Достапни линкови

Насилство кај основците - децата го носат печатот од семејството


Илустрација: Училиште, училница
Илустрација: Училиште, училница

Однесувањето на учениците зависи од каква средина доаѓаат. Како се однесуваат со нив дома, така тие се однесуваат во училиште, велат стручњаците. Свое влијание имаат и општо-образовниот процес, блиската околина и средина, времето и новините кои тоа со себе ги носи.

Семејството како основна клетка на општеството има најголема улога во воспитувањето на децата, а по тоа не се исклучок ниту во Куманово. Најсоодветно воспитување на децата е преку примери на однесување на родителите, велат стручњаците, зашто од дома потекнува сè. Свое влијание имаат и општо-образовниот процес, блиската околина и средина, времето и новините кои тоа со себе ги носи.

Насилството и агресивноста кај основците постои, а со таквите или деструктивно хиперактивните ученици тешко се справуваат и родителите и општеството. Тие се склони не само кон повредување на нивните врсници или непознати минувачи, туку и кон криминални дејствија. Институциите генерално топката на надлежноста ја префрлаат едни на други и на крајот таа завршува во училиштата кои се исто така немоќни.

Елизабета Костадиновска Костиќ, директорка на Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово
Елизабета Костадиновска Костиќ, директорка на Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово

„Зависи од каква средина доаѓа детето, како се однесуваат со него дома, тоа се рефлектира на неговото однесување во училиштето“, вели Елизабета Костадиновска Костиќ, директорка на кумановското Основно училиште „11 Октомври“, кое е единствено со предзнакот мултиетничко во Куманово.

За полесно справување со вакви ученици за кои пак малку јавно се зборува затоа што се малолетни, во ова училиште постои стручен тим. Дефектологот Кристина Јовановска Петковиќ, член на тимот, вели дека првин се советуваат учениците.

„Да го детектираме проблемот. Причините најчесто се емоционална повреда кај децата од страна на родители, недоволно пружање љубов. Во случајот што ние го имаме со ученикот е дека тој бил повеќе темпераментен во однос на неговите братчиња и сестричка, родителите него затоа и построго го казнувале и на крајот кренале раце од него“, вели таа.

Кристина Јовановска Петковиќ, дефектолог во Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово
Кристина Јовановска Петковиќ, дефектолог во Основното училиште „11 Октомври“ во Куманово

Додека родителите се премногу работно ангажирани, а и самите зависни од мобилните телефони и интернет забавите, нивните деца сè повеќе се препуштени на гледање филмови преку интернетот и тоа неконтролирано, видео игри во кои се прикажува насилство, агресија и криминал. Децата се идентификуваат со најсилните и најдеструктивните јунаци, кое потоа го прифаќаат како правило на однесување, вели Костадиновска Костиќ. Кога во училиштето со деструктивно однесување ќе се појави некој ученик, останатите или се плашат од него и се дистанцираат, или пак некои му се придружуваат затоа што тоа им се допаѓа.

Дали се размислува на основците да им се одземаат мобилните телефони кога ќе влезат во училиштето, а тие да им се вратат на заминување.

„Засега употребата на телефоните за време на наставата е забранета. Имаат телефони, но тие им се исклучени. Лично сум размислувала за таа мерка во соработка со родителите кои им ги даваат телефоните за да имаат контрола и следење, така што првин ќе поработиме со родителите, а потоа ќе преземеме мерки“, вели таа.

Во ова училиште Костадиновска Костиќ вели дека има основци од македонски, српски и ромски етникум, но на таа основа нема конфликти. За случаите кои по негативностите се одделуваат од останатите, освен помош од родителите се бара помош и од институциите кои често пати одговорноста ја префрлаат едни на други.

Според Костадиновска Костиќ, тие во училиштето организираат работилници со родителите, оти како што вели, во денешното време и некои од родителите се тешки за „воспитување“, што кореспондира и со однесување на децата.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG