Достапни линкови

„Ругање со Христос“ - филм над кој треба да се замислиме


Јоана Пилиху, актерка
Јоана Пилиху, актерка

Луѓето ја прават историјата, не многу по македонската премиера на „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи ќе рече грчката актерка Јоана Пилиху, која во филмот го толкува ликот на атинската фоторепортерка Андреа Пападина.

Се чувствувам прекрасно. Ова за мене беше неверојатно искуство. Да се дојде овде и да се работи со сите оние кои се вложија себе во снимањето на филмот „Ругање со Христос“. Сите тие се големи професионалци, што е основно во нашата работа. Ми беше навистина задоволство да дојдам во вашата земја и да глумам, а згора на тоа да запознаам мнозина луѓе со кои не го зборуваме истиот јазик, но со кои се разбиравме со јазикот на уметноста. Цели два месеца снимавме овде и видов многу места кои би сакала повторно да ги посетам. Среќни сте што живеете во земја со толку многу природни убавини и искрено се надевам дека ќе имам можност повторно да се вратам и да работам овде.

Со овие зборови, грчката актерка Јоана Пилиху ќе ја проследи македонската промоција на филмот на Јани Бојаџи, која се случи на отворањето на актуелното трето издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“. Таа во филмот го толкува ликот на Андреа Пападина, која бегајќи од дотогашниот напорен и комлициран живот на уметнички фотограф во големата Атина, на северот од земјата, во Македонија, ќе ги направи фотографиите на нејзиниот живот, низ нив раскажувајќи ни за мистеријата на заплетканите човечки, културни и политички односи помеѓу Македонија и Грција и Македонците и Грците.

Со сличен став и нејзиниот колега Аргирис Каканис, кој во филмот мошне впечатливо го отелотворува ликот на братучедот на Александар по мајчина страна од маџирското маало во селото Герман. Тој и со дополна дека „творците на филмот можеби не зборувале на ист јазик, но дефинитивно ја делеле истата страст за својата дејност“.

Говорејќи за делото, Пилиху знае да каже дека она што нејзе најмногу ја фасцинирало е тоа што во филмот се говори на толку многу јазици (македонски, грчки, француски, албански) и што во него се претставени толку многу култури и толку многу различни луѓе.

„Мислам дека ова е убав почеток за уште повеќе филмови како „Ругање со Христос“. Јас сакам кога луѓето со себе ги носат своите белези, својот дом во филмот. Тоа ги допира сите. А овде сме собрани уметници од Грција, Албанија, Франција, од вашата земја, од секаде. Тоа е она што го прави посебен и ова е повеќе од добар почеток“, вели Јоана.

Каканис од своја страна истакнува дека во „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи всушност станува збор за потрага по идентитетот.

„Сценариото е всушност за потрага по идентитетот. Различните култури за мене беа многу интересни. Јас тоа го гледав преку очите на протагонистите. Останува на публиката сама да процени. Ова е многу силна приказна и реално нам на сите овде во регионот ни требаат вакви филмови. Ни требаат филмови над кои ќе се замислиме малку повеќе. Му благодарам на Јани што ми даде можност да бидам дел од овој проект и му честитам на целиот тим за ваквите придобивки“, истакнува Аргирис.

Прашани, пак за тоа дали преку филмот, преку уметноста почнуваме да градиме мостовите на пријателство и да расчистуваме со предрасудите едни за други, актерите со свое видување на нештата. Јоана Пилиху ќе рече дека за неа оваа соработка била како благослов, бидејќи ние сме соседни земји, а всушност и не се познаваме. А, би требало бидејќи толку сме слични едни со други.

„Љубовта, почитувањето, комуникацијата, страста кон професијата, тоа се работите кои ни се толку слични што не може да се опише. Јас додека снимавме се почувствува толку добредојдена од сите, што не можев а да не мислам дека сум дома иако реално не сум таму. Не требаше да се грижам за било што оти толку многу луѓе имаше што сакаа да ми се најдат, да ми помогнат, така што мене не ми остануваше ништо друго освен да се фокусирам на работата и да уживам во секој момент од сетовите“, смета таа.

Аргирис, пак, откако и самиот ќе рече тие се актери и дека си ја вршат најдобро што знаат и умеат работата, истакнува дека е убеден оти филмот поместува некои граници во убедувањата на луѓето во двете земји.

„Верувам дека филмот „Ругање со Христос“ е своевиден мост помеѓу двете земји. Ние мора само така да ги гледаме работите и дефинитивно по страна да ја оставиме политиката. Секаде онаму каде што ќе се вмеша политиката работите дефинитивно стануваат конфузни. Во овој случај треба да си се држиме до приказната и да веруваме во желбата за промени. Јас лично би сакал да верувам дека ова е само почеток на нешто што допрва ќе следи. Конечно зошто да не можеме да бидеме и браќа што ќе се борат против злото каде и да е“, вели Каканис.

Од друга страна, на прашањето може ли со убавите нешта од историјата луѓето, народите, посебно оние кои живеат едни до други, да одат напред во иднината, Пилиху со објаснување дека „луѓето ја прават историјата“.

„Луѓето ја прават историјата. Таа е во нашите раце и заеднички може да ја изградиме нашата идна приказна. Мене не ме интересира како политиката гледа на оваа состојба. Јас се грижам за луѓето, за мојата работа и за наоѓање на врските што може да насочат едни на други. Сите нас. Сè е во наши раце. Ако сите така гледаме на работите тогаш убавите нешта веројатно ќе ни дојдат сами по себе. Луѓето, а не политиката, тоа е она вистинското“, вели Јоана.

Инаку, наспроти осудата на филмот од Министерството за култура изречена и без да биде видено делото (врз основа на трејлерот и верзија на сценариото), како и оградувањето од Агенцијата за филм и најавата за истражни дејствија за тоа како се потрошени доделените средства, „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, според последните информации, утревечер на 9 октомври ќе започне да се прикажува во Штип, а потоа ќе го види и прилепската публика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG