Достапни линкови

Текбилек со музика - лек за душата за отворање на Скопско лето 2017


Концерт на турски музичар и композитор Омар Фарук Текбилек на Скопско лето, постер
Концерт на турски музичар и композитор Омар Фарук Текбилек на Скопско лето, постер

Со концерт на прочуениот турски музичар и композитор Омар Фарук Текбилек и неговиот интернационален состав, на 21 јуни, во 22 часот, во Македонската опера и балет, ќе биде отворено 38-то издание на Скопско лето, манифестацијата чија мисија беше и останува да го крепи и негува урбаниот дух на градот.

По цели четири години од промовирањето на идејата, бројни разговори и во предвечерието на светската промоција на неговиот последен, 15-ти по ред, соло албум „Love Is My Religion“, конечно на Скопско лето од САД, каде што подолго време живее и твори, ни доаѓа врвниот турски и светски инструменталист Омар Фарук Текбилек. Оној за кој од поодамна знаеме дека е вистински амбасадор на мултикултурализмот и кој инспирациите ги црпи од традиционалната Суфи уметност и арапската традиционална музика и во кои вклучува и амбиентални електронски елементи.

„Текбилек е препознатлив по врвното мајсторство во владеењето на традиционалните инструменти како неј, саз, тарабука, баглама, кавал и зурла . Неговата музика е лек за душата. Допира до нашите чувства и носи порака на зближување“, вели Фуат Коркмаз, директор на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје, дополнувајќи дека во неговиот бенд во оваа пригода ќе биде и еден македонски музичар – перкусионистот Ратко Даутовски.

И, кога сме веќе тука уште неколку значајни биографски цртички за големиот уметник. Роден 1951 година во Адана, Омар Фарук Текбилек како дете започнал да го изучува суфизмот и имал намера животот да му го посвети на овој дел од Исламот. Но, на 15-годишна возраст решава да стане професионален музичар и го напушта училиштето. Со својот брат заминуваат за Истанбул каде тој се спријателува со мистичниот виртуоз на саксофон Исмет Сирал, кој го подучувал на изведбите да им приоѓа следејќи ја сопствената интуиција. Го терал „да им свират на птиците, на сликите...“.

Во 1971 година бил дел од ансамблот на едно турско културно-уметничко друштво кое било на турнеја по Америка и тогаш ја започнал својата идна сопруга. По враќањето во татковината најнапред го отслужил воениот рок, за да по извесно време, копнеејќи по љубената, повторно замине од онаа страна на Атлантикот. А, таму, во Рочестер, во околината на Њујорк, пет дена работел во некоја од тамошните фабрики, а за време на викендите свирел. Првиот бенд со кој настапувал се викал СУЛТАНИ и музички се обидувал да ги доближи комерцијалниот поп и звукот на медитеранот.

Ваквата негова реалност потрајала повеќе од една цела деценија, за да во 1988 година Текбилек биде „откриен“ од Брајан Кин кој тогаш ја подготвувал музиката за филмот „Сулејман Величенствениот“ и трагал по автентичен звук за саунтракот. Воодушевен од неговото мајсторство, Кин подоцна станува продуцент на Омаровите дискографски објави и клучна личност во градењето на интернационалната кариера на уметникот.

Притоа значајно е да се спомене и тоа дека во 2003 година Текбилек во родната Турција бил овенчан со признанието „Најдобар музичар“, дека истата година бил номиниран и за престижната BBC World Music Award за Блискиот Исток, потем станал и почесен доктор на науки на Универзитетот „Булент Еџевит“, добитник на неколку признанија за албум на годината и така со ред.

Од неговите соработки со врвните инструменталисти посебно бележити се оние со артисти како џез трубачот Дон Чери, некогашниот тапанар на легендарните КРИМ – Џинџер Бејкер, пејачката Офра Хаза, Хосам Ремзи, Глен Велез, Бил Ласвел, Трилок Гурту, Били Кобам и Ману Каче и мнозина други.

Потпишувајќи серија на исклучителни дискографски објави со кои се етаблирал како најпознат светски експонент на музиката на Блискиот Исток, Текбилек соработувал и на музиките за бројни филмски остварувања и телевизиски серии, а настапувал насекаде по светот – од земјите во Медитеранот, преку Австралија, Европа и се до Северна и Јужна Америка.

Конечно, неговата музика, иако слегува до извориштето на традицијата, сепак е бележана како современа и модерна, та дури и како „космичка звуковност“, а самиот знае да каже дека целокупното свое творештво го темели на четири значајни постулати – мистицизмот, фолклорот, романтиката и имагинацијата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG