По нецели три години од „Мо(ну)мент“, проектот ( комплексен објект и видео проекции) што премиерно беше обнароден на Скопско лето и кој потем беше претставен и во Македонскиот културен центар во Њујорк, скулпторот и педагог Гоце Наневски еве го со својот нов творечки исчекор. „Анатомија на векот“ е насловена видеотрилогијата која, во периодот од 4 до 24 мај, ќе може да се погледне во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица во Скопје.
Станува збор за три социјално-политички ангажирани индивидуални видеа „Раѓање“, „Судбина“ и „Ние, вампирите“ со концепциско-документаторски карактер, за кои кураторката Ана Франгоска, во своето писание за каталогот, ќе забележи дека „ не е априорна реакција и критика на актуелното секојдневие, туку преку малите суштествени наративи со многу генерална конотација укажува на мошне клучни деформации на општествената свест, кои ги дефинираат ликот и опачината на претставникот на едно трансформирачко општество без видлив расплет“. Таа дополнува дека „видеата имаат и забавен елемент бидејќи играат на тенка линија помеѓу пренагласена сериозност-ангажираност и духовитост, продлабочени размисли наспроти модули кои имаат многу плитка животна филозофија...и дека Наневски визуелно ја обликува личната перцепција за анатомијата на животот, т.е. за конструктивните аспекти на животот приоѓајќи им како на скелетон кој бара статичност и издржаност“.
Говорејќи за „Анатомија на векот“, авторот истакнува дека, во принцип, тоа е она што уметниците го велат: дека „го бележат времето во коешто живеат и дека најнормално е еден ликовен работник да се занимава со сегашноста“. Тој дополнува дека самиот практикува да се занимава и со социјалните аспекти на ликовната уметност и со политичките, но пред сè „со фундаменталните животни прашања кои се ставени под прашалник во последниве неколку десетлетија“.
Вели дека се работи за еден негов личен основен интерес за филозофското гледање на најсуштествените прашања како што се раѓањето, судбината и прашањето на вампирството. Односно се прашува кој е нашиот рефлекс кон секојдневието, всушност како секојдневието и останатиот свет реагира на сите нас. Од таму, појаснува дека, ако во делот „Раѓање“ се зборува за суштината на раѓањето, од најфизичка до најесхатолошко-философска смисла, во „Ние, вампирите“ се поставува прашањето за етиката...такашто бележита е изјавата на еден од соговорниците таму во која тој нагласува дека „дури и вампирите имале етика...тие знаеле да земат четири од петте вреќи кога некој оди да меле брашно, но една му оставале“.
„Сегашнава етика не познава такви скрупули. Така да, целиот овој проект е една рефлексија на моето гледање на нештата во овој наш локален современ свет. Она што ние секојдневно го живееме и со кое секојдневно се судруваме. И како индивидуи и како професионалци, и како пациенти во болница и како учесници во сообраќајот...и како научни чинители и како уметници...Едноставно сите оние искрења и судири што ни се случуваат во секојдневието се преточени во овие три кратки видеа“, потенцира Гоце Наневски.
Уметникот, ќе рече дека „денешницата е одраз на некаков квалитет или неквалитет“. Самиот се дума „дали сме се родиле за да можеме да се одродиме“, за да потем констатира: „изгледа не сме се родиле за да достигнеме некакво цивилизациско ниво за да знаеме што е свето, а што не е свето...“.
„Не ги загубивме границите...мислам дека не сме ги ни поставиле од самото свое чинување како луѓе, како народ, како територија, како земја во крајна линија. Мислам дека ги немаме тие нешта и дека сиот наш квалитет, односно неквалитет, дојде сега до израз...па кој како сака нека толкува.“
Наневски е убеден дека уметникот апсолутно треба да има свој став, но дека прашање на морал и етика е дали тој став ќе го изнесе јавно или не.
„Мојот став е дека нештата не се во ред и мислам дека можат да бидат многу подобри. И тоа како подобри ...и дека можеме сите заедно да направиме тоа да се поправи. Сметам дека мора многу да се работи на образованието, на етиката, на моралот...на сите оние нешта што ќе придонесат за развивање на еден квалитет кој достојно ќе не презентира пред светот. Ние и тоа како сме мали како земја и мислам дека треба многу да работиме, да дадеме се* од себе...за да се презентираме во едно вистинско светло. Ова „светло“ што сега ние го презентираме е „светло на гаснење“, не е рефлексија и слика која далеку одекнува.“
Прашан, пак, дали поради природата на медиумот во кој творел има шанси неговиот проект – трилогијата „Анатомија на векот“ да не биде само локален крик, Наневски потсетува дека „уметникот иако сме во 21 век е на маргините од ова општество и дека тоа сеуште ќе трае“. Дека инструментализацијата на уметноста е познат принцип кој постоел во историјата и кој, за жал, сеуште постои.
„Уметникот треба да си го каже својот став и еве, барем мојот личен проект, би било интересно да се презентира и на некое друго иако е тесно врзан со сето ова што тука нам ни се случува како секојдневие. Сите тие неизвесности, премрежија, прашалници, нејасности ...низ кои ние поминуваме се преточени низ еден суптилен јазик, да речам, можеби не буквален, меѓутоа се согласувам дека се тоа силно ангажирани видеа.“
И, мало потсетување. Роден во Скопје 1974 година, Гоце Наневски е професор на Катедрата по вајарство на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Кирил и Методиј“. Тој зад себе има 15-на самостојни изложби во Република Македонија и во земјите од регионов, на три пати се претставувал и во САД, а во 2009 година беше наш претставник на 53-то Биенале во Венеција, Италија.