Достапни линкови

Кумановските средношколци домаќини на врсници од седум европски земји


Средношколците од гимназијата Сами Фрашери во посета на Општина Куманово
Средношколците од гимназијата Сами Фрашери во посета на Општина Куманово

Средношколци од Германија, Белгија, Италија, Шведска, Унгарија, Шпанија и Франција беа во посета на нивните врсници од гимназијата Сами Фрашери од Куманово, како дел од проектот „Младите во работа“, поддржан од ЕУ.

Гимназијалците од „Сами Фрашери“ од Куманово со угостување на нивните врсници од Германија, Белгија, Италија, Шведска, Унгарија, Шпанија и Франција го завршија заедничкиот проект „Младите во работа“, поддржан од Европската унија. Средношколците и нивните наставници вклучени во проектот од споменатите земји, во изминатиот тригодишен период преку средби и информации се запознавале со Македонија како мултиетничка држава, со нејзините стопански субјекти, културно-историски знаменитости и природни туристички потенцијали.

„Ние како училиште ја претставуваме Македонија во Европа и сме дел од осумте европски земји“, вели Халили Камбери, секретар во гимназијата „Сами Фрашери“.

РСЕ: Што ги интересира највеќе децата од овие земји за Македонија?

„Она што не беше случај со другите земји домаќини, за Македонија заинтересираноста за посетата беше поголема. Така ние овозможивме од Шпанија, наместо да дојдат четири деца и двајца наставници, дојде едно дете повеќе, зашто не можеа наставниците никако да го одбијат“, вели тој.

Камбери додава дека во изминатите три години најдобрите ученици од училиштата по една недела имале можност да се запознаваат со секоја земја, така што за посета во Македонија децата биле заинтересирани за секојдневниот живот во семејствата, како и за животот во мултиетничкото општество. За покомплетна слика за нашата држава која учениците од „Сами Фрашери“ ја претставуваат ќе бидат посетени и неколку разни локации, а претставници од економскиот сектор ќе одржат средба со нив.

„Во Скопје ќе биде посетена Саат кула, куќата на Мајка Тереза, Соборниот храм, ќе бидат посетени и некои компании, како и мегалитската опсерваторија Кокино“, вели Камбери.

За „Младите во работа“, градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека локалната заедница била во тек со реализација на проектот. Тој појаснува дека проектот бил специфичен, бидејќи се занимава со грижата за младите луѓе во општеството, како и за нивното полесно вклопување во него и остварување на нивните цели.

„Токму овие проекти на ЕУ ни даваат за право да ги користиме искуствата на земјите кои имаат понапреден образовен циклус, да ги адаптираме нашите задачи и цели и на тој начин да бидеме компатибилни и конкурентни со сите образовни процеси ширум Европската унија“, вели тој.

Дамјановски посочува дека младите од Куманово, како и воопшто од Македонија, се соочуваат со постојани трансформации во образовниот процес, затоа вакви средби, заеднички проекти, се од голема полза за нив и за нашето општество. Тоа е еден од начините нашите млади луѓе просперитетно да ја креираат иднината.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG