Достапни линкови

ЧСПШ АНСАМБЛ со „На лице место“ промотивно во Станица 26


Дејв Вилсон, музичар
Дејв Вилсон, музичар

„На лице место“ е насловен деби албумот на македонско-американскиот ансамбл ЧСПШ (CSPS Ensemble), чија концертна промоција е планирано да се одржи в четврток, на 2 февруари, во 22 часот, во скопскиот клуб Станица 26. Станува збор за уникатен проект на виртуози како Кирил Кузманов, Трајче Велков, Иван Иванов, Бојан Петков, Кирил Туфекчиевски, Ратко Даутовски и Дејв Вилсон, за издание чиј ко-продуцент и снимател е Ален Хаџи-Стефанов и кое неодамна се појави со етикета на новозеландската куќа „Скајдек“.

Музиката не познава граници, ниту временски и просторни одредници. По нецели две години од заокружувањето на иницијалната идеја, по промотивниот поголем концерт одржан во рамките на културната манифестација Скопско лето, еве го македонско-американскиот ансамбл ЧСПШ (CSPS Ensemble), именуван според првите букви од родните градови на членовите – Чикаго, Скопје, Пробиштип и Штип, со нивната деби објава. Албумот е насловен „На лице место“ („On The Face Place“) и е плод на исклучително плодната соработка помеѓу сакасофонистот, композиторот, етномузиколог и универзитетски професор Дејв Вилсон и неговите колеги – врвни инструменталисти, алт-саксафонистот и флејтист Кирил Кузманов, трубачот Трајче Велков, контрабасистот Кирил Туфекчиевски, гитаристот Бојан Петков, Ратко Даутовски на перкусии и кларинетистот и саксофонист Иван Иванов.

Материјалот е сниман летото 2015 година во студиото „Чикен меднес“ во Скопје, а снимател и инженер на звук бил Ален Хаџи-Стефанов, кој патем заедно со Вилсон е и ко-продуцент на албумот на ЧСПШ ансамбл.

Говорејќи за овој уникатен проект Дејв Вилсон знае да каже дека првите контакти со македонските музичари ги имал некаде во 2011 година кога почесто бил во земјава завршувајќи ги сопствените истражувања за докторскиот труд на универзитетот во Лос Анџелес и кога дел од нив сè уште бил на постдипломски студии на конзерваториумот во Грац, Австрија. Почнале да свират заедно по клубови и набрзо заклучиле дека сето тоа треба да го развиваат со мисла зад себе да остават некаков звучен документ од дружбата.

„Таа 2014-та година кога бев тука во Македонија имавме можности да свириме подолго време заедно. Почна да се развива некоја убава атмосфера, да струи некоја неверојатна силна енергија меѓу нас. Јасно ни беше дека сите ние сме од истата страна на барикадите и некој од музичарите еден ден истрча со предлог дека сето тоа треба да израсне во некаков заеднички проект. И решивме кога веќе имаме добра музика, кога напишавме и свириме и свои композиции зошто сето тоа да не го снимиме. Да ги снимаме и клупските настапи, концертите да влеземе во студио. Убаво ни беше“, вели Дејв.

Тој дополнува дека на сесиите во „Чикен меднес“ биле многу фокусирани на работата и дека материјалот (главно негови и композиции на Туфекчиевски и заедничко видување на класиката на Карл Орф - „Кармина Бурана“ која овде е именувана како „Карма Бура“) го снимиле само за неколку дена. Откако заклучиле дека „сето тоа држи вода“, Вилсон и Хаџи-Стефанов се погрижиле за продукцијата, по што Американецот со својот колега Лук Вандер Пол го сторил мастерингот на Западниот брег додека ја подготвувал одбраната на докторатот на Универзитетот во Лос Анџелес. Конечно изданието, за кое патем одличното ликовно решение е на Ника Гавровска, ќе биде заокружено на Универзитетот Викторија во Велингтон, на Нов Зеланд, каде Дејв моментално е вработен како професор.

Самиот истакнува дека овој проект е во склад со неговите цели како творец и со потребата да ги продлабочи сопствените врски со Македонија.

„Долго време доаѓам тука и едноставно додека можам сакам да и дадам поддршка на локалната сцена. Овде има страшни музичари, вистински мајстори и според мене тие треба да бидат препознаени надвор од Македонија. Не само во регионот или во Европа, туку на светско ниво. Сите овие музичари кои свират на албумот имаат завидни интернационални кариери, значи познати се на некои сцени надвор од земјата, но јас сакам тој процес и натаму да го подржувам како човек на кој не му се непознати македонскиот јазик и македонската музика и култура“, вели тој.

Од друга страна, на Вилсон му е сосема јасно дека „далечината си го прави своето“ и дека иако иницијатор тој и не ќе има многу можности со сите сили да му се посвети на проектот, та затоа вели дека тие можат одвреме-навреме да свират и без него. Но сепак е убеден дека ова може да се смета за нивниот прв вистински чекор кон Европа и кон светската џез сцена.

„Ние сакаме заедно да свириме, но јас велам дека тие ќе можат со оваа музика од „На лице место“ да настапуваат и без мене. Јас лично имам голема надеж дека овој проект може и натаму успешно да се развива. Најпрво очекувам убави рецензии за албумот од светските медиуми, а со тоа ќе почнат да се отвораат и можности за настапи. Најнапред на фестивалите на Балканот. Јас имам доста слобода на Нов Зеланд и поддршка од Универзитетот кај што работам и за да ги продолжам истражувањата во Македонија и затоа ова може да го сметаме како прв чекор кон Европа, а потоа ќе видиме“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG