Достапни линкови

Тетовски четвртоодделенци снимија филм за Благуња дејче, пожаранче


Наместо завршна приредба, тетовските четвртооделенци со наставничката Даниела Апостоловска снимија филм според народната песна „Благуњо дејче, пожаранче“.

На забавен и креативен начин секоја година наставничката Даниела Апостоловска заедно со своите 32 ученици, кои сега завршија четврто одделение го одбележуваат завршетокот на учебната година. Овој пат направија филм посветен на настанувањето на песната „Благуњо дејче, Пожаранче“. Тие снимале во гостиварско Пожаране од каде потекнува Благуња и при тоа раскажуваат како се одвиваат случките по кои е испеана изворната народна песна.

„Воспоставивме многу контакти со луѓе кои можат да ни помогнат за да ја доловиме традицијата и автентичноста на настанувањето на песната. Започнавме со изнаоѓање на стари тетовски носии како што носеле нашите баби и прабаби од „амзоо“ време како што се кажува во филмот. Потоа воспоставивме контакт со жителите на родното место на Благуња, а тоа е месната заедница во Пожаране. Нè пречека голема група на пожаранци кои беа воодушевени од нашата идеја. Нивната Благуња опеана низ цел свет да биде ставена на филмско платно, посебно дека станува збор за деца“, рече Апостоловска.

Од Пожаране снимањето продолжило во Тетово каде живеел нејзиниот сакан за кој не успеала да се омажи. Во градот децата преку тетовски дијалект, носењето градски костуми и фустани се обидуваат да ја доловат атмосферата од минатото.

„Од Пожаране дојдовме во стариот дел на нашиот град каде што во сите оние сокачиња каде што можевме да ја најдеме традицијата од она што останало. Работејќи на терен забележавме и видовме дека сепак сè уште духот на нашето Тетово кое може да се долови и сè уште дише на тетовската калдрма доколку се расчепка, а ние го расчепкавме и да го доловиме онака како што било некогаш“, рече наставничката.

Одделението се нарекува „Матицата и нејзините пчелки“ па оттаму филмот е насловен „Еден дн на мицајте трмќе у амзоо време“ на тетовски дијалект или „Еден ден на малите пчелки во старо време.

„За да се долови минатото во ова модерно време на техника и технологија не беше лесно. Им давав насоки на ученците како треба да се движат. Како треба да се однесуваат. Доколку имаат бројаница, доколку имаат ладарка како да застанат“, изјави наставничката.

Минатите две години учениците, наместо завршна приредба, заедно со тетовски музичари правеа песни и видео спотови.

XS
SM
MD
LG