Достапни линкови

Бојаџи: „Ругање со Христос“ е правен со идеја дека секој терор раѓа нов терор


Светската премиера на новиот македонски филм „Ругање со Христос“ од Јани Бојаџи ќе се случи на 30 август на престижниот Филмски фестивал во Монтреал, Канада. Делото е одбрано од околу 5000 апликации и со уште 11 други остварувања ќе биде прикажано во рамките на најголемата и најважна „Светска селекција“, по што ќе патува и на други значајни глобални манифестации.

Уште кога работев на сценариото се трудев идејата да не ми ја раскаже приказната, туку идејата да произлезе од приказната што во кинематографијата е вистинскиот пат. Инаку „Ругање со Христос“ има крајно едноставна, но и прилично комплицирана структура. Неговата структура не е фабулна, туку е фугатна. Четири прказни се раскажуваат одделно, секоја за себе, но сите взаемно се вкрстуваат во една приказна.

Вака, режисерот и сценарист Јани Бојаџи ќе ја започне сторијата за својот нов филм „Ругање со Христос“ чија светска премиера ќе се случи на 30 август на престижниот Филмски фестивал во Монтреал, Канада. Делото е одбрано од околу 5000 апликации и со уште 11 други остварувања ќе биде прикажано во рамките на најголемата и најважна „Светска селекција“, по што ќе патува и на други значајни глобални манифестации.

Тој дополнува дека синопсисот за филмот е крајно едноставен.

,,Александар Филипопулос (Љупчо Тодоровски, Македонија), новинар во познат политички магазин во Париз, Франција, со потекло од Грција, во деновите кога неговиот личен и професионален живот е на раскрсница, добива писмо од Вани (Младен Крстевски, Македонија) инаку негов братучед од Грција дека татко му Лазар (Мето Јовановски, Македонија) умрел во Македонија. И се му се превртува наопаку! Александар, во Франција драматично ја напушта неговата сопруга Магда (Јана Клејн, Франција) и од Париз се враќа во Атина а од таму во неговото родно место, селото Герман (Агиос Германос) на северот од Грција покрај Преспанското Езеро. Оттаму тој тргнува во потрага по вистината за тоа кој всушност бил неговиот татко Лазар Филиповски. Потрагата ќе го однесе во Скопје и назад кон Грција. На тоа животно патување случајно со него ќе замине младата и егозтична Андреа Пападина (Јоана Пилиху, Грција), која бегајќи од дотогашниот напорен и комлициран живот на уметнички фотограф во големата Атина, на северот, во Македонија, ќе ги направи фотографиите на нејзиниот живот, низ нив раскажувајќи ни за мистеријата на заплетканите човечки, културни и политички односи помеѓу Македонија и Грција и Македонците и Грците.

„Тие сцени ние ги снимавме минатото лето во Преспа. Во Нивици, Псарадес, како сакате кажете. Герман е дел од тој конгломерат. Буквално еден дел од филмот се одвива на 50 метри од таму каде што се сликаа политичарите и го потпишаа тој „фамозен договор од Преспа“. Дали тоа беше случајно, не знам, но не беше многу пророчки јас тоа да го разберам затоа што и јас самиот сум дете на таа војна во Грција и таа приказна ми е сосема позната“, вели Бојаџи.

Прашан, пак , што бара тука меѓу приказните 2001 година, режисерот со објаснување дека тоа е година која е клучна за нас во Македонија. Дека тоа е пресвртна година и токму поради тоа се решил да се бави со неа во филмот. Истакнува дека во него има една цела драматуршка линија во која Лазар Филиповски на пат од Скопје кон Тетово ќе биде грабнат од терористите на УЧК. Згора има две сцени во филмот во кои се говори за блиската историја – едната е битката на Радуша заедно со мавровските работници, а како што истакнува, филмот практично започнува со убиството на Ванчо Каранфилов во Тетово, млад човек кој беше застрелан додека играше кошарка.

„Тоа се три вистински настани кои ние ги обработуваме за да покажеме дека некогаш инструментите и средствата се толкуваат како средства за слобода, а некогаш се толкуваат како средства за терор. Идејата на филмот е да кажеме дека ниту еден терор не направил ништо добро, туку дека секој терор раѓа и создава нов терор. Затоа и поднасловот на филмот е: Секој против секого – Господ против сите! Се обидуваме да кажеме дека кога ќе тргнеме против секого којзнае каде ќе завршиме“, појаснува Јани Бојаџи.

Говорејќи за тоа како ќе биде примен филмот од фестивалската, од светската публика, авторот со дополна дека филмот, според Бертолд Брехт, како што вели, има две функција – едната е да биде забава, а другата да образува. Затоа Бојаџи како негов творец и се обидел да не заборави дека станува збор за дихотомен медиум.

„Не е ова „филм-проект“ какви што 25 години се прават во Македонија. Не го правевме овој филм да му се допаднеме некому надвор. Него го правеа сериозни луѓе кои немаат потреба да се вмрежуваат во „проџекти“, во туѓи рамки. Така сме го чувствувале, така сме го раскажале. Некому ќе му се допадне, некому не. Ниту кога го пишував сценариото, ниту сега се занимавам дали „Ругање со Христос“ некому ќе му се бендиса. Дали ќе го разберат. Сепак, мислам дека мнозина ќе го разберат филмот. Меѓу 12-те одбрани во Монтреал има различни филмови, но филмот зборува со универзалниот јазик. Зборува со јазикот на љубовта на крајот на краиштата. Ова е љубовна приказна меѓу едена Македонец – Лазар и една Гркинка – Марија и помеѓу еден полу-Македонец и една повторно жена од Грција – Андреа, се бави со универзални теми во определена смисла“, истакнува Бојаџи.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG