Достапни линкови

„Заборавени песни“ за празникот Василица во МОБ


„Заборавени песни“ е насловен годинашниот василичарски концерт што во Македонската опера и балет ќе се одржи овој четврток, на 12 јануари, во 20 часот. На програмата се традиционални македонски напеви со специјално подготвени аранжамани од композиторот Илија Пејовски, солист ќе биде Андријана Јаневска, режисер на проектот Љупка Јакимовска, а со оркестарот ќе диригира маестро Бисера Чадловска.

По цели 25 години од промовирањето на идејата, традиционалниот василичарски концерт на МОБ, кој во меѓувреме стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените во нашата национална установа, со ново руво. Овојпат како целовечерен настан зад кој стамено ќе се исправи едно пејачко име. Во случајов поп пејачката, вокалистката во составот МИТАН и солистка во Оркестарот – Андријана Јаневска.

Јаневска, која и досега умешно пливала во изведби на традиционалните напеви, во случајов ќе се обиде да се плодотворно и инспиративно да се нурне во колекцијата насловена како „Заборавени песни“ и така само на свој начин емотивен начин да ги интерпретира бисерите како „Да сум бистра вода“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“, „Три години лудо болна лежам“, „Слегов долу во визбата“, „Три билбила поев“, за кои, пак, аранжманите специјално ги подготви композиторот Илија Пејовски. Инаку и аранжер на „Те сакам бескрајно“, нејзината прва поп песна што во дует со Пеце Огненов ја отпеа на Скопскиот фестивал во 1998 година.

„Традиционалните македонски песни се на некој начин меч со две острици. Имаме примери за многу препеани песни, некојпат тоа звучи добро, некојпат лошо. Тенка е онаа линија по којашто се оди и дефинитивно не треба да се премине во некакво сквернавење на нашата традиција“, вели таа.

Јаневска уверува дека овој концерт ќе биде нешто сосема поразлично.

„Со аранжманите на Илија Пејовски на таа материја ќе и дадеме еден друг призвук и околу тежината на самите песни и околу комплексноста пред се. Тоа е настап со жив оркестар, тоа е жива материја, сè може да се случи и поради тоа има голема тежина. За мене претставува и огромен предизвик затоа што настапувам пред своите колеги со кои деценија и половина музицирам во Оркестарот“, ќе рече во пресрет на концертот Андријана Јаневска.

Таа дополнува дека со маестро Пејовски многу студиозно му пришле на проектот. Дека имале десеттина средби и одделни проби со клавир и конечно дека слушајќи ги неговите сугестии подготвила низа фактографски податоци (каде и кога била првпат снимена песната, кој ја отпеал...) што би сакала на настанот да ги сподели со љубителите на убавата музика и почитувачите на традицијата.

Инаку, со концертот „Заборавени песни“, МОБ практично се вклучува и во одбележувањето на 70-годишнината од раѓањето на инструменталистот, композитор, аранжер, диригент и професор Илија Пејовски, со чие творештво во 1970-те и составите што ги водел како СКОПСКО ЏЕЗ ТРИО, ИМПУЛСИ, ИЗЛЕЗ, АБЦД, СПЕКТАР, започнува да вирее она што потем ќе биде органски именувано како „македонски џез“.

„Тоа е навистина едно големо авторско име во Македонија и еве на еден ваков начин МОБ го дава својот придонес во одбележувањето на неговиот јубилеј и во создавањето на едно ново творештво. Секако Андријана Јаневска беше неговиот избор. Од сите пејачи што ги имаме на домашната сцена тој се одлучи токму за неа и верувам дека таа соработка ќе излезе убаво на зодоволство на публиката што ќе го проследи концертот. Воедно верувам дека со оваа соработка ќе биде создаден и еден нов циклус на дела што ќе бидат документирани како придонес од ова наше време“, забележува Сони Петровски, директор на Операта.

Кон ова само уште информациите дека со Оркетарот на МОБ ќе диригира Бисера Чадловска, дека во една од песните како солист на тамбура ќе свири виртуозот на народни инструменти Стевче Стојчевски, а режисерка на целиот проект ќе биде Љупка Јакимовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG