Достапни линкови

„Мисли слобода“ на Селешковиќ – сведоштво за моќта на уметноста


„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ
„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ

Со претставувањето на инсталацијата „Мисли слобода“ на Едина Селешковиќ на улица Македонија, оваа среда, на 21 јуни, беше сторен визуелно-ангажираниот вовед во годинешното издание на културната манифестација Скопско лето. Станува збор за уметнички проект со кој од Сараево, Босна и Херцеговина, се испраќа порака за мир и слобода кон регионот, во Европа и во светот.

Инициран во 2015 година во Сараево со идеја да помине во повеќе од 30 градови во светот, „Мисли слобода“ или „Think Freedom“ на познатата босанско-американска уметница Едина Селешковиќ е јавен уметнички проект со кој се испраќа порака за мир и слобода од Босна и Херцеговина кон регионот, во Европа и во светот. Станува збор за целина која е комбинација на скулптура, инсталација, перформанс, светлина, звук, филм, пишан збор, но и на нови глобални комуникациски технологии со цел да се обединат младите генерации преку универзалната моќ на современата уметност. Авторката на овој начин им пружа рака на младите ученици и студенти, заедно да создадат уметничко дело и своевиден урбан спектакл и да го споделат со своите врсници со цел преку творештвото да се поврзат на глобално ниво.

„Мисли слобода“ всушност е осмислена како инсталација која се состои од илјадници елементи, скулптури на мирот, направени индивидуално од метал со сребрена боја кои се поставени во импресивна формација налик јатата птици во слободно и со ништо неусловено движење кои стремат кон подобра и посветла иднина. Секој дел од инсталацијата претставува моќен симбол, бидејќи скулптурите се формирани од две метални ленти како две раце кои доаѓаат заедно или две пораки што се извртени во препознатливата форма на птици.

„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ
„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ

Овие скулптури, стилизирани птици во стилот на современите трендови на уметноста на минимализмот и на контекстуалниот уметнички израз, имаат дополнителен елемент на кинетика и звук. Згора на тоа инсталацијата има импресивен емоционален и визуелен ефект врз проследувачите, но и на оние што може да ја проследат преку еден од глобалните медиумски канали.

Наспроти естетиката и визуелноста, проектот носи уште еден многу значаен дополнителен елемент. Учениците и студентите од секој град каде што тој патува, се разбира и оние со кои беше во контакт во Скопје, преку предавањата на Селешковиќ за уметноста, се иницирани да пишуваат на тема што значи за нив слободата и како ја гледаат својата иднина со неа. Овие пораки инсталацијата ги носи со себе и тие продолжуваат да живеат како сведоштво за универзалната моќ на уметноста и слободарската мисла на новите генерации.

„Би сакала сите граѓани, сите посетители кои што дојдоа да ја видат и доживеат инсталација да размислат што точно ним им значи слободата. И тоа да го запишат и да го споделат со нас и со илјадниците други луѓе од светот“, вели Селешковиќ.

„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ
„Мисли слобода“, уметничка инсталација на Едина Селешковиќ

По промовирањето, во текот на 2016, „Мисли слобода“ беше претставен во Нови Сад и потем во Бања Лука, годинава патуваше во Љубљана и во Сплит, а по Скопје проектот е планирано да замине во Загреб, па во Подгорица, Копенхаген, Виена, Париз и на крај во Осло. Неговата презентација подразбира и посебен павилјон на градовите дотогашни домаќини во рамките на Венециското биенале во 2019 година, сè уште се договараат претставувањата во Хирошима, Јапонија и Кито, Еквадор, за да конечно акцијата кулминира со поставувањето на инсталацијата на 47 улица и со презентацијата на проектот во Њујорк на крајот од оваа декада.

Родена во Тузла, Едина Селешковиќ, преку програмата за размена на ученици и студенти, во САД отишла во 1991 година. Дипломирала скулптура на познатата уметничка академија Коркоран во Вашингтон и потем трагајќи по своето парче арт-небо се нашла во Њујорк. Нејзините дела досега биле изложени на повеќе од 50 самостојни и групни изложби во северно-американскиот континент, Европа и во Азија. Призната како меѓународно успешна уметница и препознатливо име во светот на модата и дизајнот таа е вклучена во листата на Националниот музеј на жените во уметноста во Вашингтон.

Селешковиќ е добитничка на бројни награди, од кои посебно бележита е Sculpture Space Fellowship во Њујорк во сезоната 2010/2011.

Од соработката на Едина со уметници од различни дисциплини произлезе и формирањето на уметничката група The Stoodio и модните куќи Anie Rexe. Таа е и меѓу основачите на уметничка заедница на Вилијамзбург во Њујорк. Познатa е и по перформансот Take one работен во соработка со фотографката Емили Роу, по видеоартот Maid in Chinatown работен во соработка со Арон Шепард и презентиран на првотo кинескo биенале во Пекинг во 2008 година и многу други. Со јавни уметнички проекти, Едина започнала да се бави уште додека била на Академијата. Тогаш со академскиот сликар Адин Хебиб (чија изложба на Скопско патем лето ќе ја видиме в петок, на 23 јуни, во 20 часот во Галеријата на НЛБ) го направиле муралот во амбасадата на Босна и Херцеговина во Вашингтон, а таа соработка продолжува и ден денес.

Кон ова уште и информацијата дека Селешковиќ често се враќа во татковината дома и реализира проекти кои се поврзани со нејзината сегашност. Во 2007 во БиХ е објавена посебна верзија на поштенска марка со нејзина слика, а шест години подоцна таа ги дизајнирала и маичките на националниот кошаркарски тим и сите навивачки реквизити.

Треба да се спомене и тоа дека Едина е основач и на првата програма Artist in Rezidence во студиото на Исмет Мујезиновиќ со поддршка на Амбасадата на САД во Сараево и Меѓународната галерија на портрети во Тузла, а моментално живее на релација Њујорк, Сараево и Тузла.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG