Убаво е кога човек ќе добие некое признание на фестивал. Помала или поголема награда. Меѓутоа убедливо најдоброто признание за едно уметничко дело, во случајов за филм, е да го гледа публиката. Иако секоја награда е добредојдена не смее да се заборави дека филмот се прави за публика.
Ова ќе го забележи Марјан Гавриловски, режисерот на македонскиот независен филм „Јавачи на коњи“, кој деновиве доби награда за најдобар филм на филмскиот фестивал „Fam Fest International 2018“ што се одржа во Северна Каролина, САД.
„Нема човек што не сака да добие награда, меѓутоа според мене главна работа е филмот да добие што поголема покриеност, односно што повеќе гледачи да го видат и до што поголем број на публика тој да стигне. И затоа фестивалите се одлична можност филмот да стигне до публиката во различни држави, во конкретниот случај во Америка“, вели Гавриловски.
Станува збор за остварување, кое тој го сними пред нецели две години по сценарио на Никола Кузелов и кое ја следи приказната на тројца бескуќници од кои едното е хендикепирано лице. Тие живеат во сопствените паралелни светови и нивната најголема желба е како да стасаат до храна.
Од таму Гавриловски дополнува дека тие понудиле една универзална тема и приказна којашто сите подеднакво ја разбираат.
„Хендикеп на некого е момент кој насекаде по светот, во сите држави е исто. И сите го разбираат. Но, тоа не е главната приказна. Главната приказна е бајка. Ова е една бајка која пробавме да ја раскажеме преку тоа момче. И за тоа мислам дека за самиот филм има големо разбирање на фестивалите. Заради разбирливоста на главната тема која е универзална. Не е врзана за Македонија. Не е локална“, смета режисерот.
„Јавачи на коњи“ досега бил прикажан на на 20 фестивали во Европа и во светот меѓу кои "Craft Film Fest" во Шпанија, „VasterasFilm“ во Шведска, „МedFF“ во Италија, „Cape Town IFMF“ во Јоханесбург, а со признанието на „Fam Fest International 2018“ во Северна Каролина, филмот автоматски е селектиран и влегува во трка за награди и на поголемиот и попознатиот „World Film Fair“, што ќе се одржи во Њујорк до крајот на тековнава 2018 година.
Инаку, делото е снимено во август 2016 година на локации во Скопје. Во него покрај Кузелов играат Бобан Кулески и Долорес Поповиќ. Директор на фотографија е Даниел Калач, автор на музиката е Бобан Апостолов, а во екипата се и Златко Стројановски, Адриан Мани и Симон Кипровски.
Згора на тоа Гавриловски, не само како режисер на „Јавачи на коњи“ туку и како прв човек на сопствената „Импририор продакшн“, појаснува дека своевремено бил скептичен околу идејата дека нема да успее да најде средства за снимање на филмот од некои фондови и дека токму и затоа, а со желба да има комплетна контрола врз правата за негова дистрибуција, се решил самиот да го финансира. Сега знае да каже дека прашањето „независен“ или „буџетиран“ филм е всушност како меч со две острици.
„Во независен филм парите како шанса се најголемиот проблем, меѓутоа идејата која ти како автор ја спроведуваш останува исклучиво твоја. Значи не полагаш сметки на никој друг освен на себе. Кога е филмот зависен од продуценти, спонзорства, во таквите работи има доза на компромиси кои понекогаш можат да бидат и не баш добри за самиот филм. Тоа, според мене, е една основна разлика“, вели тој.
Добивањето на ова значајно признание него го затекна во мигот кога се подготвува за снимањето на следбеникот на „Јавачи на коњи“, за кој открива само дека нема да биде работен според сценарио на Кузелов и дека ќе се обиде да го сними со подршка на Агенцијата за филм, односно на Министерството за култура на Република Македонија.