Достапни линкови

„Зборува Скопје“ за 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес


Со враќањето на буквите од пораката на Јосип Броз Тито на источната страна на Музејот на град Скопје и со дваесетина културни настани на неколку локации обединети под заеднички наслов „Зборува Скопје“, неделава ќе биде одбележана 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес на македонската метропола во 1963 година.

Скопје во периодот од 22 до 26 јули со повеќе од дваесеттина културни настани ќе ја одбележи 55-годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Почетокот на случувањата најнапред на виделина го извади отворањето на работниот камп „Скопје на нашите дланки 1963 - 2018“ зад кое како организатор застана Здружение за волонтерско работно и едукативно ангажирање АКЦИЈАШИ, за да потем се случи и враќање на буквите од изјавата на Јосип Броз Тито во далечната 63-та на источната страна на Музејот на Град Скопје. Пораката која долго беше сведок на историската солидарност што Скопје ја доби од светот по разорниот земјотрес и беше препознатлив и нераскинлив дел од Музејот и градското јадро, сега повторно е на своето место, а овој настан симболично наречен „Солидарноста се враќа дома“ беше проследен и со пропратни активности во оваа наша културна установа.

„Самата манифестација започнува со откривање на буквите или текстот, изјавата на Јосип Броз Тито, кажана на 27 јули, доаѓајќи веднаш по земјотресот во посета на Скопје. Тој говорел за катастрофата која што се случила, но пред сè за солидарноста и помошта која ќе биде пружена на градот да се врати во нормала и да застане на нозе како што сме сведоци години потоа дека тоа и навистина се случи“, вели Фросина Зафировска, в.д. Директорка на Музеј на Град Скопје.

А, манифестацијата „Зборува Скопје“ во овие четири дена ќе ги обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијална уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата. Ова поздразбира дека Музејот на Град Скопје, Графити галеријата во ГТЦ, КИЦ, Музејот на современата уметност, платото пред МКЦ ќе бидат сцените на кои во определениот период ќе бидат реализирани бројни културни содржини преку кои скопјани не само што ќе се потсетат на минатото туку и ќе се обидат да фрлат поглед врз иднината на градот во кој живеат и кадешто сонуваат.

Така „Тивка реконструкција на земјотресот“, перформансот на Билјана Радиноска и „Сонува Скопје“, краткометражен филмски колаж на Дина Дума, се делата на нашите млади уметници што ќе бидат дел од централниот настан на 25 јули што ќе се одржи во Графити галеријата на ГТЦ. Потоа ќе следува концертот „Разговор со смисла“ на Mammoth & Yashem, по него и настапот на Тодор Караколев и конечно овој дел ќе биде крунисан со импровизации на музичари од новата скопска алтернативна сцена.

Од друга страна, Организацијата на жените на град Скопје 55-годишнината ќе ja одбележи со поетско читање, а на 26 јули со почеток во 5:17 минути, во времето кога се случил земјотресот, со аудиоакција насловена како „Разбуди се Скопје“ која ќе се одвива на пет различни локации низ градот, во организација на Група урбани уметнички акции и Центар за современи уметности, граѓаните ќе бидат потсетени на трагичниот настан од 1963 година.

Во Кинотека на Македонија, пак, планирано е да се посегне по документарците од архивот и да бидат прикажани „Скопје“, филм на Кочо Недков од 1963 година, „Ехото на мојот град“ на Бранко Михајловски, „Катастрофа, страдања, надежи“ на Славко Јаневски, „Културно богатство во урнатини“ што истата година го снимил Димитрие Османли и „Темели на солидарноста“ на режисерот Трајче Попов.

Во Музеј на современа уметност ќе бидат претставени делата од Грчката колекција, а во Младински културен центар освен што ќе биде приредена Изложба на старата и младата генерација на македонски уметници, ќе се одвива и филмската програма „Досие Скопје“, по што на платотото пред оваа јавна установа ќе следува и музичкиот маратон на кој ќе настапат Ayuune Sule од Гана, Александар Велики од Македонија, Hornsman Coyote од соседна Србија, потем и Natty Fiyah SS (Македонија), а ќе биде сторена и промоцијата на новиот видео спот на Sethstat & Мирко Попов.

„Градот Скопје и Музеј на Град Скопје направија една програма којашто се вика „Зборува Скопје“ со идеја четири дена колку што ќе трае да сборува современо Скопје. Да се случува на многу локации во градот и градот едноставно да пулсира овие денови со сеќавањата не само на жртвите од земјотресот и катастрофата којашто ни се случи, туку и со сето она добро што се случуваше потоа – солидарноста, помошта, учеството безмалку на целиот свет во обновата и реизградбата на градот“, дополнува Зафировска.

Таа и со детална информација дека на в четврток, на 26 јули, во 20:00 часот, во Музејот на град Скопје, установата со која раководи, ќе биде отворена изложбата „Од БРАТСТВО И ЕДИНСТВО ’63 до СКОПЈЕ ’63“.

Темата на оваа поставка, чиј потписник е Зоја Богдановска, кустос советник историчар, се настаните од историјата на Скопје кои што се случиле веднаш по земјотресот. Имено, во првите денови по катастрофата, на 27 јули 1963 година, во градот пристигнале младинците – членови на скопските студентски младински работни бригади кои што во летото 1963, биле на градилиштата ширум Југославија и учествувале во изградбата на автопатот „Братство-единство“. Овие младинци веднаш биле вклучени во спасувањето на граѓаните кои што биле заробени под урнатините, местеле шатори за скопјаните кои што останале без своите домови, учествувале во погребувањето на загинатите, а подоцна учествувале и во изградбата на населбите.

Целта на изложбата е преку текст проследен со автентични фотографии и факсимили од документи од времето на земјотресно и поземјотресно Скопје, да се истакне значајниот миг кога скопските младинци и студентите од цела Македонија, како и младината од цела социјалистичка Југославија, водени од чувството на заедништво и пред сè од човечноста и сочувството за еден град кој доживеал невидена катастрофа, биле едни од првите кои што несебично ја дале својата помош уште во првите денови по катастрофата.

Изложбата ќе биде поставена во Музеј на Град Скопје и надвор од зградата, на отворениот простор под источната фасада, во автентичен амбиент во урнатини на старата железничка станица. На отворениот простор ќе биде изведен амбиент на бригадирска населба со шатори, клупи, огниште, знамиња, алат и слично.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG