Достапни линкови

Министерството за култура со осуда на јазикот на омраза во „Ругање со Христос“


Министерот за култура Асаф Адеми
Министерот за култура Асаф Адеми

Иако уметноста нема граници, сепак таа не може да служи за поттикнување на омраза, со што се уриваат границите на љубовта и толеранцијата помеѓу луѓето, смета министерот Асаф Адеми.

По објавување на трејлерот на филмот „Ругање со Христос“ на режисерот и сценарист Јани Бојаџи, инаку обнароден пред неговата светска премиера на фестивалот во Монтреал, Канада, и по увидот во сценариото и документацијата на Агенцијата за филм, Министерството за култура со осуда на јазикот на омраза во ова остварување. Според министерот Асаф Адеми, „војниците на ОНА во него се претставени како насилници и силувачи“.

Од таму нивниот став е дека „овој филм нема никаква врска со Министерството за култура и актуелниот состав на министерството, туку е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2015 година. А, Агенцијата за филм е независна институција од Министерството за култура и е поврзана директно со Владата на Македонија“.

„Лоша вест е дека со јавни средства се поддржувале проекти кои не се во интерес на граѓаните. За жалење е тенденцијата на одредени кругови, кои се повикуваат на универзални вредности, а работат на уривање на тоа што за некој е значајно, вредно, дури и светот во Република Македонија. Ова е потврда дека има структури кои Македонија не ја разбираат како поле за културен натпревар меѓу народите, туку како поле за борба на секого против секого. Поаѓајќи од ова, Министерството за култура се дистанцира од овој филм, го осудува јазикот на омраза кој го поттикнува тој и истакнува дека актуелниот состав на Министерството останува посветен на подржување на култура и културни проекти кои го почитуваат другиот, кои ги разбираат другите и кои афирмираат универзални културни вредности“, ќе рече на средбата со новинарите министерот Адеми.

Тој и со дополна дека тие како министерство ќе градат тесна соработка со актуелните раководители на Агенцијата за филм, за преземање на сите потребни законски чекори, со цел овој филм да не му наштети на соживотот на народите во Македонија.

„Откако го видов сценариото и ја разгледав документацијата, врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност, донесов решение за спроведување на инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа на законот за филм. Иако уметноста нема граници, сепак таа не може да служи за поттикнување на омраза, со што се уриваат границите на љубовта и толеранцијата помеѓу луѓето“, смета Адеми.

Министерот и со дополна на имињата на рецензентите и оние кои го овозможиле снимањето на ова ново македонско филмско остварување. Меѓу нив се поранешните директори на Агенцијата за филм Дарко Башески и Мими Ѓорѓовска Илиевска, Огнен Неделковски, режисерот Владимир Блажевски, писателот Александар Прокопиев, филмскиот критичар Благоја Куновски, Евгенија Димитриевска и други.

„Како што се гледа, во овој состав нема ниту еден Албанец, што е посебен скандал, бидејќи вакви скапи проекти, кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата, не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници. Според нас, ова не е замислената мултиетничка и мултикултурна Македонија“, смета Адеми.

Со оглед на тоа што, како што велат од Министерството за култура, „ова не е првиот филмски проект кој се засновува на омраза кон другиот, бидејќи и во минатите години имало филмови со такви содржини, а во меѓувреме може да се појави и некој друг таков филм поддржан во изминатите години и минатиот режим, за нив е важно да кажат дека овој ќе биде последниот филм со ваква содржина“.

„Со новиот закон за култура ова прашање е регулирано поинаку и отсега натаму нема да има никаква можност некој со јавни пари да реализира проекти кои се косат со јавниот интерес на граѓаните. Затоа ние сме сигурни дека во иднина вакви примери на уривање на општествената кохезија во земјата, нема да се повторат“, посочува министерот Адеми.

Горјан Тозија, актуелниот директор на Агенцијата за филм, смета дека како силен висуелен медиум филмот мора пред гледачот јасно да ја манифестира идејата колку и таа да е контрадикторна или пак табуизирана.Во случајот со „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, како што вели, „освен општата конфузност што се провлекува низ приказната нејасно е дали елементита каде што се вмешува етничкиот контекст и се потенцира конфликтот што се случи во 2001 година е во функција на филмот или пак виси како нејасна порака која задира во некои и фрагилни теми од нашата блиска историја“. Тој истакнува дека „и овој филм е дел од скапо платената лекција на производство од 307 филмови, а од кои е мал бројот на тие што доживеаја проекции на големото платно и уште помалку надвор од границите на земјава“.

„Авторската слобода и креативност и натаму остануваат како приоритети и ќе бидат негувани во нашата стратегија. И досега во самата еваулација на проекти е потенцирано дека проектите не смее да бидат со навредлив национален или религиозен карактер и треба да ги негуваат културолошките разлики и интегративните вредности во нашата држава. По примерот на европската регулатива ќе биде воведен и дополнителен увид во снимените проекти преку механизам за колаудација односно пред нивната дистрибуција ќе бидат погледнати забелешките од потписниците што дале зелено светло на сценаријата“, вели Тозија.

Тој и со забелешка дека македонската кинематографија мора да биде градена врз свеж и модерен израз со автентичен сензибилитет на авторите и дека партиските, идеолошките и какви било други вонестетски и вонуметнички влијанија се минато за домашниот филм.

„Во ниту еден момент не е спорно тоа дали филмските автори треба да имаат заддршка кога станува збор за нивната креација, но мора да се води сметка за етичкиот аспект на пораката и да се биде во чекор со времето“, вели Тозија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG