, концертот ќе биде изведен на акустично пијано поставено на отворен простор како можност за испраќање на порака за слободата и достапност на музичката уметност до сите.

„Идејата за мултимедијалниот авторски концерт е да се претстави музиката во едно поинакво светло, односно да се извади од четирите ѕида на кои сме навикнати да присуствува публиката на ваков тип на творештво, електро-акустична музика, и да го направиме настапот на отворено со што тој би бил подостапен за сите слоеви од општеството. Затоа ќе се обидеме дури во овие студени зимски денови да потпишеме и да претставиме еден сосема поинаков концепт кој спојува повеќе медиуми во едно“, вели Пандевска.

Ана Пандевска
Ана Пандевска

Таа и со дополна дека ваквиот потфат би бил невозможен ако крај себе ја немаше пијанистката Иванова, која според неа е веројатно единствената која не ги бира условите за изведба.

„Дуња е една од ретките пијанисти и воопшто изведувачи кои се решаваат буквално во неверојатни услови да работат сè во служба и цел на уметноста. Така што, таа и овој пат не се двоумеше да ми излезе во пресрет со мојата идеја за којашто верувам дека многу други би ја одбиле, меѓутоа тоа за неа беше предизвик дури во едни вакви зимски денови кога надвор дури имаме и снег, а температурите се под нулата, да се нафати и да излезе да настапува на отворено“, вели Пандевска.

Дуња Иванова
Дуња Иванова

Интересно е и тоа дека Ана Пандевска во рамките на овој проект, за прв пат се осмели јавно да ги претстави и своите слики на самостојна изложба која ќе биде поместена во Мобилно-монтажна галерија. Нејзините дела ќе бидат изложени во вид на висечки инсталации, а се изработени на платно и гипс картон во различни ликовни техники.

„Со сликање се бавам аматерски уште од дете или ајде некако малку посериозно од средношколските денови, меѓутоа никогаш не сум имала доволно храброст таа уметност да ја прикажам во јавноста. Најверојатно затоа што сум чувствувала некоја несигурност во техниките и слично, но се решив едноставно да се откријам во еден ваков склоп на мултимедијален настан. Сметав дека ќе одговара сето тоа што сум го работела, особено поинтензивно во последниве неколку години, да биде изложено во еден ваков контекст. Едноставно посакав сето она што како автор сум го сработила, и во музиката и воопшто во уметноста, да го прикажам за публиката“, истакнува Пандевска.

Инаку, композиторката паралелно работи уште на два нови проекти. Едниот е претставување на музиката за пијано и ансамбл каде солист повторно би била Дуња Иванова, а другиот е музика за деца. Од него Пандевска би сакала да објави и книга за електро акустична музика бидејќи во нашето образование такво нешто сеуште не постои.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG